Во текот на војната против Германија и нејзините сојузници, Црвената армија имаше околу стотина тенковски асови (или „мајстори на тенковскиот бој“, како што ги нарекуваа) кои уништија по повеќе од десет непријателски тенкови и самоодни артилериски орудија.
И, се разбира, повеќето од нив го добија високото звање Херој на Советскиот Сојуз. А зошто тогаш најефикасниот советски тенковски ас ја чекаше својата награда речиси половина век?
Дмитриј Фјодорович Лавриненко, октомври 1941 година
Public domainЗа само два и пол месеци борба, екипажот на Т-34 на чело со потпоручникот Дмитриј Лавриненко уништи 52 непријателски тенкови и самоодни артилериски орудија. Никој од неговите колеги не успеа да покаже такви резултати во текот на сите четири години од војната.
Во тенковската школа Лавриненко беше одличен стрелец од сите видови оружје, поради што го доби и прекарот „Снајперско око“. Својата исклучителна прецизност ја докажа и во вистински битки, бидејќи командирите на тенкот Т-34-76 истовремено беа и нишанџии.
Покрај тоа, советскиот тенковски ас се покажа и како одличен тактичар. На бојното поле умееше правилно да ги избере местото за заседа и вистинскиот момент за напад.
Есента и зимата 1941 година Лавриненко како командир на тенковски вод на Првата гардиска тенковска бригада учествуваше во одбраната на Москва. Во речиси секоја битка неговото борбено возило уништуваше најмалку три или четири непријателски тенкови, а понекогаш и многу повеќе.
Во тоа време со бригадата командуваше маршалот на оклопните трупи Михаил Катуков, кој вака ја опиша заседата организирана од тенкистот кај селото Високиничи: „Лавриненко им дозволи на фашистите да му се приближат на 150 метри, а потоа од непосредна близина отвори оган врз колоната. Два тенка веднаш беа онеспособени, третиот непријателските артилерци се обидоа да го свртат, но тенкот на Лавриненко излезе на патот и влета во камионите со пешадија, а потоа го здроби непријателскиот тенк. Преживеаните Германци се разбегаа...“
Најефикасниот тенист на Црвената армија загина на 18 декември 1941 година во близина на Волоколамск. Доби смртоносна рана од шрапнел при минофрлачки напад додека одеше на рапорт кај својот командант.
„Кога слушнав дека Лавриненко загинал, ми се стемни пред очи“, се сеќава Катуков. „Лавриненко и смртта – тие два концепта воопшто не ми се вклопуваа во главата. Мислев дека Лавриненко е неуништлив. Од колку само битки излезе како победник!“
И покрај сите напори на Катуков, на легендарниот ас долго време не му беше доделено звањето Херој на Советскиот Сојуз. Раководството не веруваше дека за толку кратко време можел да уништи педесет германски тенкови и самоодни артилериски орудија, не сметајќи го персоналот и останатата непријателска оклопна техника.
Високата награда му беше доделена на Дмитриј Лавриненко постхумно, дури на 5 мај 1990 година.
Херој на Советскиот Сојуз Владимир Александрович Бочковски
Public domainТенковскиот ас Владимир Бочковски уништи 36 непријателски тенкови. Пет пати гореше во својот тенк, неколку пати беше тешко ранет, но сепак ја дочека победата.
Бочковски пристигна на фронтот пролетта 1942 година како дипломец на тенковското училиште од Харков. Есента беше примен во Првата гардиска тенковска бригада на генерал Катуков, во која порано се бореше Лавриненко.
Заедно со оваа бригада, тенковскиот ас се бореше кај Ржев и Курск, ги ослободуваше Украина и Полска. За време на војната, Владимир Александрович напредуваше до чинот гардиски капетан и командант на тенковски баталјон.
Баталјонот честопати делуваше како истурен одред на бригадата или вршеше молскавични тенковски упади во непријателската заднина каде што ги уништуваше германските штабови, магацини, аеродроми и центрите за врска.
Пролетта 1944 година, за време на еден таков напад, „триесет и четворките“ на Бочковски се пробија до градот Чортков во Западна Украина и успешно го бранеа до доаѓањето на главнината. За тој подвиг командирот го доби звањето Херој на Советскиот Сојуз.
За време на нападот врз градот Коломија, баталјонот се проби до железничката станица и отвори оган врз возовите со непријателска техника и товар. Кога една локомотива се обиде да се извлече од зоната на борбените дејствија, еден советски тенк се заби во неа и ја исфрли од шините.
Во април 1945 година, во битката за Зеловските висови, гардискиот капетан беше ранет последен пат, и тоа многу сериозно. Неговиот пријател и воен известувач Јуриј Жуков го опиша тој момент вака: „Бочковски брзоплето скокна од тенкот и застана кај едно дрво за подобро да се ориентира. И токму во тој момент непријателска граната го погоди тенкот и го онеспособи. Истиот момент и Бочковски почувствува остар удар во стомакот. Крвта потече во млаз...“
Лекарите му го спасија животот на Владимир Александрович, но учеството во војната за него беше завршено. Излезе од болница дури во ноември 1945 година. Одлучи да остане во Вооружените сили и напредуваше до чин генерал-лајтнант на тенковските трупи.
Херој на Советскиот Сојуз Иван Иванович Корољков
Public domainМајсторот на тенковската борба Иван Иванович Корољков имаше неверојатна воена кариера. Започна да се бори како обичен возач-механичар, а победата ја дочека со чин гардиски мајор и командант на тенковски полк.
Корољков служеше во Црвената армија од 1937 година и се бореше против Германците од првите денови на нивната офанзива против СССР. На 5 септември 1941 година до своите единици довезе тежок тенк КВ-1 кој беше запален од непријателска граната. За тој подвиг беше награден со Орден на Црвеното знаме.
На почетокот на јуни 1942 година командата донесе необична одлука - го унапреди постариот водник Корољков во чин поручник (т.е. виш офицер), земајќи ги предвид неговите заслуги и големото искуство во Црвената армија. Под негова команда беше ставен вод тенкови КВ-1, а малку подоцна и тенковска чета.
Истата година, на 10 јуни, во битката кај селото Татјановка кај Харков, тенкот на Иван Иванович уништи 8 непријателски тенкови, 7 артилериски орудија и околу двесте војници. Корољков беше одликуван со Орден на Ленин, со напомена дека покажал храброст, решителност и вештина во командувањето.
На 8 февруари 1943 година, на Корољков му беше доделено звањето Херој на Советскиот Сојуз „за примерно исполнување на борбените задачи за командување во борбените судири против нацистичките освојувачи, за покажаната храброст и јунаштво“.
„Бранејќи го Сталинград, тој со личниот пример ги мотивираше борбените тенковски екипажи да ја уништуваат непријателската жива сила. На 18 септември 1942 година, со артилериска поддршка и бомбардирање непријателот премина во напад. Нашата пешадија тргна да отстапува. Во еден момент тој скокна од тенкот, ги собра сите луѓе и со вдахновен болшевички говор им го врати борбениот дух и ги поведе во јуриш врз непријателот. Во таа битка беше тешко ранет, но продолжи да командува со својата чета“, пишува во пописот на наградени.
Летото 1943 година на Корољков му беше доверен тенковскиот баталјон со кој учествуваше во битката кај Курск. По завршувањето на Ленинградската виша офицерска оклопно-тенковска школа во декември 1944 година, под негова команда беше ставен цел тенковски полк.
Гардискиот мајор Иван Корољков во битките стигна до Берлин. Уништи вкупно 34 непријателски тенкови и самоодни орудија. Се повлече од советската армија во 1946 година и се врати во родната Курска област да работи во земјоделството.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче