„Шумски човек“: Живот во куќа среде тајга на државна служба

Иван Зујков
Националниот парк Столби во близина на Краснојарск (4.000 километри од Москва) секоја година го посетуваат 200.000 туристи. Едниот дел на Столби можат да го посетат туристи, а другиот е целосна дивина. Целиот парк го чуваат шумари кои живеат во шумските стопанства. За нив националниот парк е работно место, а за „шумскиот човек“ Генадиј Квитвевич тоа е родна куќа среде тајга. Генадиј живее тука веќе 40 години.

Дрвена куќа, мачка и печка

Се возиме по патот среде густа зимзелена шума. Куќата на Генадиј се наоѓа на границата на Краснојарск и прочуената зона на Базајската локална шумска управа. Тука не се слуша градската бучава – насекаде има само тајга. 

Тука Генадиј има убава и квалитетно направена куќа во која живее сам. Наоколу има помошни згради, уредно наредени дрва и големо куче кое е врзано за кога ќе дојдат гости. Во куќата покрај белата печка лежи мачка со дамки и ужива во топлината, а од фотографиите на ѕидовите нè гледаат членовите на семејството на Генадиј и животните „уловени“ од шумските камери за фотографирање и за видеоснимање животни и птици. И мечката со трите смешни мечиња, и мршавиот волк, и внимателниот рис, и моќните лосови на фотографиите делуваат како и тие да припаѓаат на семејството на шумарот. 

Генадиј во 1975 година дошол да работи во резерватот. Како момче тој живее во град и работел во фабрика каде режимот на работа бил строг, во согласност со социјалистичкиот план и натпреварувањата во вид на „петолетка која треба да се исполни за четири години“. „Сето тоа го притискаше човека, особено оној што мисли“, вели Генадиј. Поради тоа тој решил целосно да го смени својот живот. Шумите во близина на градот не му биле непознати. Тој таму одел со пријателите кои се занимавале со планинарење без заштитни јажиња и добро ја познавал тукашната тајга. Затоа ја избрал работата шумар. 

„Од детството бев врзан за земјата. Живеев во приватен сектор и ми беше интересно сè да правам со свои раце“, раскажува тој. „Во куќата беше тивко, а надвор паѓаше ситен снег“. Во текот на седумдесеттите години од минатиот век шумарот според законот добил куќа на користење и помошни објекти во кои можел да чува крава и свињи. Имал на располагање и плацови со трева кои можел да ги коси, а исто така и сè што му било потребно за да подготви дрва за назима. Имал и одвоена парна бања, направена од дрва. Секој шумар добивал коњ или мотоцикл за да може да ја обиколува територијата. Кога некој ќе дојде да работи во резерватот брзо му станува јасно дали ќе може да издржи или не. Ако напролет ништо не посадил и не цепел дрва, ами само грицкал семки и ловел риба, тоа значи дека нема да опстане. Шумарот мора да умее да работи сè. Мора да знае како треба со животните, со возилата и со механизмите.

Генадиј работи во Столби над 40 години. Тој е главен за фотостапици. Тоа се скриени камери за следење животни што националниот парк ги има набавено пред 4 години. Во еден момент тој од шкафот вади дебела папка со колор-фотографии од животни. Тоа е неговата омилена колекција. Во архивата на националниот парк веќе се чуваат над 100.000 слики на Генадиј. Серијата фотографии со наслов „Капалиште“ е посветена на местото каде доаѓаат сите животни од тајгата: темната мечка, лисиците, лосовите, срните, пругастите верверици и големите тетреби.

„Минатата година на капење дојде една мечка со мечињата. Таа влезе во водата, а мечињата се плашеа да влезат. Оваа година на истото место дојде друга мечка, исто така со мечињата, но тие веднаш влегоа да се капат со мајка си. Што мислите, зошто е тоа така?“, нè прашува Генадиј додека ги разгледуваме фотографиите. 

Јас и фотографот понудивме неколку одговори, но ниту еден не беше убедлив. Тогаш шумарот самиот одговори: „Првата мечка ги имала окотено мечињата на некој од врвовите и поради тоа тие во својата прва година живееле таму. А, втората ги донела мечињата на свет во шумата каде цело лето минувале преку реката Калтат, така што водата е нивна природна стихија“. 

Фотографиите се направени со помош на скриени камери.

Прошетка по снежната патека 

„Дали кучињата ви помагаат во чувањето на куќата“, го прашувам Генадиј додека слушам како надвор лаат кучиња и ги обувам валенките (во шумата снегот е висок 50-60 сантиметри).

„Кога како. Еднаш навечер кучето многу лаеше, но не како обично“, раскажува шумарот додека ги обува масивните чизми. „Излегов на тремот за да видам кој стои во мракот. Ми се причини дека е њуфаунделнд, но гледам дека не е, ами дека е нешто поголемо. Потоа помислив дека е пони од соседниот камп со пони. Но, гледам дека нема копита. И во тој момент... Знаете, велат дека се случува во една секунда целиот свет да му мине на човека пред очи. Тоа и мене ми се случи кога сфатив дека пред мене стои мечка. Плеснав со дланките и таа замина. Изутрината видов дека мечката ја изгазила целата градина и дека заминала преку реката. Така што кучето многу не помага...“ 

Излеговме надвор. Снегот на почетокот паѓаше полека, а потоа сè посилно. Започна да вее. Оддалечените дрвја повеќе не се гледаа добро. Се вративме по тесната снежна патека која шумарот сам ја направил. Генадиј одеше брзо, самоуверено, не плашејќи се од „снежното море“ во кое се најдовме. Ние со ситни чекори брзавме зад него, плашејќи се да не паднеме во снегот. 

„Генадиј, а која куќа ја доживувате како свој дом?“ 

„Тешко ми е да одговорам“, вели тој по долго молчење. „сè почесто ги земам предвид двете куќи. Првата е на баба ми, каде живееја моите родители. Тоа беше голема куќа на село. Таму имавме руска печка и баба ми во неа печеше леб, а ние децата спиевме на неа. Таа куќа на сите им е мила. Затоа сум против животот во големите градови. Тие не ги спојуваат луѓето. Сега сум тука во стопанството на националниот парк, но оваа моја куќа е привремено живеалиште. Повеќе ме влече шумата. Кога одам низ шумата, чувствувам дека сум во својот елемент. За мене дом не е она што има покрив“. 

Се враќаме во удобната куќа каде е тивко и мирно како и во шумата. Генадиј ни подготвува чај, вади на масата слатки, чинии со колбаси и земички. Го прашувам зошто одлучил да живее тука? 

Интуицијата ми зборуваше што треба да направам. И додека тоа не го направив, не можев да се смирам. Имав неколку идеи за тоа каде би сакал да живеам. Ако интуицијата ви кажува нешто не бегајте од себе, ами обрнете внимание на тоа“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња