„Челичниот Мајк“ во Русија: Како Тајсон заклучи дека оваа земја е „премногу совршена“ за него?

Мајк Тајсон во СССР во 1988 година

Мајк Тајсон во СССР во 1988 година

Getty Images
„Челичниот Мајк“ во Русија го најде она што мнозинството негови американски сонародници тешко успеваат да го сфатат за Русите: нивната нежна и чувствителна страна. Претходно Мајк Тајсон, сепак, сметал дека во оваа земја „сè се врти околу сексот и моќта“. Наведуваме пет нешта што во Русија најмногу го изненадиле „лошото момче“ од светот на спортот.

Чувствителност и љубезност

За време на неодамнешната посета на Тајсон на Русија кон крајот на февруари што ја организираше рускиот индустријалец, поранешниот боксер го посети уралскиот регион. Имаше исполнета и понекогаш изненадувачка програма. Посети детски градинки каде се фотографираше со децата, учествуваше на церемонијата по повод почетокот на изградбата на нов спортски центар, во рингот ја проба опремата за виртуелна реалност и одржа боксерски мастер клас со младите.

За целото ова време зборуваше за своите ставови за Русија и за Русите и за тоа како Американците ги доживуваат Русите. „Во Америка за Русите не постои мислење дека се чувствителни. Но, со оглед на тоа дека ја пропатував Русија, сфатив дека тука луѓето се мошне чувствителни и љубезни. Мнозинството Американци немаат поим за тоа“; рече Тајсон.

Претходно минатата година тој во врска со руската чувствителност додаде едно предупредување: треба многу да внимавате да не ги повредите нивните чувства, инаку можат да се изнервираат.

Омилена историска личност му е Иван Грозни

Боксерот ги потсети своите домаќини дека тој ја сака и руската историја. Во Екатеринбург го посети музејот „Русија – моја историја“, каде имаше личен водич. Според информациите од локалните медиуми, Тајсон поставувал прашања за советскиот водач Јосиф Сталин, за кого мислел дека е „лошо момче“, како и за руската револуција. Подоцна на прес-конференција призна дека има симпатии кон Григориј Распутин, озлогласениот мистик и „близок пријател на царското семејство“.

Боксерот исто така имал пофални зборови за рускиот цар Иван Грозни, кој бил мошне важен реформатор, но е запаметен како суров и воинствен владар. „Често размислувам за времето кога Русија била нападната од сите страни и само благодарение на Иван Грозни агресорите биле протерани од земјата“, рече американскиот боксер.

„Кул момчето“ Лев Толстој

Тајсон ја почитува и руската литература, особено Лев Толстој, кој за него е „кул момче“ и секако, според него“ треба да се прочитаат неговите книги. Тајсон го читал Толстој додека ја издржувал тригодишната затворска казна на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, откако беше прогласен за виновен за силување на 18-годишна натпреварувачка во избор за убавина.

Како што запишал во својата книга „Неспорна вистина“(Undisputed Truth, 2013), кога во 2005 година ја посетил Москва посакал да ја види куќата на Толстој. „Преведувачот кој нè водеше во обиколка беше изненаден што ги знам имињата на сите деца на Толстој и дека сум запознаен со комплицираните односи на Толстој со својата жена“, признава боксерот.

Интелигентни проститутки

Во 2005 година Тајсон ја опиша Москва како „Њујорк на стероиди“, а Русија како земја каде можел „неказнето“ да прави што сака. Во „Неспорна вистина“ пишува за колгерлите во Москва кои биле пообразовани од оние во САД. „Би можеле без проблем да водат некоја успешна компанија“. Исто така запознал политичари и мафијаши кои живеат во огромни вили и пишува дека во Русија, како во ниту една друга земја, „сè се врти околу сексот и моќта“.

На крајот, сепак, Тајсон заклучува дека Русија „не е добро место за него“. „Во рускиот јазик не постои нити збор за 'рамнотежа'. Во Русија нема рамнотежа, само екстреми. Затоа јас таму толку добро се вклопувам. Тоа место е премногу совршено за мене и за моите демони. Беше убаво да престојувам во Русија“.

Муслимански херој

Почетната причина за доаѓањето на Тајсон во Москва во 2005 година беше средбата со неговиот терапевт кој неколку месеци годишно работел во руската престолнина. Како што се сеќава бил мошне трогнат за време на една терапевтска сесија кога учесниците зборувале за своите тешки животни приказни. Тајсон им раскажувал за своето детство: за насилството, за односите со мајка си и за постојаниот страв. Присутните биле трогнати од приказната на боксерот и од неговиот отворен став и му рекле дека „треба да биде политичар или проповедник“.

Ова не е единственото „духовно“ искуство на Тајсон во Русија. Тука е и посетата на Чеченија. Тајсон најпрво ја прифати поканата на чеченскиот лидер Рамазан Кадиров да дојде во претежно муслиманската република, зашто за тоа бил добро платен. Но, излегло дека „оваа посета има сосема поинаква духовна смисла, во врска со Алах и исламот“.

Мајк Тајсон и Рамзан Кадиров во Чеченија во 2005. година

Тајсон во затвор го прифатил исламот и зел ново име: Маил Абдул Азиз, што значи „крал и слуга на Севишниот“. „Во целата земја (Чеченија) сум славен како муслимански херој. Муслимански херој – како да не – бев луд наркоман“, пишува подоцна Тајсон, мислејќи на својата долгогодишна зависност од дрога. Сепак, останал во контакт со чеченскиот лидер и подоцна повторно го посетил овој руски регион.

Прочијтај уште: Пет нешта кои го фасцинирале Шварценегер во Москва

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња