Напади во руските училишта: има ли сличности со масакрот во Колумбајн?

Reuters
Во јануари за само една недела во руските училишта се случиле три напади со нож и секира – напаѓале самите ученици. Сите тие на социјалните мрежи се дел од таканаречените „трукрајм комјунити“ за масакрот во американското училиште Колумбајн. Излегува дека биографијата на школските стрелци во Русија ги проучуваат десетици илјади деца и тинејџери.

Во училиштето бр. 127 од Перм (1.400 километри од Москва) двајца 16-годишни тинејџери го нападнале четвртото одделение: еден ја прободел наставничката со нож во грло, а настрадале уште 15 лица. По два дена во мало село во Чељабинската област (1.700 километри од Москва) еден ученик на одмор му забил нож на друг ученик. По уште два дена во бурјатското село недалеку од Улан Уде, на југот на Сибир, ученик од 9 одделение ги нападнал учениците со секира и со Молотов коктел – седуммина се ранети.

За само една недела во јануари во руските училишта се случиле три напади и тоа од сопствените ученици. Според една од верзиите на правобранителите, нападите биле поврзани, а мислата за тоа ја дале „трукрајм“ групите на социјалните мрежи – јавните објави и блоговите за училишните пресметки, често се посветени на масовното убиство од 1999 година во американското училиште „Колумбајн“ (учениците Ерик Харис и Дилан Клиболд од постарите одделенија ранија 31 луѓе од кои 13 починаа, а потоа напаѓачите се самоубија). 

Ерик Харис и Дилан Клиболд (десно) во во американското училиште Колумбајн, Април 20, 1999.

Сите напаѓачи биле дел од ваквите групи, објавувале видеа со вооружени напади на училишта, преобјавувале, ставале фотографии; тинејџерот од Бурјатија масакрот го направил во маичка со рок-групата KMFDM, како што носеле и напаѓачите од „Колумбајн“. Во иста таква група бил и Михаил Пивнев кој во септември 2017 година со кујнски сатар ја удрил наставничката и ја застрелал во лице.

Рускиот регулатор Роскомнадзор започна блокирање на ваквите групи на социјалните мрежи. Најбројните имале по 10 илјади члена. Сепак, групите се појавуваат одново.

Место за пречекување на сите што се мразат во училиштето

„Респект, дечки! Во текот на 4 месеци јас работев на групата, но никој за нас не знаеше. Пред повеќе од една недела (по ужасниот случај во Улан Уде) првата група беше блокирана. Но, во текот на следната недела јас собрав иста толкава група членови“, пишува во еден од своите статуси администраторот Brock (псевдонимот е изменет). На страницата на групата – дневникот на ЕиД (Ерик и Дилан), има нивни фотографии, архивски документи, мемиња и фан-артови.

Brock и уште тројца креатори на групите со кои разговараше Russia Beyond-Македонија тврдат едно исто – смислата на таквите групи се состои во тоа што не треба да се прави, „тоа е лекција за сите“, до какви трагедии доведува малтретирањето во училиштето (психолозите сметаат дека причината за масакрот на ЕиД била повеќегодишната неповолна ситуација во училиштето). Згора на тоа, тие им помагаат на тинејџерите со проблеми – тука барем можат да најдат слични на себе и да позборуваат со нив.

„Ние сме против насилствата. 'Трукрајмовите' се безбедни, тоа е само документарна информација која е стара 20 години, цитати, или како во мојата група – едноставно мемиња“, вели администраторот на групата „Смешни мемиња за Колумбајн“ Николај Драздов. По два дена од разговорот, неговата страница беше отстранета.

Во групата на Brock постојат и фотографии со неочигледни по смисла потписи од типот „Ако не направиш скулшутинг, ти к***ц (ништо) во животот ќе постигнеш“. Во коментарите се потпишува и извесен Дима Котов од Севастопољ кој пишува за својата желба „да организира како во Колумбајн“. На неговата страница има многу преобјави од тру-крајм групите, лајф-хакови за стрелање и сопствени постови „Мразам“, „Сите ќе ве застрелам“ и „Чекајте го 20 април...“ со фотографии од пиштол.

Што мисли државата за ова

Во Министерството за врски и масовни комуникации сметаат дека сите групи кои се посветени на „култот“ на „Колумбајн“ треба да бидат блокирани заедно со оние кои пропагираат тероризам и самоубиства. „Во суштина, меѓу нив не постои разлика, тие исто така пропагираат асоцијално и деструктивно однесување, па затоа треба да бидат уништени“, вели (линк на руски јазик) заменик-министерот Алексеј Волин.

Роскомнадзор, по чија наредба се блокираат групите, директно зборува (линк на руски јазик) за тоа дека блокираните групи содржеле информации кои кај тинејџерите можеле да предизвикаат самоубиство.

„Сè започнува од мала група“

Трукрајм-групите започнаа да се појавуваат во Русија на почетокот на минатата деценија и долго време беа предмет на интерес на мала група луѓе. Исто како и групите за најпознатите измамници или манијаци. 18-годишната Дијана се заинтересирала за „Колумбајн“ случајно. Видела пост на Интернет и влегла во групата. На нејзините социјални мрежи најмногу има постови за Хари Потер, „Твин Пикс“ и песни од Алт-Џи и од Хрт.

„Потоа ме заинтересира, почнав да ги читам записите на Ерик. Така почна да се создава сложувалката. Ми беше интересна психологијата на овие луѓе, што ги тера на тоа. Но, ништо особено во нив (во групите) нема. Да се обвинуваат групите е смешно. Современиот социум го притиска тинејџерот кон ѕидот. Доколку сите се однесуваат еден кон друг поедноставно и доколку не се даваат прекари како „бубалица“, „лузер“ или „спортист“, живеењето би било поинтересно. Никој не би помислил да го повтори Колумбајн“, вели Дијана.

Пермските и бурјатските напади во трукрајм-групите се нарекуваат „позерство“ – „тоа се обични деликвенти кои добиле инспирација и сакале да станат 'познати'. Да, тоа што тие се фанови на Харис и Клиболд е вистина, но ништо повеќе од тоа“, вели Дроздов, мотив за одмазда за навреда имаше само кај Пивнев, кој ја застрела наставничката. Останатите не ги знаеле своите жртви и не страдале од малтретирање.

Влезот во училиштето 127 во Перм.

Во медиумите оваа приказна се претставува како „нова реалност“ и како последица на оддалечувањето на родителите, училиштата и факултетите од социјализацијата на децата. На пример, лошата работа на школските психолози или баналната рамнодушност на родителите (учесниците на масакрите соопштувале за своите намери на социјалните мрежи и прашувале каде можат да најдат оружје, но никој ништо не презел; еден од нив дури и одел кај психолог). Секако, на врвот на проблемот се поставуваат трукрајм-групите, кои наводно тераат на насилство и предизвикуваат „верижна реакција“.

„Но, знаете ли што е најлошо? По овој бран на војна од медиумите и од најчитаните блогери, кои направија прилози за ова, темата како да експлодираше. Зголемувањето е едноставно огромно. Не за џабе тие тоа го отворија“, вели Драздов. Дијана се согласува: „Тоа е како епидемија. Започнува со мала група луѓе, а се заразуваат сите останати“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња