„Во шеесеттите години од минатиот век полкот што го чува Кремљ имал посебна дивизија, која се нарекува 'ловци на врани'“, вели Кирил Воронин, главен орнитолог на Кремљ. „Војниците од оваа единица ги истерувале враните од таваните на зградите на Кремљ, ги затворале отворите и прозорците, спречувајќи ги враните да се пробиваат и да се гнездат на таваните. Каква борба беше тоа!“
Гулаби, чавки, но главно враните, кои во толкав број ги има во Москва, можат да бидат вистинска главоболка за луѓето кои го одржуваат Кремљ. Птиците ги земаат цвеќињата и семињата од градините на Кремљ и пренесуваат болести. Уште еден проблем е нивниот измет: кулите на Кремљ имаат комплицирани архитектурни украси, високите куполи се прекриени со плочки, со црвени ѕвезди на врвот. Чистењето на овие обележја е голема работа, полесна е да се истераат враните оттаму. Поради тоа во осумдесеттите години од минатиот век соколите се воведени како чувари на Кремљ. Птиците-грабливки се поврзуваат со Кремљ и со неговите жители се поврзуваат од предреволуционерните денови.
„Омилени соколи на царот Алексеј“, 1889, сликата на Александар Литовченко (1835-1890).
Википедија„Мора да постои време за работа, но има и еден час за забава“, пишува царот Алексеј Први во 1656 година во прирачникот кој го осмислил за соколарите од својот двор. Со тоа младиот цар сакал да нагласи дека за благородниците работата и забавата се подеднакво важни. За Алексеј соколарството било главен спорт. Ловот со птици била вообичаена забава за европските кралеви во средниот век. Во Русија исто така била популарна од 15 век. И Иван Грозни ловел со соколи.
Царот Алексеј на своето хоби трошел неверојатни 120 илјади рубли годишно. Тогаш во Москва изградба на скромна куќа чинела само 10 рубли, додека некои високи благородници кои поседувале градови и села, годишно можеле да заработат околу 10 илјади рубли од даноци, наемнини и трговија.
Царот вработувал професионални соколари кои му припаѓале на благородништвото и биле многу добро платени, поседувал крлетки за соколи и често одел на лов во московските шуми. Секоја година за потребите на царот се купувале над 100 нови птици-грабливки. Во Москва сè уште постојат два топонима кои се поврзуваат за соколите: реонот Сокољники, каде некогаш се наоѓало омиленото ловиште на Алексеј, и реонот Соколинаја гора, каде се наоѓал еден од птичарниците. Но, во тоа време соколите не служеле како чувари: биле многу скапи и се сметале за благороднички подарок.
На почетокот чуварите на Кремљ се обидувале да ги избркаат враните со претходно снимен звук на соколи, но, како што вели орнитологот Воронин, пердувестите мршојадци набргу се навикнале на тие звуци, па како ефикасна се покажала само употребата на вистински птици. Прво се користеле соколи, но наскоро биле заменети со јастреби.
Кога лови, соколот се искачува високо на небото, а потоа се спушта на пленот и го убива со своите канџи. Ако утне, се обидува повторно. Во градски услови тоа може да доведе до загуба на птиците, доколку соколот ја утне целта и се удри во зграда или во земја, или ако се изгуби во градот. Кремљ се наоѓа во прометниот и бучен центар на градот, каде буката може да ја преплаши птицата. Покрај тоа соколите се комплицирани и поскапи за чување во заробеништво, добар сокол може да чини и десетици илјади американски долари.
Денес Кремљ го чуваат јастреби, за нив враните се природен плен, додека соколите главно ловат глодари, а не врани. За разлика од соколите, јастребите ловат така што се кријат во крошна од дрво и чекаат пленот да се појави, по што брзо прескокнуваат 20-30 метри, што е попригодно за ограничениот простор внатре во Кремљ. Грижата за јастребите е поедноставна, полесно се навикнуваат на своите чувари и чинат многу помалку (15-20 илјади рубли/140-220 американски долари).
„Кога за време на обиколката на подрачјето на Кремљ ќе видиме врани, ги пуштаме нашите јастреби“, вели Воронин. „Кога јастребот ќе фати врана, му приоѓаме и му нудиме нешто повкусно, како месо од потполошка“. Враната може да пренесе болести кои се опасни за јастребите, па затоа е важно да се осигуриме дека ловецот нема да го изеде својот плен. Здравјето на птиците од Кремљ редовно се следи. Тие имаат ГПС локатори прицврстени за пердувите на опашката и мали ѕвона на нозете. Тие се тука за враните, тие комуницираат главно со помош на звук, па кога ќе го слушнат ѕвоното, знаат дека тука постои ловец кој го контролира подрачјето и затоа заминуваат. Главна цел на јастребите не е лов на врани, ами да ги држат подалеку од Кремљ.
Ловецот-јастреб се обучува околу шест месеци пред да може да се процени дали е во состојба да лови. Во заробеништво животниот век на јастребите е нешто подолг од оној во дивината, зашто заробените јастреби редовно ги хранат, ги негуваат и ги чуваат. Јастребите обично „работат“ помеѓу 10 и 15 години, додека можат ефикасно да ловат, а потоа заминуваат во пензија. Најстарата женка-сокол која се вика Алфа е на служба над 20 години. „И птиците се менуваат со годините“, вели Воронин. „Алфа понекогаш останува без здив, а на нејзиниот клун му е потребна редовна нега, но таа сепак фаќа врани. Можеби не поради брзината, ами благодарение на нејзиното искуство“.
Освен јастреби, Кремљ има ушлест був. И тој е природен непријател на враните, и неговото присуство ги плаши, но тој лови и ноќе, спречувајќи ги враните да ја минат ноќта во најпознатата руска тврдина.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче