Дали Русите јадат црвен кавијар?

Legion Media
Не претеруваме ако кажеме дека црвениот кавијар е деликатес специфичен за рускиот живот. Конзерви и тегли со кавијар можете да најдете во речиси секоја самопослуга во земјата. Тие не се ниту евтини, ниту премногу скапи. Стаклена тегла со 500 грама кавијар од лосос во Москва ќе ве чини околу 3000 рубли (околу 36 евра).

Русија произведува просечно 15000-19000 тони црвен кавијар секоја година. Традиционално, Камчатка (голем полуостров на Далечниот Исток на Русија каде што има во изобилство лосос, шкрапина и пастрмка) произведува најголем дел од црвениот кавијар во земјата. Познавачите советуваат секогаш да купувате црвен кавијар од тековната сезона, по можност во стаклена амбалажа. „Лососот се мрести од јули до септември, така што црвениот кавијар може да биде произведен најдоцна во октомври!“ Тамара, асистентка во синџир рибарници во Москва, предупредува: „Најпопуларните видови лососов кавијар се од нерка (црвен лосос), кета лосос, горбуша и кижуч. Барајте кавијар произведен на Камчатка и Сахалин. Тоа е секогаш гаранција за висок квалитет. И проверете дали има течности во теглата. Икрата мора да биде еднолична по боја и по големина и не смее да биде леплива. Тогаш е добра“.

Како беше порано

Црвениот кавијар одамна има репутација меѓу гурманите како посебен деликатес. Во советско време, познато по недостигот, тоа беше нешто што буквално не можеше да се купи со пари, симбол на семејните собири и благосостојба. За повеќето луѓе тоа беше луксуз што се сервираше само во посебни прилики како свадби, родендени или дочек на Новата година. Конзерви со црвен, па дури и црн кавијар (од есетра или моруна) често можеа да се најдат како дел од таканаречените „пакети со храна“ што некои работници во советските фабрики (како и елитни државни службеници) ги добиваа од државата како награда за својата работа за државните или новогодишните празници. Овие пакети не беа бесплатни и нивниот состав се разликуваше во голема мера во зависност од функцијата, занимањето и статусот на лицето.

„Се сеќавам дека дедо ми во средината на 1980-тите редовно се враќаше од работа носејќи ја својата мрежеста торба преполна со разни специјалитети. Додека полиците во продавниците беа речиси секогаш празни, освен редовите и редовите идентични бисквити, пакетите со храна што ги носеше мојот дедо дома беа вистински рог од изобилство на сите видови храна што можете да си замислите, од моето омилено кондензирано млеко и грашокот до мандарини, суви чадени колбаси, чоколади и црвен кавијар. Баба ми секогаш го сервираше на парче топол бел леб со дебел слој путер. Можев да изедам три или четири сендвичи по ред. Тоа е мојот омилен спомен на храната од моето детство!“, се сеќава Александра (40).

Во детството на Максим, кавијарот станал синоним за големи семејни собири.

„Секогаш кога членовите на семејството славеа роденден, се вареа неколку десетици кокошкини јајца и се полнеа со кавијар. Интересно е што јас всушност не го сакав црвениот кавијар. Мислев дека е премногу солен. Проблемот беше што бев многу слаб, а мајка ми инсистираше да јадам кавијар. Велеше дека тој е извор на протеини и витамини. Ми беше гајле. Кога мајка ми ќе го тргнеше погледот настрана, јас ќе му го дадев моето јајце со кавијар на мојот постар брат, кој ги обожаваше! Татко ми, кој исто така беше голем љубител на кавијарот, сметаше дека најдобро оди со ледена вотка. Се разбира, тоа го објаснуваше велејќи дека разладениот кавијар и вотката се создадени едно за друго“.

Сепак, мајката на Максим била сто посто во право. Црвениот кавијар е познат по својата хранлива вредност. Тој е извор на витамини Д, А и Е, како и минерали, вклучувајќи калциум, железо, јод и магнезиум. Покрај тоа, тој е многу хранлив, со омега 3 масни киселини кои го поддржуваат имунолошкиот систем. Токму она што би го препорачал вашиот лекар.

Како се сервира кавијар?

Парче свеж леб, како што е францускиот багет, премачкано со мек путер, е најдобрата подлога за сервирање кавијар од лосос. Кавијарот исто така изгледа многу примамливо на обични крекери или лиснато тесто.

Ако го оставиме настрана изгледот, некои љубители на храна признаваат дека црвениот кавијар е нивниот омилен појадок, особено во текот на долгите руски зими.

„Знаете што, денес извонредниот црвен кавијар, произведен на Далечниот Исток на Русија, чини како пристојно шише италијанско вино“, вели Полина (29). „Тегличка од 200 грама обично ми трае една недела и има некаква лековита моќ. Светло портокалова или црвена, тоа е бојата на оптимизмот! Ми ја враќа насмевката на лицето и ми го подобрува расположението. Секое утро уживам да мачкам палачинки со голема лажица солен кавијар од лосос, преку кој додавам павлака. Ф. Скот Фицџералд не бил во право. Прекрасен е денот кој започнува со вкусен појадок!“

Во Русија црвениот кавијар обично се сервира на семејна вечера на новогодишната ноќ, со овошје, салати и други закуски на празничното мени. Со задолжителниот шампањ, неколку генерации Руси и понатаму остануваат верни на кулинарската традиција на дочекот на Новата година која ја усвоиле како деца. Вистината е дека кога станува збор за црвениот кавијар, секогаш можете да земете уште малку.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња