Сѐ што треба да знаете за малолетничките банди во СССР

Кира Лисицкаја (Photo: Валериј Бушухин, Роберт Нетељев/TASS; Жора Крижовников/Toomuch Production, 2023)

Кира Лисицкаја (Photo: Валериј Бушухин, Роберт Нетељев/TASS; Жора Крижовников/Toomuch Production, 2023)

Групите организирани и агресивни тинејџери беа толку многубројни што советската милиција не можеше да излезе на крај со нив.

„Двајца мои познаници, момчиња од Казањскиот речен техникум, обајцата од 18 години, во разговор си велат: 'Имаме осумнаесте години, а сѐ уште никого не сме убиле…' Оваа фраза сѐ уште ми одѕвонува во ушите“, раскажува мајсторот на боречки вештини и жител на Казањ Радаф Зималиев. Тој во младоста бил сведок на процутот на „казањскиот феномен“; односно на дивеењето на малолетничките улични банди кои ги контролираа населбите, улиците и блоковите во градот.

„Од единаесеттата-дванаесеттата година веќе сите знаеја за бандите и за нивните територии“, вели Роберт Граев, автор на книгата „Чесен уличарски збор“ (рус. „Слово пацана“). Книгата е документарна приказна за периодот од седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век во Казањ, каде што дејствуваа над 100 организирани малолетнички банди. Според неа е снимена серијата „Чесен уличарски збор. Крв на асфалтот“ (рус. „Слово пацана. Кровь на асфальте“) околу која во текот на изминатите недели се крена голеа прав во руската јавност.

Од серијата „Слово пацана“

„Ако не си член на банда беше опасно да излезеш на улица зашто таму некој постојано се обидуваше да те застане, да ти ги земе парите и да те истепа“, раскажува Гараев. Самиот тој бил член на едно такво „здружение“.

Бандите навистина го држеа во страв целиот град. „Многу деца не можеа да излезат на улица“, се жали една учителка во документарниот филм „Техничката школа од задниот влез“:

Како беа организирани казањските банди?

Фабрика „Теплоконтроль“

Првата и најпозната банда беше „Тјап-Љап“. Името го има добиено според називот на извитоперен изговор на фабричката населба „Теплоконтрољ“ во која живееја поголемиот дел од членовите на бандата. Еден од нив беше и Сергеј Антипов. Тој најде просторија која им служеше како „теретана“, каде што радијаторите се користеа како тегови, а гасоводната цевка беше вратило. Тогаш немаше клубови, кружоци и спортски секции, па „теретаната“ беше можеби и единственото место каде што тинејџерите можеа да излезат навечер. Момчињата што гравитираа околу теретаната беа вовлечени во група којашто беше организирана на посебен начин.

Сергеј Антипов

Членовите на бандата се делеа на „возрасти“. Првата возраст беа „лушпи“, односно децата од помалите одделенија основно училиште до 13 години. Најмладите можеа да стојат на стража додека постарите пљачкаа продавници или киосци, но нивната главна функција беше да се соберат на повик и да го уплатат својот „дел“.

Следната возраст беа „супери“, од 14 до 17 години. Тие постојано мораа да дежураат во блоковите на своите населби или територии. Се занимаваа со воспитување на „лушпите“ и водеа сметка „уплатите“ на најмладите да бидат редовни.

Членовите од 17 до 19 години се нарекуваа „млади“. Тие беа главната борбена сила во тепачките, фрлаа тули на противниците, се тепаа со метални шипки и со дрвени или гумени палки. „Младите“ најчесто организираа упади под називот „добро утро“ или „добра вечер“. Целта на ваквите упади беше соперничката банда да се начека неподготвена, да се заплаши, претепа или дури да се „скрши“ (односно на нејзините припадници да им се нанесат тешки повреди).

Сергеј Антипов – Антип, првиот лидер на „Тјапљаповци“, Казањ, 1960-тите.

„Средните“ имаа 20 и повеќе години. Тие имаа право да одат во соседните населби како „мировници“.

„Постарите“ или „армејци“ најчесто веќе имаа отслужено војска и само тие имаа право да почнат војна против други банди, да одат на диско и да ги контролираат тезгите.

И на крајот, на чело на секоја банда имаше еден или неколку „автори“ (скратено од „авторитет“), „дедовци“ или „кралеви“. Тие ја дефинираа „политиката“ на бандата. Првите две возрасти не ги познаваа лично, ниту ги знаеја нивните имиња.

Правила на однесување во бандата

Секако, самите членови за својата банда не велеа дека е банда. Користеа прифатливи изрази, на пример „моталка“ (од зборот „да се мота“, односно да се учествува во уличниот живот на бандата), „фирма“ или „улица“. За волја на вистината, најчесто бандата се нарекуваше по името. Во Казањ во текот на седумдесеттите и на осумдесеттите години од минатиот век имаше десетици, ако не и стотици различни „моталки“. На пример „Жилка“, „Суконка“, „Хади-Такташ“, „Тјап-Љап“, „Чајници“, „Сосновка“ и „Пентагон“. Називите ги добиваа според улиците, местото на собирање, условни знаци („Чајниците“ ја обележуваа својата територија така што закачуваа чајници на дрвјата и на оградите).

Услов за влегување во бандата беше процедурата на „регистрација“. Обично новите силно ги удираа в лице, па ако издржат и се одбранат, се примаа во „фирмата“. Ако некое постаро момче сакаше да влезе, можеа да го принудат да нападне случаен минувач или член на друга „фирма“. На сите членови на „фирмата“ им беше најстрого забрането да пушат, да пијат и да користат наркотици. Доколку фатеа некого со цигара или пијан, го казнуваа и него и целата негова „возраст“. Казната се состоеше од тепање, понекогаш многу брутално. Така во „фирмите“ се создаваше групна солидарност и групна солидарна одговорност, која ги збиваше хулиганските редови и ги принудуваше да се набљудуваат меѓусебно.

Од серијата „Слово пацана“

Мораше редовно да се оди на собири, а тие беа посебни за секоја возраст. Обично на собири повикуваше некој од блиското опкружување, зашто членовите на бандите живееја во соседството, во ист блок или дури во ист влез. Собирите на помладата возраст беа речиси секојдневни, поради што момчињата пропуштаа настава, а тоа им одговараше на водачите на бандите. Колку што се помалку образовани и помалку слободни „лушпите“ и „младите“, толку повеќе ќе видат само еден пат низ животот, и тоа оној што им го покажува улицата.

На собирите на членовите им се објаснуваа правилата на уличниот морал. Требале да го одржат својот збор, секогаш да се брани својата населба и својата „фирма“. Ако на улица те запрат членови на друга банда и те прашаат „Кој си ти?“, мораш да одговориш на која „фирма“ ѝ припаѓаш, дури и ако си свесен дека ќе добиеш ќотек. Ако не кажеш дека си член на банда, си се посрамил и ќе бидеш исфрлен од бандата со брутален ќотек (во најмала рака). Згора на тоа, насекаде ќе се рашири глас дека си предавник и нема да можеш да влезеш во некоја друга „моталка“, што значи дека за тебе секое излегување на улица ќе биде ризично.

„Членовите на бандата“ носеа препознатлив костум – налето тренирки, а назима штепувани ватирани јакни и капи во боја. Облеката можеше да биде удобна за тепање, а капата доволно дебела макар малку да ја заштити главата од удари со железна шипка.

Со што се занимаваа малолетничките банди?

Студент на машински факултет на тренинг во клуб.

Главна задача на секоја возраст беше благовремено да го „внесе“ во касата својот дел од парите. На најмладите им се објаснуваше дека тие пари се собираат за материјална поддршка на „нашите“ што се по затворите. Меѓутоа, тие пари често ги присвојуваше „врхушката“. Тие купуваа скапа облека и мотоцикли, за кои се сметаше дека се елитно превозно средство на „уличарите“.

„Гледаа странски филмови на кино и сакаа да личат на италијанската мафија. На кој друг и можеа да се угледаат?“, објаснува новинарот Александар Раскин, кој ги има истражувано руските криминални кругови. Радиф Замалиев раскажува за свој познаник: „Беше лут на улицата зашто кога тој се 'моташе' даваше секоја недела 3-5 рубли, а кога заглави во затвор од таа улица не доби ниту еден пакет“.

Покрај собирањето пари од најмладите, членовите на бандите ги рекетираа малите и средните бизниси во Казањ, и ги пљачкаа тезгите на пазарите.

Студент на машински факултет на тренинг во клуб.

Членовите на бандата „Тјап-Љап“ на 31 август 1978 година организираа масовен упад во населбата „Ново-Татарска Слобода“ што ја контролираше истоимената „фирма“. Педесетина млади момчиња со шипки и пиштоли протрчаа низ населбата, напаѓајќи го секој минувач. Настрадаа неколку десетина луѓе, а меѓу нив имаше жени и постари лица, и двајца мртви. Никој, меѓутоа, тој упад не го пријави во милиција, зашто жителите на Казањ се плашеа од одмазда.

И покрај тоа, дрскиот упад резултираше со апсење на водачот на оваа банда. Како што соопштува Александар Раскин, уапсени беа повеќе од 80 луѓе, а на суд беа изведени 30 активни водачи. Главниот водач на бандата Завдат Хантимаров беше осуден на смрт. Бандата „Тјап-Љап“ беше ликвидирана, но тоа само дополнително го поттикна уличниот криминал во Казањ.

Зошто полицијата не излезе на крај со бандите?

Припадници на ОМОН приведуваат крадец на автомобили, 1989 година.

Гараев објаснува дека уличниот криминал во градовите на СССР се појавил благодарение на амнестиите, кога криминалците со веќе усвоени „робијашки“ манири се враќаа во општеството, внесувајќи во него криминални „правила“. До најголемата амнестија по војната дојде во 1953 година, а други амнестии имаше по повод 40-годишнината (1957) и 60-годишнината (1977) од Октомвриската револуција.

Сѐ поинтензивната урбанизација предизвика масовна преселба на жителите од околните села во Казањ. Тие имаа обичај на тепачки „село против село“; па го донесоа во градот во вид на тепачка „улица против улица“. Освен тоа, некои банди се појавија во населбите кои и пред револуцијата беа познати по тепачките. На пример, жителите на населбите Суконаја Слобода и Старо-Татарскаја Слобода уште во царска доба назима одеа на езерото Кабан да се тепаат, и тоа беа најбруталните тепачки во цела Русија.

Структурата на бандите имаше слична структура како екипите за тепачки. Постоеше поделба според возраст и раководни улоги. Како и во организираните групни тепачки, тепачките меѓу бандите траеше „до првата крв“, но често во тие тепачки се случуваше некој да им подлегне на повредите.

Милицијата не беше подготвена да се спротивстави на организираните банди. Поранешниот заменик-началник на одделот за кривична истрага на Татарстан Александар Авакумов во едно интервју изјави: „Вие мислите дека нешто ќе се променеше ако испративме баталјон милиционери? Тие ќе извршеа рација, ќе уапсеа десетина луѓе, но против нив немаше да може да се подигне никакво обвинение. Водачите на бандите ништо не правеа, други правеа сѐ за нив“. Освен тоа, потсетува Гараев, не постоеја ниту закони врз основа на кои би било можно да се уапсат членовите на тие банди. Во Кривичниот закон на СССР од 1960 година не постоеше ниту поимот „организиран криминал“. Тој се појави дури во новиот Кривичен закон на РФ, усвоен во 1997 година. А, тогаш во Русија веќе дејствуваа стотици организирани гангстерски банди, и тие беа наследници на казањските улични банди.

Судење на бандата „Тјап-Љап“

„Секоја доба има свои големи криминални формации, па и членовите на бандите како Тјап-Љап, како и нивните правила на организација на криминалното дејствување, послужија како впечатлив пример за идните гангстерски банди, па и на оние што се појавија во деведесеттите години од минатиот век“, објаснува Александар Раскин. „Казањскиот феномен“ никогаш не беше ликвидиран, ниту искоренет. Членовите на тие банди со текот на времето се претворија во „возрасен“ криминал во текот на деведесеттите години од минатиот век, кога пари повеќе не крадеа од учениците на улица, туку од претпријатијата, од фабриките и од градските власти.

Распадот на СССР влијаеше на промената на вредноста и ѝ овозможи на младината можност да учи и да се развива. Теретаната повеќе не беше единственото место каде момче можеше да излезе навечер. Уличниот криминал во градовите уште долго беше сериозен проблем, но во текот на деведесеттите години од минатиот век припадноста на некоја малолетничка банда повеќе не беше нешто неизбежно.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња