7 факти за синот на Сталин

Public domain
Не сакал да се вклопи во стереотипната слика на „син на водачот“, па станал воен пилот и командант на полк, и заслужено ги добил своите одликувања. Меѓутоа, не можел да го контролира својот експлозивен темперамент, па затоа е репресиран и неговата смрт до денешен ден е мистерија.

Василиј Сталин, син на Јосиф Сталин и Надежда Алилуева, од втората до шестата година растел во детски дом. Тоа бил „кремљски“ дом за деца на партиските работници, но дадијарките не можеле да ги заменат вистинските родители.

Надежда Алилуева со синот Василиј

Јосиф Сталин и неговата жена малку се грижеле за своите деца, а кога Надежда извршила самоубиство во 1932 година, Сталин своето внимание ѝ го посветил на ќерката Светлана, додека на Василиј речиси и не му обрнувал внимание.

Василиј Сталин на тоа се сеќава вака: „Бидејќи останав без мајка и не можев да растам под будното око на својот татко, во суштина растев и се воспитував во круг на мажи (од обезбедувањето) кои не можеа да се пофалат со морал и воздржување. Тоа остави трага на мојот понатамошен живот.

Бил воен пилот

Василиј Сталин на 17 години се запишал во воздухопловна школа каде што не покажал интерес за учење, но во практика се истакнал како одличен пилот. Ја завршил школата како поручник и потоа отслужил неколку месеци како пилот на ловечки авион. Војната ја доечкал на должност пилот-инспектор на летање. Во декември 1941 година добил звање мајор, така што ги прескокнал сите чинови и од поручник е унапреден во мајор. По само неколку месеци добил чин полковник, повторно „преку ред“.

Од јули 1942 година Василиј војувал на фронтовите на Големата татковинска војна и командувал со пилоти. Генерал Сергеј Долгушин се сеќава на неговите учества во битките: „Василиј Сталин внимателно командуваше со полкот и го уважуваше нашето мислење, на поискусните пилоти. [...] Во февруари и март 1943 година соборивме десетина непријателски авиони. Од тоа три беа со учество на Василиј“.

На крајот од војната воздухопловната дивизија под команда на Василиј Сталин учествуваше во Берлинската офанзивна операција. Во книшката на носител на награда со Орден Суворов од втор степен што му е доделена на Василиј на 11 мај 1945 година, пишува дека Василиј Сталин „извел 26 борбени летови и лично соборил 2 непријателски авиона“.

Во 1943 година Василиј бил ранет. За волја на вистината не во бој, туку кога со група на пилоти отишол на риболов со помош на динамит. По неуспешната експлозија еден од пилотите загинал, а Василиј бил ранет од шрапнел во петата, па шест месеци минал на лекување во Москва. Кога дознал за овој случај Јосиф Сталин го сменил Василиј од местото командант на полкот и го префрлил на местото инструктор по летање. Но, само на половина година.

По војната станал голем војсководец

Василиј Сталин во текот на војната има добиено 2 ордени Црвено знаме, Орден Суворов од втор степен и Орден Александар Невски, и мал само 25 година кога во 1946 станал генерал-мајор на авијацијата. Овие факти не можат да се одречат – синот на советскиот водач напредуваше во службата побргу од кој било друг командант. Потоа во 1948 година стана командант на Военото воздухопловство на Московскиот воен округ и почна да живее „на висока нога“. Живееше во хотелот „Советскаја“ во повеќесобениот апартман 301, со столбови и гипсени украси на ѕидот. Сега на вратата стои спомен-плоча. И не случајно ресторанот „Јар“ кој се наоѓа во истата зграда беше главно место за пијанките на предреволуционерните богаташи.

Како началник на Военото воздухопловство на Московскиот воен округ Василиј Сталин го „наследи“ она што остана по војната – оштетени аеродроми и истрошени авиони, а задача му беше воздушната одбрана на престолнината на СССР да ја крене од урнатините. Како што се сеќава авиотехничарот Виктор Шарков, под водство на Василиј Сталин „обуката на пилоти се одржуваше без прекин, а техничкиот кадар понекогаш работеше во две смени, така што луѓето ноќе не спиеја [...] Летовите не беа регулирани со никакви документи. Деноноќно се извршуваше редовно одржување на техниката, а покрај тоа се поправаа дефекти и се менуваа погонските делови и моторите“.

Василиј Јосифович сериозно се грижеше за животот на пилотите од фронтот и за неговите семејства. Издејствува изградба на пилотски град во Тушино, водеше сметка за образованието и за пристојни плати за офицерите. Пилотскиот ас Сергеј Комаренко подоцна напиша: „Тој набргу по доаѓањето на функцијата го посети нашиот аеродром, а претходниот командант за две години го немавме видено ниту еднаш!“ Според Комаренко „пилотите го сакаа Василиј Сталин, зашто иако беше син на големиот водач, тој чесно се бореше во Татковинската војна, мина низ Сталинград и стаса до Берлин, а тоа многу значеше за секој борец на фронтот“.

Беше покровител на спортистите

Користејќи ја својата положба на началник на Военото воздухопловство на Московскиот воен округ (ВВС МВО), Василиј Сталин стана познат и како покровител на спортот. Формираше „воздухопловни“ екипи за фудбал, хокеј и кошарка.

Василиј Сталин//Всеволод Бобров

„Под закрилата“ на спортскиот клуб на ВВС МВО и неговиот покровител тренираа легендите на советскиот хокеј Анатолиј Тарасов и Всеволод Бобров кој беа во добри лични односи со Василиј. Василиј се трудеше на „своите“ спортисти да им обезбеди сѐ најдобро, што подоцна му беше припишано како вина: „Во Воздухопловството на Московскиот воен округ основаше 8 постојани спортски тимови од околу 300 лица, за чие издржување се трошеа повеќе од 5 милиони рубли годишно... Спортистите на ВВС МВО имаа повластена положба, обезбедени станови, офицерски чинови и летачко-техничка униформа и опрема, а се издвојуваше и значителна сума за премии и за задоволување на останатите желби, со што беа загрозени интересите на останатиот кадар на ВВС на МВО“, се наведува во судското досие на Василиј Сталин.

Планираше да создаде советска „Формула 1“

Болид „Сокол-650“

По војната во Саксонија беа пронајдени 18 автомобили Auto Union Typ 650, направени во 1940 година за учество во Големата награда на Европа во автотрки. Со ова пронаоѓање е поврзана приказната во која учествуваше и синот на Сталин. Тој решил да се посвети на правење советски болиди за трки, копирајќи ги автомобилите Auto Union со помош на негови инженери. Стручњаци од компанијата Auto Union во градот Цвикау (Источна Германија) се обединија со советските инженери во група под кодно име НТБА (Научнотехничко биро за производство на автомобили) којашто го разви советскиот болид „Сокол-650“.

Во април 1952 година два „Соколи-650“ стасаа во Москва, а Василиј Сталин сакаше веднаш да ги демонстрира на градскиот шампионат во автомобилски трки. Меѓутоа кружеше приказна дека техничарите коишто работат во Военото воздухопловство што работеа на сервисирање на возилата ги наполниле резервоарите со авионско гориво, а не со високооктански бензин, што ги „упропасти“ моторите, системот за довод на гориво и палењето. Така настапот на „сребрените стрели на Василиј Сталин“ се изјалови. Автомобилите беа вратени во Германија каде што во 1957 година беа користени како реквизити за снимање филмови.

Бил неверојатно темпераментен

Атлетска штафета за наградата на весникот „Вечерна Москва“. Во центрот е Василиј Сталин, десно е радиорепортерот Вадим Сињавски.

„Здравствената состојба е лоша. Темпераментен и раздразлив, не знае да се контролира. Во комуникација со подредените е груб, понекогаш им верува на потчинетите, дури и тогаш кога не се подготвени и способни да извршат наредба на командантот. Овие лични недостатоци го намалуваат авторитетот на Василиј Сталин како командант и раководител“, вака синот на водачот во 1947 година го опишал генерал-потполковник Евгениј Савицки.

За време на војната полкот под команда на Василиј требал да се префрли на друга локација, а еден инженер до утрото не стасал да ја спакува сета опрема. Откако дознал за ова, командантот на полкот наредил генерално постројување „за стрелање на капетанот Ширјаев“. За среќа капетанот успеал да избега во шумата, а гневот на Василиј спласнал, па Ширјаев е „помилуван“.

Николај Ефимов, механичар на авионот со кој летал Василиј Сталин се сеќава дека тој „многу пиел, но не се опивал“. Ова е очигледен детаљ и се сложува со постојаните скандали и импулсивни постапки на Василиј. Во Москва се прочу дека една ноќ Василиј Сталин дошол на Тушинскиот аеродром во својата кола заедно со девојка, сакајќи да ја „повози“ со ловечки авион.

Пјотр Иванович Егоров, професор и началник на Здравствено-санаториумската управа на Кремљ на 9 декември 1950 година поднел ваков рапорт на Сталин: „Василиј Јосифович страда од ментална исцрпеност, хроничен гастроентеритис и анемија. Причина за овие болести е неумерената консумација на алкохол. На 16 ноември [...] Василиј Јосифович ненадејно добил напад на епилепсија...“

Репресиран е по татковата смрт

Василиј Сталин со сопругата Екатерина Тимошенко на церемонијата на последното простување од Јосиф Сталин.

Проблемите на Василиј започнаа уште додека татко му беше жив, и згора на тоа со непосредно учество на неговиот татко. По парадата на Воздухопловството на Московскиот воен округ на 27 јули 1952 година Тушинскиот аеродром со кој командуваше, Василиј во присуство на Јосиф Сталин јавно го опцу Павел Жигарев, главниот командант на Военото воздухопловство на СССР и свој непосреден претпоставен. Се зборува дека тогаш бил пијан.

Таткото го потсети сина си дека во мај истата година, по воздушната парада во Москва, два најнови Ил-28 се урнаа во обид да слетаат, и го смени од позицијата началник на Воздухопловството на Московскиот воен округ.

По смртта на Сталин министерот за одбрана на СССР Николај Булганин, кого Василиј Сталин претходно повеќе пати го опцул и го навредил, му постави на синот на големиот водач ултиматум според кој тој мораше да ја напушти Москва и да ја прифати должноста командант на еден воен округ. Василиј се налути зашто тоа не беше позиција од негов „калибар“. Тогаш најпрво е префрлен во резерви и одземено му е правото на носење воена униформа, а еден месец подоцна е упасен и испратен во Владимирската централа.

Василиј Сталин е обвинет за корупција и за клеветнички изјави против државниот врв. Власта одучи да го потсети синот на водачот кој е сега главен, така што на крајот беше осуден на 8 години затвор.

Смрт под неразјаснети околности

Споменик на Василиј Сталин на Арските гробишта во Казањ.

Во Владимирскиот затвор помладиот Сталин е евидентиран под името „Василиј Павлович Василев“. Работеше како механичар и стругар во затворската работилница. Не му се давани никакви специјални олеснувања. Во затвор здравјето му се упропасти. „Затворска казна издржува шест години и осум месеци. Во овој период затворската администрација го окарактеризира неговото однесување како позитивно. Моментално боледува од низа тешки болести (болест на срцето, на желудникот, на крвните садови на нозете и др,)“, вака гласи неговата карактеристика од 1960 година.

На барање на Хрушчов Василиј е пуштен од затвор во јануари 1960 година. Доделена му е пензија и стан во Москва, но набргу доживеа сообраќајна незгода со дипломатско возило. Набргу потоа од непозната причина отиде во посета на Кинеската амбасада, а за време на Никита Хрушчов СССР и Кина беа во мошне сложени односи. Поради тоа повторно е осуден и вратен во затвор.

По истекот на казната Василиј Сталин излегува од затвор на 28 април 1961 година, но повеќе не му беше дозволено да живее во Москва. Од понудените места за живеење тој го избира Казањ. Дури на почетокот на 1962 година добива пасош со презимето „Џугашвили“. Во Казањ живееше помалку од една година. Почина на 19 март 1962 година.

Околностите за смртта на Василиј не се познати. Лекарите како причина навеле „злоупотреба на алкохол“. Наводно со гости од Грузија испил цело буре вино. Многу години подоцна (во 1998) третата сопруга на Василиј тврдеше дека не била извршена аутопсија и дека се сомнева во официјалната верзија за смртта (пијанство). Василиј Сталин е погребан без почести на гробиштата во Казањ. Дури во 2002 година неговите посмртни останки се пренесени и повторно погребани во Москва.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња