Како во СССР се пропагираше пријателството меѓу народите

Делегати на Светскиот фестивал на млади и студенти ја садат „Градината на пријателството“

Делегати на Светскиот фестивал на млади и студенти ја садат „Градината на пријателството“

Сергеј Смирнов/«Газета Известия»/russiainphoto.ru
Во Советскиот Сојуз сè беше проткаено со идејата за пријателство меѓу народите - и химната, и голема државна награда, и главната фонтана во земјата, престижен универзитет за странци, многу плоштади, музеи...

Пријателството меѓу народите беше еден од столбовите на кои стоеше мултинационалниот Советски Сојуз. Во оваа фраза се вткаени единството и еднаквоста, соработката и взаемната помош, добрата волја и заедничките интереси, заедничката работа и, секако, слободата и независноста на сите народи на СССР. Сите тие заедно формираа една монолитна заедница наречена „советски народ“.

Скеч посветен на пријателството меѓу народите.

Како национална идеја, пријателството меѓу народите кои живееја во СССР за време на Втората светска војна доби на значење и стана прашање од примарна важност.

Естонија, Талин, Деветти студентски фестивал на балтичките републики на СССР.

Тоа пријателство (а всушност интернационално единство) беше промовирано како клуч за воениот успех на СССР, бидејќи жителите на сите републики мораа да ја бранат својата заедничка татковина. Советската пропаганда ги повикуваше народите да го негуваат пријателството и братски да војуваат рамо до рамо, и тоа го правеше користејќи ги сите расположливи средства - кинематографијата и публицистиката, поезијата и прозата...

Фразата „пријателство меѓу народите“ по победата во војната стана камен-темелник на кој се градеше советското општество. Но, тој не подразбираше на асимилација на сите народи во една општа нација. Напротив, се инсистираше на интернационализам, на мултинационална заедница.

Шести светски фестивал на млади и студенти во Москва

Во исто време, пријателството меѓу народите не беше ограничено само на Советскиот Сојуз. Тоа имаше глобален карактер, бидејќи СССР интензивно негуваше пријателски односи со многу земји во светот, пред сè со оние во кои беше на сила социјалистичкиот модел на развој.

Од циклусот „Шести светски фестивал на млади и студенти во Москва“

Така, во 1957 година Москва беше домаќин на Шестиот светски фестивал на млади и студенти, кој се одржа под слоганот „За мир и пријателство“. Во него учествуваа делегати од 130 земји.

Посета на Фидел Кастро на СССР. Митинг на пријателството меѓу советскиот и кубанскиот народ на стадионот „Лужники“.

И, се разбира, таа клучна социјална идеја на СССР мораше во секој поглед да се зајакне и зацврсти.

Шести светски фестивал на млади и студенти во Москва. Учесниците на фестивалот на стадионот „Лужники“.

Затоа, таа е овековечена во имиња на улици и плоштади, научни и културни институции, државни симболи и награди.

Химната на Советскиот Сојуз

На крајот на 1943 година Комунистичката партија ја усвои Државната химна на СССР. Автор на текстот беше Сергеј Михалков, а музиката ја напиша Александар Александров. Првиот рефрен гласи вака:

Слава ти, Татковино наша слободна,

Единствен бедему на пријателството на народите!

Од 1956 во наредните 20 години химната беше интонирана без зборови, поради името на Сталин во неа. Затоа во 1977 година раководството на СССР одлучи да ја преработи химната, па името на Сталин беше исфрлено. Меѓутоа, „пријателството на народите“ остана и во текот на изведувањето на химната се изговараше дури три пати.  

Слава ти, Татковино, наша слободна,

Сигурен бедему на пријателството на народите!

Лениновата партија, силата народна,

Кон триумф на комунизмот нека нé води!

Фонтаната „Пријателство меѓу народите“ на ВДНХ

Фонтаната „Пријателство меѓу народите“ на ВДНХ

Прекрасната фонтана е изградена во 1954 година по повод отворањето на Саемот на достигнувања на националната економија (ВДНХ). Првично беше планирано да се вика „Златен сноп“, но сепак беше посветена на клучната идеја на советското општество.

Фонтаната „Пријателство меѓу народите“ на ВДНХ

Во центарот на фонтаната има златни снопови пченица и сончогледи, а наоколу женски фигури во народни носии. Има 16 фигури - толку имаше сојузни републики во 1954 година.

Универзитет за пријателство меѓу народите (денешен Руски универзитет за пријателство меѓу народите, РУДН)

Студенти на Универзитетот за пријателство меѓу народите „Патрис Лумумба“ (сега Руски универзитет за пријателство меѓу народите)

Универзитетот е основан во Москва во 1960 година за да обезбеди помош за земјите од Азија, Африка и Латинска Америка кои кон крајот на 1950-тите и почетокот на 1960-тите се ослободија од колонијалната зависност.

Студенти на Универзитетот за пријателство меѓу народите од Нигерија и Сиера Леоне.

Во 1961 година универзитетот го доби името по Патрис Лумумба, првиот премиер на Демократска Република Конго.

Испраќање на Кубанците кои дипломираа на Универзитетот за пријателство меѓу народите, Москва 1962, Киевска железничка станица.

Првите дипломи ги добија 228 стручњаци од 47 земји. Во 1975 година на Универзитетот му беше доделен Орденот „Пријателство меѓу народите“.

Медал во чест на основањето на Универзитетот за пријателство меѓу народите.

Орден „Пријателство меѓу народите“

Наградата беше воспоставена 1972 година по повод 50-годишнината од основањето на СССР.

Орден „Пријателство меѓу народите“, воспоставен од Президиумот на Врховниот Совет на СССР на 17 декември 1972 година.

Се доделува првенствено за заслуги во зајакнувањето на пријателството и братската соработка меѓу социјалистичките народи и народности.

Генералниот секретар на ЦК КПСС Леонид Илич Брежнев и претседателот на Народна Република Мозамбик Самора Мојзес Машел по добивањето на Орденот „Пријателство меѓу народите“ во Кремљ.

Ордените не ги добиваа само советски граѓани, туку и странци.

Јапонскиот бизнисмен Сибано Јасусабуро, носител на орденот „Пријателство меѓу народите“.

Покрај тоа, беа одликувани и претпријатија и организации, новински агенции и универзитети, региони и градови.

Врачување на орденот „Пријателство меѓу народите“ на Друштвото за виетнамско-советско пријателство, 1975.

Топоними и објекти ширум земјата

Големи и мали објекти беа посветени на пријателството меѓу народите, а такви објекти имаше и во Москва и во многу сојузни републики и републики на РСФСР.

Музеј на пријателството меѓу народите на СССР на проспектот „Шараф Рашидов“, Ташкент, Узбечка ССР.

Некаде тоа се мозаични паноа и споменици, некаде населби, авении и улици, хидроцентрали и метро станици, концертни сали и музеи.

Споменик „Пријателство меѓу народите“, Ташкент.
Споменикот „Пријателство меѓу народите“ беше подигнат во чест на семејството Шамахмудов, кое за време на Втората светска војна посвои осумнаесет деца од различна националност, Ташкент

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња