Македонската делегација на Светскиот фестивал за млади и студенти во Сочи

Приватна архива
Во октомври во спортската престолнина на Русија, градот Сочи, се одржа 19 Светски форум на млади и студенти - #WFYS2017. На него учество зедоа над 35.000 млади од 185 земји. За првпат учество на Фестивалот зеде и делегација од Македонија, во чиј состав влегоа 40 лица од различни градови – Скопје, Куманово, Свети Николе, Велес, Битола, Прилеп, Кичево. Делегацијата во најголем дел беше составена од студенти, но исто така имаше и претставници на универзитети и на неколку младински организации.

Организаторите на фестивалот за учесниците на #WFYS2017 подготвија опширна програма поделена на неколку блока – дискусионен, културен и спортски. Учесниците добија можност да дискутираат на различни актуелни теми – глобалната економија, економијата на знаењата, развојот на општествените институции; политиката на меѓународната безбедност, а исто така и да споделат искуства. „Светскиот Фестивал за Млади и Студенти во Сочи ми овозможи да остварам контакти и да стекнам пријателства со млади луѓе од повеќе од 180 држави. Присуствував на голем број дискусии од сферата на глобална политика, кои беа предводени од видни руски и светски политиколози, политичари и експерти“, вели Моника Пижевска, студент на Политички науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Моника Пижевска

Во рамките на фестивалот учесниците имаа можност да ја претстават својата земја на националниот информациски штанд „Улица на светот“. Македонскиот штанд предизвика голем интерес, беше посетен од претставници на различни земји, меѓу кои Индија, Египет, Пакистан, Индонезија, Јамајка, Камерун итн. Освен тоа, македонската делегација зеде учество на меѓународната изложба „World Inflorescence“, за која учесниците требаше да го редизајнираат официјалниот симбол на фестивалот – камилица, со користење на национална специфика на секоја земја. Дизајнот на „Македонската камилица“, кој го направија студентите на Меѓународниот славјански универзитет од Свети Николе, како основа го имаше грбот на Македонија.

Еден од поважните моменти на #WFYS2017 беше појавувањето на претседателот на Русија Владимир Путин на отворањето на Фестивалот. „Додека траеше културната програма, наеднаш го најавија претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин. За момент целата сала од 12.000 луѓе занеми, бидејќи никој не можеше да поверува што слуша. Сите почнавме да се гледаме меѓусебно, бидејќи не знаевме дали сме разбрале добро. И неколку делови од секундата подоцна, тишината се претвори во громогласен аплауз, со кој го пречекавме Владимир Путин. Тоа беше момент кој ќе го паметам цел живот“ – изјави Стефан Ѓорчев, студент из Свети Николе.

Освен патувањето во Сочи, речиси сите македонски учесници добија можност да посетат и други градови во Русија – од Владивосток до Калининград, во рамките на регионалната програма на Фестивалот. Неколку претставници од Македонија ја посетија Краснојарската област (Сибир), каде во 2019 година ќе се одржи Зимската универзијада. „Организацијата навистина беше на многу високо ниво. Домаќините се потрудија да ни ги покажат сите објекти кои се подготвуваат за претстојната Зимска универзијада, а ни ја презентираа и програмата за волонтери. Со уште неколку колеги од Македонија се подготвуваме да земеме учество како волонтери во 2019 година“ – вели студентот Иван Спасев.  

Михаела Ѓорчева

Уште еден македонски претставник – Михаела Ѓорчева, настапи пред студентите на Сибирскиот федерален универзитет и зборуваше за можностите за соработка меѓу македонските и руските универзитети според искуството на Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р. Державин“ и неговите руски партнери. Сибирскиот федерален универзитет е дел од федералниот проект 5-100. Целта на овој проект е до 2020 година барем 5 руски универзитети да бидат на листата топ-100 универзитети во светот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња