Козачкиот десерт нардек: Мед од лубеници без мед

Василиса Малинка
Пробајте го овој необичен рецепт од лубеници што ни доаѓа од југот на Русија и кој на десертите им дава нова нота на слатка и мирисна арома.

Порано се сметало дека нардекот е еден од многуте изуми на блискоисточната кујна, но во Русија е познат уште од времето на царицата Елисавета (18 век). Подоцна го презеле козаците и го користеле за вкусот на лубеницата да го зачуваат во текот на целата година до следната берба.

Порано се подготвувал така што со лажица се длабела лубеницата и целата содржина се процедувала низ сито. Добиената течност се ставала во гусени садови и се варела до густина на сируп, при што количеството се намалувало 9-10 пати. Густината на производот зависела од тоа колку траело варењето. Добар нардек бил густ како павлака.

Современиот рецепт практично не се разликува од традиционалниот начин на подготвување, освен што за добивање на течност од лубеницата денес може да се користи блендер. Тоа е чист згуснат сок од лубеница кој е густ како мед, па оттука и неговото име. Зборот нардек е од турско потекло: „nardak“ значи сируп од сок од калинка (нар). Тоа практично значи дека овие два производи се во извесна смисла сродни.

Нардекот главно се користи како десерт, како засладувач или како намаз. Козаците со него ги мачкале палачинките и во него ги мацкале лепчињата и традиционалните крофни. Освен тоа, овој густ сируп може да се користи и како зајре за пита, за торти или за колачи. Иако е сладок, содржи само околу 60% шеќери.

Состојки:

  • 3-4 лубеници со средна големина

Подготовка:

1. Измијте ги лубениците и пресечете ги на половина.

2. Можете да користите стапчест миксер, па ставете го во лубеницата и изблендирајте или извадете ја пулпата и ставете ја во блендер.

3. Откако ќе добиете сок, земете го најголемото тенџере и процедите го низ ситна цедилка.

4. Ставете го тенџерето на рингла и варете дури не зоврие. Варете на тивок оган и од време на време тргнете ја пената.

5. Кога количеството сок ќе се намали за околу две третини, тргнете го тенџерето од огнот и процедите ја смесата низ филтер за кафе. Тоа ќе ви даде поубава боја и изедначена густина.

6. Излијте ја проижцедената течност во помало тенџере и продолжете да варите дури не добиете густ сируп.

7. Излијте во тегли и чувајте на ладно место.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња