Здраво и вкусно на руски начин: Тесто полнето со коприва и киселец за зајакнување на имунитетот

Јулија Мулино
Ако сакате равиоли со рикота и спанаќ, би требало да ја пробате оваа верзија на слично јадење, вареники со сирење и коприва, како и слатка варијанта со киселец.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Во средината на мај во Русија сé уште не може да се најде многу локален зеленчук. Затоа билките често се користат за надоместување на витамините по зимата. Штедливите руски баби од нив прават не само супи, туку и вареники (полнето варено тесто). Обично за полнење користат ситно неутрално сирење или компир, но напролет или во рано лето го додаваат и првото зеленило од градината - глуварче, коприва и киселец.

Од дамнина копривата се користи како лековита билка. Во Русија некогаш се сметала за „кралица“ на билките.

Богата е со витамини и минерали, на пример, со витамин Ц, каротин, железо, магнезиум и калиум. Добра е за дигестивниот систем. Копривата е богата и со протеини. Затоа со векови се бере и суши за чај.

За да не ве испече копривата при берењето можете да користите ракавици. Најдобро е да ја собирате од април до јуни, кога е најкорисна. Треба да се берат младите врвови. Копривата потоа треба да се прелие со топла вода.

За разлика од копривата, киселецот од релативно неодамна се користи за исхрана во Русија. Овој обичај во Русија го донеле странците во XVII век и на почетокот предизвикал недоверба кај Русите.

Денес, тоа е традиционална летна состојка на салатите, супите и питите. Баба ми правеше вареники со сладок фил од киселец.

Кога правев вареники со сирење и коприва, решив во малку сирење да измешам киселец и да направам слатка варијанта на јадењето. За да го неутрализирам киселиот вкус на киселецот, во филот додадов кора од лимон. Сега сте вие на ред да уживате во овие здрави јадења!

Состојки за 4 порции

Тесто: 

  • Брашно - 350 г
  • Вода - 150 г
  • Сончогледово масло – 3 лажици
  • Сол - 1/2 лажички

Фил:

  • Ситно неутрално сирење – 270 г
  • Коприва - 50 г
  • Киселец - 100 г
  • Жолчка - 1 пар.
  • Млад кромид – 1-2 пар.
  • Врзоп мирудија
  • Сол по вкус (во водата за коприва и филот од коприва)
  • Шеќер - 60 г
  • Лимон - 1/2 пар 

Подготовка:

Ставете ги состојките за тестото во чинија и матете ги со миксер додека не се направи изедначена маса.

Тестото обликувајте го во топка. Месете уште 20 минути со помош на миксер со додатокот за тесто. Тестото треба да биде еластично за да може лесно да се работи со него.

Потоа завиткајте го тестото во пластична фолија или кеса и оставете го да отстои најмалку 30 минути.

Направете фил од коприви. Земете ги само врвовите на билките. Измијте ги.

Прелејте ги со врела вода и варете во посолена вода околу 3 минути за да омекнат лисјата.

Користете само лисје на киселец без стебленца, измијте го и ситно исечкајте го.

За да биде киселецот позгоден за работа, треба да го продинстате со шеќер и малку вода.

Кога киселецот ќе го намали волуменот и ќе ја смени бојата, исцедете го вишокот вода и оладете го.

Измешајте го сирењето со жолчката и поделете го на два дела.

Во едниот дел со сирење додајте ја копривата, малку сол, бибер, насечканиот млад кромид и мирудијата.

Во другиот дел со сирење додајте ги киселецот и кората од лимон.

Тестото поделете го на два дела. Додека работите со едниот дел, другиот замотајте го во кесе за да не се суши тестото.

Со сукало развлечете го тестото на милиметар дебелина и во него направете кругови со пречник 5 сантиметри. Јас добив околу 35 кругови.

Ставете го филот од коприва користејќи две лажички, преклопете и спојте ги рабовите. Добро залепете ги.

Истото повторете го со филот од киселец.

Јас користев различни калапи за тестото со коприва и киселец.

Сварете го полнетото тестот во посолена вода. Кога варениките ќе почнат да испливуваат на површина, почекајте уште две-три минути и извадете ги.

Сé уште топлите вареники со коприва прелијте ги сo путер и послужете со мирудија и павлака.

Слатките вареники со киселец посипете ги со кора од лимон и послужете со павлака и путер.

Пријатен апетит!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња