10 најпопуларни печурки кои можете да ги берете во Русија

Legion Media
Русите веројатно се најголеми љубители на печурки во светот! Тие се едноставно фасцинирани со процесот на барање печурки или „тивок лов“, како што го нарекуваат.

Желбата за берење печурки кај Русите веројатно веќе има достигнато генетско ниво. Тоа всушност и не е за изненадување. Веќе со векови Русите се хранат со шумски печурки. Поголемиот дел „ловци на печурки“ биле дeцa (возрасните биле премногу зафатени за толку лесна работа) и потрагата по печурки била нивната омилена натпреварувачка забава: чии печурки се подобри? Постоела „хиерархија“ на печурки: за време на бербата луѓето ги береле само најдобрите, додека кога не била сезона ги береле дури и оние кои одвај се јадат.

Денес, кога повеќе не постои потреба за храна, милиони Руси и понатаму се опседнати со „тивкиот лов“. Старата вредносна хиерархија на печурките ја паметат само најстрасните „печуркари“. А, секој притоа има свои сопствени фаворити.

Обично Русите ги берат само оние печурки што ги знаат од детството, но денес постојат многу страници на социјалните мрежи, како и апликации, на кои берачите едни на други си помагаат во препознавањето на определен вид.

Сезоната започнува кон крајот на мај, но омилените печурки се берат во септември и во октомври.

1. Лисичарка

Оваа мошне симпатична портокалово-жолта печурка се појавува во централна Русија кон крајот на август. Лисичарките се кријат во тревата во листопадните и во четинарските шуми. Обично растат во групи. Берачите на печурки ваквите места дури и ги нарекуваат „полиња на лисичарки“.

„Повеќе сакам да берам печурки одошто да ги јадам“, пишува еден Русин. „Интересно е што понекогаш ќе најдете една лисичарка и така започнува... потрагата и ловот. Ќе видите дека кошницата веќе ви е полна, но не го напуштате своето наоѓалиште“.

Главна предност на лисичарката е во тоа што е ретко црвлива. Највкусен начин за нејзино подготвување е пржење со компири. Но, има и многу други рецепти за сечиј вкус.

2. Вистински вргањ (Boletus edulis)

Вистинскиот вргањ е цар на сите печурки. Само погледнете го: толку убав и тркалезен, а можете да го јадете дури и суров. Исто така расте во листопадни и во четинарски шуми, а преферира мочуришно тло.

„Вистинскиот вргањ, како што велеше дедо ми, е вредна печурка, највредна и најкорисна печурка“, пишува еден друг љубител. „Треба да се отсече кај коренот и да не се оштети мицелиумот. Зошто би уништиле таква убавина?“

Меѓутоа, во руските шуми не ги ловат само луѓето, ами и црвите, па мора внимателно да се избираат.

3. „Подберјозовик“ (брезов дедо)

Во Русија неколку видови од семејството Leccinum се нарекуваат „подберјозовики“, но сите можат да се јадат и само незначително се разликуваат меѓу себе, главно по нијансата на бојата и големината на шапката. Како што кажува самото име, растат во близина на брезите.

„Доколку само се повозите меѓу брезите за време на сезоната на печурки, нема да останете без утринска супа“, пишува Сергеј. „Затоа ги сакам овие печурки. Така можете да ги берете! Повозете се на велосипед наутро и ќе најдете цел грст“.

Брезовиот дедо можете да го пржите, да го додадете во супа или да го маринирате во тегли.

4. „Подосиновик“ (турчин, тополов дедо)

Ова е уште една печурка од семејството Leccinum, која се разликува од претходната. Има светлопортокалова шапка и расте во близина на јасиките и на тополите. Патем, особено добро успева во младите шуми и не е осамена, ами најчесто во голема „семејна“ групи.

5. Масларки (Suillus)

„Масларка има една несомнителна предност над другите печурки: најдобра е за киселење“, пишува берачот на печурки Виктор.

Уште една нејзина предност е тоа што добро расте на север. Најмногу сака рамнини во младите четинарски шуми. Рускиот назив „масљонок“ потекнува од масло, зашто шапката ѝ е лизгава на допир.

6. Шампињони

Оваа печурка е честа во руските супермаркети, но Русите многу повеќе сакаат да ја берат во природа. Најдобро расте на ливадите и на полињата каде пасат кравите, сака такво тло. „Шампињоните имаат мирис на печурки, на влага и малку на ѓубриво. Печурките од продавница (кои се одгледуваат вештачки) не мирисаат на ништо“, објаснува еден руски берач на печурки.

7. Красница (Russulas)

Овој вид печурки, на руски „сирјожки“, ги има во голем број видови и бои, а во руските шуми е генерално најзастапена група. Некои видови, меѓутоа, можат да се јадат само по термичка обработка, па затоа треба да ги берете само печурките што ги знаете.

8. Млечка (Lactarius resimus)

На прв поглед оваа печурка, на руски позната како „грузд“, не изгледа примамливо и се крие во сувите лисје во близина на брезите. Но, потрагата по неа предизвикува вистинска бура на чувства кај вистинските љубители. „Берењето млечки предизвикува таква возбуда и таква радост кога ќе се најде печурка, особено ако станува збор за големо семејство“, вели еден берач од Урал.

При подготовката, овие печурки се потопуваат неколку часа (или се варат) за да ја изгубат горчината. А, потоа се пржат или се ставаат во саламура за назима. Многу се вкусни!

9. Рујница (Lactarius deliciosus)

Овие печурки му припаѓаат на истиот род како претходните млечки и исто така имаат горчина која се губи со варење. Затоа најчесто се закиселува. Растат во групи во четинарски шуми и често се препознаваат по портокаловата шапка.

10. Мразница или медовка (Armillaria mellea)

Овие печурки растат на дебели и соборени стебла и изгледаат непријатно... Но, дајте им шанса! Неверојатно се популарни во Русија за маринирање.

„Медовките се мои омилени печурки. Намазот од нив е нешто највкусно, а маринираните не се ништо полоши“, пишува еден руски печуркар. „А, исто така имаат и благороден мирис“.

Кои печурки вам ви се омилени?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња