7 најпознати странски платеници во руската војска

Public domain
Меѓу странците коишто имаат направено воена кариера во Руската Империја бил и „таткото на американската морнарица“ и претендент за шпанскиот престол.

1. Александар Лесли

Човекот со незауздана храброст, Шкотот Александар Лесли, бил еден од најистакнатите платеници во 17 век. Во руска служба стапувал трипати: во 1618, во 1630 и во 1647 година.

Во текот на опсадата на Смоленск (кој тогаш ѝ припаѓал на Полска) во 1633 година „полкот на странската формација“ под команда на Лесли го спасил полкот на друг платеник, полковникот Томас Сандерсон, кому му се заканувал целосен пораз во судирот со полските хусари. Ова, меѓутоа, не ги спречило Шкотот нешто подоцна, на воениот совет, истиот тој Сандерсон да го обвини за предавство и поради тоа ладнокрвно да го убие.

Александар Лесли не бил само талентиран војсководец, туку и способен регрутер. Уште пред почетокот на Смоленската војна успеал да привлече во руската служба над 4.500 платеници и од нив да формира четири „германски“ полка.

Третата посета на Русија за малку ќе ја плател со живот. Болјарите, незадоволни од странската превласт, го обвиниле дека плукал на олтарот во православна црква, дека пукал во крст од пиштол и дека ги терал руските слуги да јадат кучешко месо, а исто така и дека неговата сопруга наместо дрва користела икони за ложење на печката.

Од смрт го спасил царот Алексеј Михајлович. Тој му предложил на својот штитеник и на неговите офицери да преминат во православие, а тие со задоволство прифатиле. Лесли во 1954 година станал првиот човек во руската историја кој го добил чинот генерал.

2. Јан Хендрик ван Кинсберген

Холандскиот поморски офицер Јан Хендрик ван Кинсберген 20 години беспрекорно служел во холандската војска и учествувал во експедиции во Западна Индија и на бреговите на Северна Африка, за во 1771 година да замине далеку во Русија.

Русија со задоволство прифаќала искусни морнари, и на Кинсберген набргу по доаѓањето му е доверено командување со ескадра, така што тој се нашол во самото жариште на руско-турската војна. Тука Холанѓанецот во целост ги покажал своите војнички таленти. Храбро одел во напад на бројно помоќниот непријател, често нанесувајќи му сериозни загуби и принудувајќи го да ги повлече своите бродови.

„Чест ми е да посведочам дека повеќекратно наградуваниот капетан Кинсберген е одличен и храбар поморски офицер, и дека во секој поглед е достоен за унапредување“, напишал во документот за доделување награди на офицери контраадмиралот Алексеј Сењавин.

Набргу по завршувањето на војната (1775) Холанѓанецот ја напуштил Русија, иако лично императорката Екатерина Втора го молела да остане на служба. Во Холандија Јан Кинсберген дотуркал до чин адмирал и дури едно време бил на чело на холандските военопоморски сили.

3. Џон Пол Џоунс

Џон Пол Џоунс во текот на Американската војна за независност станал најуспешен меѓу офицерите на Континенталната морнарица. Благодарение на него Американците однеле некои од најистакнатите поморски победи во текот на судирот. Станува збор за заземањето на британската слупа (лесен воен брод со едра) „Дрејк“ и фрегатата „Серапис“ со 50 топови.

По завршувањето на војната во 1783 година „таткото на американската морнарица“ (како што често се нарекува овој морнарички командант) останал без омилената работа. Четири години работел во дипломатска служба во Европа, сѐ дури императорката Екатерина Втора не го повикала во Русија.

Џоунс веднаш бил унапреден во чин контраадмирал (во американската морнарица имал чин капетан) и бил испратен на Црното Море, каде што е ставен под команда на „неговата светлост“ кнезот Кригориј Потемкин. „Овој човек е кадар во голема мера да го зголеми стравот и трепетот во непријателските редови“, му пишувала императорката на Потемкин.

Американецот ја оправдал укажаната доверба. Командувајќи со ескадра од 11 бродови тој во јуни 1788 година заедно со руската веслачка флотила на контраадмиралот Карл од Насау-Зиген ја поразил турската флота кај црноморската тврдина Очаков. Непријателот изгубил 15 бродови, биле убиени 6.000, а заробени 1.500 војници.

Џон Пол Џоунс чекал нова задача на Балтичкото море кога ненадејно се нашол во центарот на сексуален скандал. Бил обвинет за силување на десетгодишно девојче. И покрај фактот што по истрагата сите обвиненија биле отфрлени, Џоунс станал персона нон грата во Русија. Незадоволен и огорчен, морнаричкиот командант во август 1789 година засекогаш ја напуштил Русија.

4. Гомес Фреире де Андраде

Пред доаѓањето во Русија во 1788 година Гомес Фреире де Андраде направил успешна каријера во португалската копнена војска и во военопоморската морнарица. Меѓутоа, сонувал за голема војна, каква што неговата татковина во тој момент не водела.

Во тоа време во Русија се воделе војни против Османското царство и против Шведска. Во нив Андраде учествувал. Тој бил еден од првите кои на 17 декември 1788 година се искачил на ѕидините на тврдината Очаков. За исклучителниот подвиг императорката Екатерина Втора му го врачила највисокото воено признание, орденот Свети Георги од 4 степен.

Потоа Португалецот се упатил на Балтик за да војува против Швеѓаните. За одличното командување со пловечка батерија (брод со тивок од со моќно артилериско вооружување за опсада на крајбрежни тврдини) во Првата роленсалска битка на 24 август 1789 година унапреден е во чин полковник и одликуван е со златен меч на кој имало изгравирано „За храброст“.

По завршувањето на војните против Турција и Шведска Гомес Фреире де Андраде во 1791 година се вратил во татковината. Повторно дошол во Русија во 1812 година, но не како непријател. Во својство на офицер на Португалската легија тој учествувал во инвазијата на Големата Наполеонова армија на Руската Империја.

За волја на вистината не учествувал лично во битките зашто бил на должност воен губернатор во Дисни (денес град во северна Белорусија). Зимата истата година засекогаш ја напуштил Русија со малобројните остатоци од француските единици.

5. Луј Жозеф де Бурбон

Многумина Французи не ја прифатиле револуцијата од 1789 година се бореле во редовите на странските армии за обнова на монархијата. Од сите емигрантски ројалистички формации најподготвен за борба бил корпусот на принцот Луј-Жозеф де Бурбон од Кондео.

Долга низа години војниците на Кондео се бореле рамо до рамо со Австријците, но принцот по поразот и по повлекувањето на Австрија од војната од 1797 бил принуден да бара нов покровител.

Тогаш рускиот цар Павел им дал на ројалистите помош и по договор со францускиот крал во прогонство Луј XVIII го примил корпусот на служба. Французите добиле нови униформи, како и борбени знамиња и бајраци на кои биле комбинирани руските и француските хералдички симболи.

Ројалистите на Кондео во редовите на руската армија учествувале во војната на Втората антифранцуска коалиција и на бојното поле покажале исклучителна храброст и исклучителна издржливост. Кога Русија излегла од судирот во 1800 година, корпусот влегол во состав на единиците на Велика Британија. Во знак на благодарност за верната служба војниците ја добиле на подарок сета опрема што ја користела, опремата и униформата, како и кочиите и коњите.

6. Левин Август фон Бенигсен (Леонтиј Бенигсен)

Потполковникот на хановерската војска, барон Левин Август Готлиб Теофил фон Бенигсен стапил во руска служба во 1773 година. Се истакнал во војните против Полјаците, против Турците и против Персијците. Награден е за храброст и има добиено неколку ордени, златен меч со дијаманти, како и голем имот со кметови.

Во близина на градот Прејсиш-Ејлауа (денес Багратионовск во Калининградската област во Русија) во Источна Прусија руската војска на 7 февруари 1807 година под команда на Бенигсен во рамноправна битка се фатила во костец со единиците на Наполеон. На крајот ниту една страна не излегла како победник од битката, но Наполеон тоа го доживеал како целосен неуспех зашто на тој начин била разнишана вербата на француските војници во својот непобедлив цар.

Бенигсен против Французите се борел и во текот на Татковинската војна од 1812 и во Ослободителниот поход на руската војска 1813-1814. Набргу по завршувањето на борбените дејствија тој побарал оставка и се вратил во родниот Хановер каде што ги минал последните години од својот живот.

7. Хаиме де Бурбон

Хаиме де Бурбон, војвода од Мадрид и Анжуј и претендент за шпанскиот престол, мошне ретко го посетувал Пиринејскиот полуостров. Причината била неуспехот што шпанската династија Бурбон го доживеала во борбата за власт во земјата.

Војводата Хаиме живеел и студирал во разни европски земји, а потоа во 1896 година заминал во Русија каде што го чекала блескава воена кариера. Дотуркал до чин полковник, бил на служба во царската гарда, учествувал во интервенцијата на Алијансата на осум земји во Кина во 1900 и во Руско-јапонската војна 1904-1905 година.

Шпанскиот аристократ на бојното поле секогаш ги предводел битките и демонстрирал незапирлива храброст. Во една битка против јапонската војска генерал Александар Самсонов се обидел да го тргне војводата од опасно подрачје, потсетувајќи дека тој ѝ е потребен жив на Шпанија. „Генерале, да бев кукавица немаше да бидам достоен на својата татковина!“, му одговорил Хаиме де Бурбон.

Храбриот војвода од Мадрид и Анжуј ја напуштил руската служба во 1910 година и никогаш не станал крал. Во текот на следните дваесет години продолжил да талка низ Европа, повремено посетувајќи ја и Шпанија, се дури не се упокоил во Париз во 1931 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња