Како да направите здрав сибирски деликатес ток-чок (РЕЦЕПТ)

Јулија Мулино
Како и многу други номадски племиња, народите на Алтајот умееле да подготват за зимата залихи на солена храна, но и на слатки. Ток-чок е еден таков десерт кој се чува долго време и ги радува возрасните и децата во оддалечените сибирски региони.

Ток-чок (или чок-чок) е десерт во вид на топчиња што се прави од талкан или крупно мелена пченица, шишарки на пинија и мед. Тоа е традиционален деликатес за Алтајскиот регион во јужен Сибир. И покрај фактот што најчесто содржи само три состојки, рецептот не е сосема едноставен.

Најпрвин да објасниме што е талкан. Тоа е брашно што се добива со дробење на никнати или препечени зрна од пченица. Народите на Алтај умеат да ги преберат зрната, да ги препечат и да ги иситнат на вистинскиот начин. Ние ќе се обидеме да го сториме истото.

За ток-чок локалните жители користат и ароматичен алтајски планински мед. А крајниот вкус на колачињата го даваат шишарките од алтајскиот бор, кои содржат соодветен процент на природна маснотија. Но, што да направите ако сакате да го направите овој десерт дома? Едноставно е! Изберете ги најдобрите состојки од она што го имате на располагање и ќе бидете презадоволни од резултатот.

Понекогаш во ток-чокот се додаваат млеко или павлака за да се направи тестото поеластично. Во тој случај, сибирската бонбона не може да се чува долго време и треба да се изеде што е можно поскоро.

За празници, ток-чок се прави во форма на животински фигурини. Домородните народи на Алтај веруваат дека на овој начин најдобрите особини на животните можат да се пренесат на луѓето, на пример, од мечката се добива сила, а од желката мудрост.

Ток-чок со различни вкусови може да се купи готов во продавниците и пазарите во Русија. Освен класичната верзија со пинии, може да се користат и други јаткасти плодови. Овој деликатес не е само вкусен, туку е и здрав, бидејќи не содржи бел шеќер.

За талканот се вели дека е „жива храна“, бидејќи никнатиот јачмен или пченица го нормализираат варењето благодарение на своите биолошки својства. Така што оваа храна го заситува и закрепнува човекот. Не заборавајте дека максималниот ефект врз здравјето се постигнува кога се користат непечени зрна и пинии. Меѓутоа, кремастиот вкус налик на карамела доаѓа од препечените зрна.

Јас ги користев состојките кои ми беа достапни и останав доследна на основниот концепт на традиционалниот рецепт. Во Алтајскиот регион, талканот се продава во многу продавници, но јас го направив сама од пченични зрна. Добив мек, сочен и ароматичен ток-чок.

Состојки:

Пченица во зрно - 100 g

Пинии - 50 g

Мед - 2-3 лажици

Млеко – 1-2 лажички

Начин на подготовка:

Измијте ја пченицата за да ја отстраните прашината и нечистотијата.

Исушете ја во загреана тава без масло.

Продолжете да ја загревате тавата, мешајќи, додека зрната пченица не почнат да добиваат кафена боја и да испуштаат пријатен мирис.

Префрлете ги зрната во голема тацна за побрзо да се изладат.

Пржете ги пиниите додека не добијат светло кафена боја.

Изладената пченица сомелете ја во брашно. Колку е поситно брашното, толку е пофин вкусот на колачите.

Иситнете ги пиниите. Јас ги исецкав со нож.

Измешајте ги брашното и пиниите. Оставете една лажица од смесата на страна и зачувајте ја за посипување.

Додавајте лажица по лажица мед и внимавајте на конзистентноста на смесата. Од густината на медот зависи колку ќе ви треба за да добиете хомогена смеса.

Мојот мед беше густ, па додадов и 2 лажички млеко.

Би требало да добиете мала еластична топка.

Секое топче одмерете го со лажичка.

Повртете ги топчињата меѓу дланките. Секое посипете го со мешавина од брашно и пинии.

Оставете ги топчињата неколку часа за брашното да ги впие медот и млекото.  

Сервирајте со растителен или црн чај по желба.

Уживајте!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња