Од јадењата под називот „сланина“ човек по правило не очекува никакви изненадувања. А би требало. Кај северните домородни народи и онака има прилично необични, па дури и екстремни јадења (од копаљхен може дури и да се умре). Така ни сланината на Чукотка не е обична, туку од кит. А изгледа прилично егзотично.
Сланината од кит или мантак (понекогаш се среќава и варијантата „мактак“) е традиционално јадење на Чукчите и Ескимите, домородните народи на Чукотка. Се состои од кожа од кит со слој сало исечен на парчиња. Некои луѓе можат да ја јадат сирова, некои прво ја замрзнуваат, а некои ја готват. Сепак, најтипична варијанта за северните краишта е сланината од кит маринирана во соја сос. Вистина, татковината на соја сосот е доста далеку од Чукотка, но во постсоветската ера тој интензивно се увезуваше, па се покажа дека токму тој сос најдобро оди со мантак.
Додека чадениот мантак се среќава ретко, бидејќи во тундра сепак дрвото е речиси вредно колку суво злато.
Домородните народи на Чукотка спаѓаат меѓу ретките народи во светот на кои им е дозволено да ловат китови. Не можат да го прават тоа за комерцијални цели, но можат за свои потреби, вистина, само одреден број единки, според квоти.
Се работи за тоа дека животот во овој оддалечен регион е многу суров. Тука има само еден град, Анадир (со 15 илјади жители) и уште неколку други населби расфрлани по бреговите на Чукотското и Беринговото море. Стотици километри наоколу се протега само степа и за среќа само мечки. Има продавници, но намирниците се носат само неколку пати годишно, така што месото на морските животни е речиси единствениот вид на свежо месо достапен на Чукотка. Се разбира, се јаде и пилешко и говедско месо, но тие пристигнуваат замрзнати и се три-четири пати поскапи отколку во централна Русија.
Локалните жители го сметаат мантакот за многу хранлив. Пред сé, сланината од кит содржи огромна количина на витамини Ц и Д (од чиј недостаток страдаат сите жители на северните географски широчини). Го јадат со задоволство, по правило, како закуска.
Сé зависи од тоа како ќе се подготви. Различни луѓе имаат различни претстави за гастрономијата, се разбира. Добриот мантак има розова нијанса. Ако сланината пожолтела, најверојатно е стара. Мантакот во соја сос потсетува на чипс со вкус на соја сос или слични грицки, освен што е мек. Сите други варијанти се само за обожаватели.
„Мене ми се падна... солената или сушената варијанта. Беше многу тврд, тешко се сечеше“, – пишува блогерот Дмитриј Петров. „Мантакот е тежок за џвакање, речиси крцкав, и многу се чувствува масното. Покрај тоа, многу е влакнест (затоа и тешко се џвака). Признавам дека ми беше тешко да го соџвакам и голтнам моето ситно парче и не посакав додаток“.
Кога бригада морски ловци ќе улови кит, мажите го сечат на брегот и им го делат на сите жители на селото. Секој зема месо и мантак колку што му треба. Ништо не смее да пропадне.
Кожата треба веднаш да се исече на тенки парчиња и да се замрзне. Во фрижидер за неа е премногу топло, ќе се расипе. Може да се подготви за јадење на денот кога планирате да го послужите.
И што е најважно: продажбата на месо од кит е забранета. Нема да го најдете во ниту една продавница или ресторан, иако е едно од најважните и најпознатите локални јадења. Единствениот начин да го пробате е ако ве покани на гости локалното население.
Добредојдовте на Чукотка!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче