Шеќерот во Русија се појавил во XI-XII век, но бил многу скап и достапен само за благородништвото. Дури на почетокот на XIX век Русија конечно воспоставува масовно производство на шеќер од шеќерна репка и тогаш овој продукт станува достапен за широкиот слој население.
Дали тоа значи дека сé до деветнаесеттиот век обичните луѓе не јаделе слатки? Секако дека не. И тие сакале да се заблажат, но приготвувале многу поздрави десерти. Еден од нив се парјонките.
Во руските села овој едноставен рецепт се пренесувал од колено на колено. Денес е повторно актуелен со оглед на трендовите во здравата исхрана. Парјонките обично се подготвувале од ротквица, морков, цвекло и бросква (денес помалку познат зеленчук). Коренестиот зеленчук се сечел на покрупни парчиња и се варел на пареа во тенџере додека не биде полуварен. Потоа парчињата ги ределе на плех и ги ставале во руска печка да се сушат. Парјонките може да се чуваат многу подолго од свежиот зеленчук.
Денес парјонките се подготвуваат во обична рерна. На ова јадење првично не му требаат никакви додатоци. Меѓутоа, денес руските домаќинки често му додаваат масло и зачини во фазата на сушење, што на десертот му дава посебен вкус.
Можете да ги правите и солени и со зачински билки како темјан, рузмарин и ловор со додавање на лук во прав. Но, оригиналните парјонки биле слатки, така што и ние ќе ја направиме послатката верзија. Од зачини ќе користиме мускатно оревче и цимет.
Обично денес за парјонки зеленчукот се пече цело во рерна, а потоа се сече на тенки стапчиња. Меѓутоа, јас прво го исеков целиот зеленчук, а потоа го сварив на пареа. Овој начин на подготовка е побрз и повеќе наликува на традиционално динстање во тенџере. Важно е да користите ниска температура и вентилатор во рерната, за да не се пресушат сварените парчиња зеленчук. Парчињата зеленчук би требало да се намалат неколку пати, но да останат еластични.
Ако парјонките ги подготвувате без масло и зачини, ќе добиете идеална закуска. Додека со масло и зачини тие стануваат совршен додаток на кисело млеко или житни снегулки, заедно со јаткасти плодови и суво грозје. А можете да ги додадете и на салата.
Состојки за 4-6 порции:
Голем морков – 4 пар.
Цвекло – 2 пар.
Пашканат (корен) – 2 пар.
Црна ротквица (голема) - 1/2 пар.
Масло - 3 лажици
Мускатно оревче – 1 лажичка
Цимет – 1 лажичка
Подготовка:
1. Измијте, излупете и исечете го зеленчукот на тенки стапчиња.
2. Ставете го во тенџере на пареа и варете додека не омекне.
3. За десетина минути ќе биде подготвено. Црвениот морков (ако го користете) и цвеклото подобро е да ги зготвите посебно, за да не премине нивната боја врз останатиот зеленчук. Јас користев готово варено цвекло од продавница; го исеков и го додадов на останатиот сварен зеленчук.
4. Мекиот зеленчук сварен на пареа ставете го во плех за печење, така што парчињата да не се допираат. Прелејте го со мешавина од масло и зачини.
5. Печете на 180°C првите 30 минути. Потоа намалете ја температурата на 120°C и вклучете го вентилаторот во рерната. Печете уште час и половина. Зеленчукот треба да остане еластичен.
Пријатен апетит!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче