Тројца советски лидери кои се занимаваа со спорт

Владимир Мусаэльян/TASS
Тука нема да го најдете Горбачов ниту Хрушчов. Искрено, единствениот повеќе или помалку спортист меѓу лидерите беше основачот на Советскиот Сојуз.

1. Ленин

„Ленин беше физички јак, силен човек. Неговите силни рамења, кратките, но силни раце - сето тоа зборуваше дека поседува голема физичка сила. [...] Да не беше со челично здравје, Владимир Илич немаше да ја преживее тешката рана при обидот за атентат“, напиша Николај Семашко, народен комесар за јавно здравство.

Навистина, Ленин, кој не пиеше ништо посилно од пиво и не пушеше, цел живот се грижеше за своето здравје. Омилена рекреација му беше возењето велосипед.

Во 1903 година, како искусен велосипедист, Ленин ја доживеал својата прва сообраќајна несреќа: со полна брзина налетал на трамвајски шини, го скршил велосипедот и ги повредил очите. Но, не се откажал од возењето.

Ленин беше љубител на долги возења. Неговиот помошник Георгиј Зиновјев напиша: „[Ленин] нè носеше на велосипеди 50-70 врсти (60-70 км) само за да пливаме и одиме по живописниот брег на прекрасна река. За време на овие возења условот беше да не зборуваме за политика“.

Надежда Крупскаја ѝ пишуваше на мајката на Ленин од Франција во 1910 година: „Оваа недела возевме велосипеди до бесвест. Три пати од 70-75 км, низ три шуми, беше многу убаво. Володја ги обожава таквите возења, кога тргнуваме во 6-7 часот наутро и се враќаме доцна навечер“.

Истата година Ленин налета на автомобил. Во писмото до неговата мајка Марија, Владимир Илич го опиша инцидентот вака: „Се враќав од местото Живиза кога автомобил налета на мојот велосипед и го прегази, а јас некако успеав да скокнам на страна. Случајни минувачи ми помогнаа да го запишам бројот на регистарската табличка на автомобилот и посведочија што се случи. Го препознав возачот (виконт, ѓавол да го носи!). Сега сме на суд... Се надевам дека ќе го добијам процесот“. Виконтот навистина беше прогласен за виновен и мораше да му исплати значителна сума пари на Ленин. Владимир Илич купи нов велосипед и продолжи со ризичните возења.

2. Сталин

Една од омилените активности на Сталин беше билјардот. Беше одличен играч и не му се допаѓаше кога некој му попушта. По обичај, оние што ќе изгубеа партија билјард од него потоа лежеа под масата. Никита Хрушчов често правеше така!

Сакаше уште една игра - „горотки“. Станува збор за стара руска народна игра чија популарност се прошири до Шведска, а се состои од рушење на дрвени „градови“ составени од пет дрвени цилиндрични фигури. Познатиот авиоконструктор Сергеј Иљушин се присетува како бил поканет во резиденцијата на Сталин на некое советување. „Сталин само слушаше, цел час не кажа ниту збор. Кога сфати дека нема решение, ја прекина дискусијата и предложи да излеземе и да играме „горотки“. Сите со задоволство се согласија и четири часа вревеа на теренот. Сталин беше страшен играч, вешто ги рушеше „градовите“ и се подбиваше со губитниците...“

3. Брежњев 

Леонид Брежњев беше извонреден пливач и возач на тркачки автомобили, а сакаше да гледа хокеј и уметничко лизгање. Тоа беше „златното доба“ на овие спортови. Познато е дека Брежњев навиваше за ЦСКА (Централен клуб на Советската армија). Токму затоа хокеарите и уметничките лизгачи од овој воен клуб во тоа време беа најдобри во земјата (а често и во светот).

Неговиот личен телохранител Владимир Медведев се присетува дека Брежњев пливал често и долго. „Понекогаш и по два и пол часа. Телохранителите ќе измрзнеа во водата, а тој ќе продолжеше да плива. Потоа телохранителите бараа од лекарите да се истријат со медицински алкохол, додека Леонид Илич одеше или на туширање ​​или ќе легнеше во базенот со малку потопла вода“.

За време на посетата на САД, претседателот Ричард Никсон му подари на Брежњев темносин Lincoln Continental. Брежњев реши да го проба подарокот на самото место, односно во претседателската резиденција во Камп Дејвид.

Никсон потоа раскажуваше како Брежњев, со брзина од околу 80 километри на час лесно совладал стрмен спуст. „Вие сте одличен возач“, му реков. „Никогаш не би можел да свртам овде со брзината со која возевте“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња