5 важни факти за Куликовската битка

Гравура. Куликовската битка, 1978-1979, Алексеј Шмаринов

Гравура. Куликовската битка, 1978-1979, Алексеј Шмаринов

Музеј-резерват „Куликово поле“
На 16 септември се одбележува годишнината од битката на Куликовото поле. Собравме пет важни историски факти за оваа битка, потврдени во изворите.

Битката навистина била од големи размери

Учесници во воено-историскиот фестивал „Куликово поле“ 2022.

Според најновите историски истражувања, монголскиот војсководец Мамај можел да собере од 70.000 до 90.000 војници и да тргне на Русите. Меѓутоа, не ги повел сите во Куликовската битка - два месеци подоцна тргнал со своите трупи против канот Токтамиш. Како што тврдат историчарите, во Куликовската битка можеле да учествуваат  20.000-30.000 војници на Златната Орда.

Многу е потешко да се процени бројноста на руската војска, бидејќи сите руски извори го преувеличувале бројот на учесници во оваа голема битка. Според историчарите Андреј Амелкин и Јуриј Селезњов, Дмитриј Донски исто така извел околу 30.000 војници на Куликово поле. Тоа навистина била една од најголемите битки во Средниот век, која според бројот на војници може да се спореди со битката кај Поатје (732) меѓу Франките и Арапите или битката кај Азенкур (1415) помеѓу Англичаните и Французите, и секако, со Косовската битка.

Во битката на страната на Русите учествувале и луѓе кои никогаш претходно не војувале

Репродукција на сликата „Утро на Куликово поле“ на Александар Бубнов од колекцијата на Третјаковската галерија.

Дмитриј Иванович (Донски), великиот кнез Московски и Владимирски, прогласил на своите подрачја „општа мобилизација“, така што во одбра на руската земја, рамо до рамо со професионалните војници, застанале и луѓе кои никогаш претходно не се бореле. Тоа го потврдуваат и аналите: „Многу Московјани претходно не беа во битки, па кога ја видоа големата татарска војска, се исплашија и се збогуваа со своите животи“.

На страната на Мамај се борела европска пешадија

Гравура. Кановата војска, 1979-1980, Алексеј Шмаринов

Меѓу трупите на Мамај изворите го спомнуваат учеството на „Фрјаги“ (староруско име за луѓе од Јужна Европа со романско потекло, најчесто Италијанци). Откако Византиската империја била поразена од крстоносците во 1204 година, многу италијански трговски колонии се појавиле на брегот на Црното Море. Италијанците биле познати во Европа по своите воени вештини и Мамај можел да ја ангажира нивната пешадија вооружена со копја, како што пишува хрониката: „И така тие станаа и ги положија своите копја... секој на рамениците на оној што беше пред од него, во првите редови [копјата] беа пократки, во задните - подолги“. Сепак, не е јасно дали „Фрјагите“ навистина учествувале во битката. Можеби само го чувале штабот на Мамај.

Великиот кнез Дмитриј Донски за влакно ја избегнал смртта во битката

„Донски на Куликово поле“, В. К. Сазонов, 1824.

Велики кнез Дмитриј Иванович се вклучил во битката со првите полкови што тргнале во јуриш. Речиси веднаш бил ранет и фрлен од коњот. Воините кои го бранеле набрзо паднале од непријателската рака, а самиот кнез добил многу удари во стомакот и градите. Го спасиле металниот оклоп и панцирната кошула. Успеал да се извлече од битката гради в гради и да се примири во дабовата шума. Од раните повеќе не можел да седне на коњ.

Победата е извојувана благодарение на тактиката преземена од воините на Ордата

Минијатура „Една епизода од битката на Куликово поле“ од Илустрираната ракописна хроника од времето на Иван Грозни, средина на XVI век. Лист 181.

Во времето на битката кај Куликово, Русите веќе 140 години биле под власт на Ордата и многу руски кнезови учествувале во воени походи заедно со воините на Ордата. Кога Русите пристигнале на Куликово поле, во борбена формација се построиле пет полкови: големиот полк, полковите на десното и левото крило, истурениот полк и стражарскиот полк. Меѓутоа, исходот од битката го решил полкот скриен во заседа во дабовата шума. Влегол во битката во решавачки момент, кога Монголите не го очекувале тоа. Така монголско-татарската војска во XIII век ги нападнала руските земји и победувала во битките благодарение токму на својата тактика и борбените формации. За 150 години Русите научиле да ја применуваат таа тактика против освојувачите и ги победиле.

„По Куликовската битка“, скица, Валентин Серов, 1895.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња