Каква врска со Лондон има рускиот збор за железничка станица?

Kira Lisitskaya (Photo: Legion Media; Public domain; Sofia Sandurskaya/Moskva agency)
Вокзал, збор што на современ руски значи „зграда на железничка станица“, се појавил во Русија многу пред железницата. Тоа не е никакво чудо, бидејќи во XVIII век во форма на „воксал“ значел нешто сосема друго.

Во „Писмата на рускиот патник“ од Николај Карамзин, ги читаме неговите белешки за патувањето во Лондон во 1790 година: „...славниот англиски Воксхол, кој залудно се обидуваат да го имитираат други земји. Тоа е прекрасно место за средба за вечерна забава, достојно за паметен и богат народ! Оркестарот свири главно омилени народни песни, пеат актери и актерки на лондонските театри, а слушателите во знак на задоволство често им фрлаат пари. [...] Одеднаш се крева завесата и гледаме натпис со огнени букви: Take care of your pockets! - Внимавајте на џебовите! (бидејќи лондонските крадци, кои ги има во голем број и во Воксхол, ја користат секоја прилика). Во исто време се отвора проѕирна слика која претставува селска сцена“.

Vauxhall Pleasure Gardens, 1732.

Очигледно е дека се работи за театарски павилјон. Понатаму, Карамзин опишува дека по претставата ги „посетил сите галерии и ги погледнал сите слики“, а потоа наминал во ротондата, чии ѕидови однатре се покриени со огледала.

Николај Карамзин бил во посета на Vauxhall Gardens, забавен парк во Кенингтон, на јужниот брег на Темза. Паркот постоел од 1770-тите до 1859 година, а по неговиот пример слични забавни градини и паркови во Русија почнале да се нарекуваат „воксали“.

Vauxhall Gardens во Лондон, околу 1754.

Како се појавиле „воксали“ во Русија?

Мајкл Медокс, англиски инженер, првиот пат пристигнал во Русија во 1766 година како наставник по механика и физика кај великиот кнез Павел Петрович. По овој ангажман, Англичанецот го напуштил Санкт Петербург, но десет години подоцна се вратил, овојпат во Москва, не како инженер, туку како богат театарски импресарио.

Јасно е дека учителот на поранешниот престолонаследник уживал голема репутација. Во Москва, Медокс го организирал театарот „Петровски“, претходник на театарот „Болшој“. Во 1783 година тој исто така отворил „воксал“ во квартот Таган. Изворите за него се оскудни. Тоа бил дрвен павилјон во градина со езеро. Во зградата имало „собен театар“ за лоши временски услови и соби за билјард. На убаво време, на летната сцена во самиот парк, каде имало и киосци и бифеа, се изведувале комедии и оперети. Навечер паркот бил осветлен со фенери и биле приредувани огномети. Воксал бил отворен до два по полноќ, а влезот чинел една рубља - многу висока цена за тоа време, што ги спречувало сиромашните да ги посетуваат претставите. Во тоа време, имено, четиричлено селско семејство можело да живее од 20 рубли еден месец па и подолго.  

Градината Ермитаж во Москва

Познавачите на историјата на Москва претпоставуваат дека патот до московскиот „воксал“ ноќе бил осветлен со факели за да не се изгубат кочијашите по излегувањето од главниот пат. Затоа сокаците на тоа место, кои до 1919 година се нарекувале Голем и Мал Вокзални, денес се познати како Голем и Мал Факељни (од зборот „факел“).

Кој „воксал“ бил првата железничка станица?

Павловски воксал

Се разбира, и во Санкт Петербург имало „воксали“: во Наришкинската и Летната градина, на островите, покрај селото Озерки... Но, најпознат бил воксалот во Павловск. Отворен е во 1838 година заедно со првата железничка пруга во Русија наречена Царскоселскаја и се наоѓал на нејзината последна станица. Павилјонот за забава бил изграден како „реклама“ за железницата: за граѓаните да сакаат да дојдат на Павловскиот воксал и заради тоа да купат билет за воз.

Павловски воксал

Инженерот Франц фон Герстнер, градител на Царскоселската железница, напишал: „На крајот на пругата ќе се изгради ново Тиволи, прекрасен воксал: и лете и зиме ќе служи како место за собирање на жителите на престолнината; игри и танци, освежување на свеж воздух и во раскошната трпезарија ќе привлечат таму сé и секого“.

Павловски воксал

Воксалот бил изграден во 1838 година според проектот на Андреј Штакеншнајдер и бил првата постојана концертна сала во земјата каде што настапувале симфониските оркестри. Беше урнат за време на Втората светска војна, но токму после Павловскиот воксал сите павилјони на железничките станици во Русија почнаа да се нарекуваат „вокзали“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња