Изворните староруски печива не се сочинети само од здрав ароматичен фил и крцкаво тесто. Во прашање е традиција која со векови се пренесувала од колено на колено. Домаќинките во Русија умееле да направат печиво кое би воодушевило и селанец и благородник.
Секој регион на земјата ја користел својата имагинација до максимум за да создаде пита што го изразува локалниот шарм и идентитет. Така настанале московската „кулебјака“, псковскиот „губник“ и други ремек-дела на руската пекарска вештина.
Во времето на Стара Русија печурките - најчесто млечките – во Псковската област биле нарекувани „губники“. Затоа и питата со печурки во овие краишта била наречена „губник“. Понекогаш се правела со портокалови печурки рујници, кои на руски се нарекуваат „рижики“. Во тој случај питата се викала „рижечник“.
Што се однесува до потеклото на оваа пита, таа се појавила за време на на Иван Грозни кон средината на XVI век. Според легендата, кога стражарите дошле да го земат данокот, биле почестени со огромна пита.
И покрај фактот што во XVIII и XIX век се сметало дека губник е суштински псковско јадење, кое било дури и симбол на оваа област, тој се правел и во околните региони, во Архангелската и Тверската област. Филот зависел од сезоната, па домаќинките користеле свежи или маринирани печурки, често со пржен кромид.
Традиционалното тестото за пита се правело со квасец. Горната страна на губникот се премачкувала со црн чај, за да биде румен и крцкав. За да се ослободи несаканата пареа, подобро е да пред печењето да се направат отвори од горната страна.
Како што ќе видите, состојките се едноставни и достапни. Ако немате свежи или маринирани млечки, можете да користите шампињони. Некои домаќинки додаваат различни состојки за да добијат разновидни вкусови. На пример, во филот се додаваат варени јајца и малку павлака. Но, во тој случај печивото не може да се смета за нискокалорично.
Состојки (за 2 пити, при што секоја е доволна за 5 порции)
Тесто:
Бело пченично брашно - 550 г
‘Ржано брашно - 200 г (Ако немате ‘ржано брашно, земете 750 г бело).
Квасец - 12 г
Масло - 150 г (50 г ќе користиме за пржење)
Топла вода - 250 мл
Сол - 1 лажичка
Шеќер - 1 лажица (може да се изостави)
Фил:
Кромид – 2 поголеми глави
Печурки - 500 г
Подготовка:
Згрејте ја водата, просејте половина брашно, додајте квасец и замесете тесто. Покријте го со крпа и оставете на топло место да одмара околу 1 час.
Просејте го преостанатото брашно и додајте го на тестото заедно со маслото (неколку лажици оставете за пржење на печурките) и солта.
Замесете цврсто тесто кое не се лепи. Покријте го со крпа и оставете го на топло место 4-5 часа. Во вториот и третиот час од одморањето удрете го тестото со тупаница за да го истиснете јаглерод диоксидот.
Добро измијте ги печурките. Исушете ги со крпа и ситно исечкајте ги.
Испржете ги на масло на средна температура додека не добијат златно кафена боја.
Насечкајте го кромидот и додајте го на печурките; додајте сол, бибер и пропржете со повремено мешање.
Поделете го тестото на два дела. За првата пита првиот дел од тестото повторно поделете го на два еднакви дела, развлечете ги на кругови со малку подебели рабови.
На еден кружен дел од тестото ставете го филот и покријте го со другиот круг. Спојте ги краевите со прсти. Истото повторете го со втората пита.
Сварете силен црн чај и премачкајте ја питата озгора. Ставете ги во рерна загреана на 180°C и печете ги питите 50 минути.
По печењето губникот можете да го премачкате со путер и да го оставите покриен петнаесетина минути. Уживајте во празничната трпеза со сочна псковска пита.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче