Кукумарија – необично јадење со одбивен изглед од Далечниот Исток на Русија (ФОТО)

Legion Media
Далекоисточниот деликатес на почетокот им беше одбивен на советските луѓе поради непријатниот изглед. Но, оние што го пробале се сеќаваат на него со носталгија. Зошто луѓето ја засакаа кукумаријата, што е тоа всушност и како се подготвува?

Кога кукумаријата се појави ширум Советскиот Сојуз, никој не сакаше ни да ја проба.

„Во тие дамнешни времиња, работниците во претпријатијата повремено можеа поволно да купуваат пакети производи. Пакетите по правило се состоеја од некои квалитетни производи, како пилешко, хелда, кондензирано млеко, чоколадни бонбони, квалитетна риба и слично. Но, меѓу нив обично ќе се најдеше и нешто што не се продаваше добро и од што требаше да се ослободат“, вели Вадим од Крајниот Север.

„Понекогаш тоа беа тегли со кукумарија и морска зелка. Никој не сакаше да ја земе кукумаријата со алги. Само ќе ја остават таму каде што се подигаа пакетите. Целиот простор потоа беше полн со кутии со тегли со таа несреќна кукумарија“.

Навистина, „несреќната“ кукумарија на почетокот не беше омилена меѓу народот. Како прво, освен жителите на Приморје и Сахалин, никој не ни знаеше што е тоа. Како второ, таа изгледаше прилично одбивно. Затоа некое време пирамидите со конзерви кукумарија остануваа на полиците на советските продавници долго (во време на дефицит на сè), а потоа одеднаш исчезнаа. Исчезнаа кога советскиот народ дозна за што всушност се работи.

Морска краставица  

Кукумаријата е мекотел од класата морски краставици. Според обликот потсетува на многу дебела краставица со темнокафена или темновиолетова боја, може да достигне должина од 40 сантиметри и тежина од еден килограм.

Кукумаријата живее на морското дно и се движи по него, најмногу на длабочина од 5 до 50 метри. Се храни со кал. Тоа е традиционален производ за рускиот Далечен Исток, кој често се заменува со трепанг, друг вид морска краставица. Тие имаат многу заеднички нешта: на пример, способност за регенерација. Кукумаријата може да се регенерира од една третина од своето тело, т.е. ако ја пресечете на три дела, со текот на времето можете да добиете три комплетни животни.

Ситуацијата се промени кога научниците почнаа да зборуваат за исклучителните здравствени придобивки од кукумаријата и почнаа да ја нарекуваат далекоисточен деликатес. Во тоа време Кукумарија тешко можеше да се најде во поголем дел од Русија.

Ги убива клетките на ракот

100 грама месо од кукумарија има само 35 калории, а изобилува со корисни елементи. Каротин и витамин А има исто колку во говедското месо; полинезаситени масни киселини речиси три пати повеќе отколку во риба, а минерални елементи речиси десет пати повеќе отколку во месото на копнените животни.

Месото на мекотелот е ценето и поради колагенот (ги обновува сврзните ткива) и поради ниската содржина на јаглени хидрати, а научниците од целиот свет го проучуваат овој мекотел заради негова примена во медицината.

Тие, на пример, утврдија дека една супстанца од кукумаријата (фрондозид А) може да ги убива клетките на ракот и има имуномодулаторни ефекти. Направени се и истражувања за ефикасноста на кукумаријата во превенцијата и лекувањето на Алцхајмеровата болест.

Како се подготвува 

По уловот кукумаријата се чисти, се пресекува и се чисти од внатрешните органи. После тоа, има неколку опции: може веднаш да се замрзне или да се свари. Кукумаријата се вари 3-4 часа.

Во Русија, по правило, не се користи во сурова форма (за разлика од Кина и Јапонија, каде што е популарна во вид на сашими). Обично се вари, суши или конзервира. Последната варијанта е најпопуларна, бидејќи го олеснува транспортот и складирањето. А најчесто се конзервира со морска зелка, во таа комбинација ја паметат советските луѓе.

Но, всушност, кукумаријата може да се подготвува на најразлични начини. Може да се пржи, динста, од неа може да се направи рижото или салата. „Мислам дека најдобро оди со зеленчук и месо. Од зачините не би земал ништо премногу јако и сложено, бидејќи вкусот на кукумаријата е прилично неутрален. Доволни се обична сол и бибер, одлично оди со домати. Географски ѝ одговараат соја сосот, и генерално јапонските и кинеските традиционални производи. Може да се направи салата: кукумаријата ќе се испржи, се додаваат зеленчук и соја сос“, вели шефот на кујната на ресторанот „Островот Руски“ Дмитриј Кемјашов.

На Далечниот Исток, традиционалното јадење од кукумарија се нарекува скобљанка. Најпрвин се препржуваат кромид и морков, а потоа се додава домат. За побогат вкус може да се додаде и малку месен булјон. Потоа се додаваат насечканата кукумарија и парчиња месо, на пример, говедско месо, и пред крајот на подготовката и малку паприка.

Меѓутоа, иако кукумаријата во Русија се лови во индустриски количини, надвор од Далечниот Исток денес е тешко да се пронајде. Иако цената на една тегла е прифатлива, околу 200 рубли (2,6 долари).

 

 

 

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња