Во старо време немало многу отпад. Речиси сѐ што вреди – облека, садови, секојдневни предмети – луѓето ги користеле и ги поправале сѐ дури дефинитивно не се распаднат на делови. Облеката ја прекројувале, а кога повеќе навистина не можела да се носи, ја користеле како крпи за бришење или од неа правеле „корпија“ (куп нитки од ткаенина кои ја заменувале ватата). Сите остатоци од храна се давале на животните, скршените дрвени предмети се палеле, а хартијата, секако, се чувала.
Сепак, во голем град, каков што бил Москва уште во 15 век, имало отпад многу повеќе одошто луѓето успевале да соберат и да преработат. Еден од главните проблеми биле фекалиите, кои поради сѐ поголемиот број жители веќе во 17 век станале прашање од градско значење.
Золотари, 1910.
Слободни извориСтарите московјани лесно поднесувале нечистотија – како и сите градски жители на средновековна Европа. Отпадот и фекалиите се истурале на улица. Тоалетите во куќите на богатите луѓе често се наоѓале во задниот двор или на улица. Калдрми постоеле само на главните улици, и тоа само некои, додека поголемиот дел улици биле преполни со кал, помешана со балега и со човечки измет. Балегата привлекувала јата врапци, а напролет, кога се топел снегот, жителите од градот калта од улиците го носеле во градините во околината на Москва.
Сѐ до средината на 17 век не можело да стане ниту збор за чистење на улиците или за почитување на санитарни мерки. Дури и откако во 1654 година во Москва и во централниот регион на земјата дошло до епидемија на чума, која однела околу една третина од населението, ништо не се сменило до 1699 година. Тогаш царот Петар издал краток закон „За одржување на чистотата во Москва и казна за исфрлање смет и секаков вид измет на улиците и на сокаците“. Луѓето за овие постапки се казнувани со камшикување и парично.
Но, требало да се случи уште една епидемија со чума во 1771 година за московските власти да ги обврзат сопствениците на куќите да имаат септички јами.
За нивно чистење воведена е екипа „золотари“. Тоа биле луѓе кои оделе по улиците со буриња и за минимален износ ги празнеле ископаните јами. На почетокот оваа работа ја извршувале ситни криминалци, при што за работата им се намалувала казната затвор. Постепено со работата започнале да се занимаваат сиромасите. Сепак тоа била некаква работа која носи и мала шанса во отпадот да се најдат пари или некоја скапоценост.
Золотарите работеле ноќе, зашто нивната работа „мирисала“. Затоа во 19 век се наречени „брокари“ по мошне познатиот производител на парфеми.
„Рано наутро покрај нашите прозорци се тркала кола со буриња – напред, на седиштето прицврстено со долги еластични притки, се труцкаат 'припадниците на златната чета', меланхолично поттикнувајќи ги коњите и попат со сласт јадат парче бел леб. Минувачите ги вртеа главите од нив и ги затвораа носевите, мрморејќи: „Иде Брокар“, се сеќава жителот на Москва, театарскиот критичар Јуриј Бахрушин.
Откако ќе минат дел од градот за којшто се задолжени, золотарите оделе во предградието, зад Камер-колешкиот бедем и ја истурале содржината од бурињата во тамошните езера или во долниот тек на реката Москва. Во Лефортово, една од најстарите населби во Москва, и денес постои Златна улица, која го пресекува некогашниот Камер-колешки бедем. По оваа улица золотарите својот товар го носеле во предградието зад Владимирскиот пат.
Кон средината на 19 век Москва била опкружена со прстен од отпад. Историчарот Николај Караев се сеќава: „приоѓајќи кон Москва на коњи, луѓето затвораа нос од смрдеата што се ширеше од депонијата со ѓубре, а дури и кога беше воспоставена железницата, во вагоните се затвораа прозорците. Историчарот Соловјов во тој поглед Москва ја спореди со Сатурн, околу кој исто така постои прстен“.
Секако, жителите на Москва на разни начини се обидуваа да заштедат на услугите на золотарител. Сами истураа, ги празнеа своите септички јами зад оградите, на празни парцели или директно на улица.
Од 1875 година Градската дума на Москва започна да донесува задолжителни одлуки во врска со одржување на чистотата во градот. Определено е точно време за изнесување фекалии, пропишани се рутите по кои ќе се движи колата, како и правилата за копање санитарни јами и тоалети.
Но, сите правила и казните беа немоќни пред ниската култура на секојдневниот живот. Весникот „Руски летопис“ во 1871 година вака го опиша центарот на Москва: „Одиме следејќи ја миризбата. Еве го Црвениот плоштад и на него единствениот споменик во Москва посветен на ослободителите на градот од 1612 година. А, околу него смрдлива вода која тече од сите страни. Во ѕиданиот пазар во валканици и смрдеа се наоѓаат градски кафеани. Од внатрешните дворови често цели потоци смрдлива нечистотија се излева директно на улиците“.
Дури во 1903 година московските власти конечно започнаа да градат канализација и да ги средуваат Љулинските, а потоа и Љуберецките полиња за прочистување вода. Додека золотарите по московските улици минуваа сѐ до триесеттите години од 20 век.
Изградба на московската канализација, 1898 година.
Слободни извориСо зголемениот број жители во Москва пораснало и количеството домашен отпад. Повеќе немало доволно кучиња за да ги изедат сите остатоци при сечењето месо од закланите свињи и крави коишто со илјадници се продавале на пазар на улицата Охотни рјад. Тогаш се појавиле собирачи на мрши.
Собирачи на отпад, Москва
Слободни извориОвие возила собирале коски, жили, копита, глави од заклана стока и ги одвезувале во мелници за коски, во мануфактура за производство на сапун, во фабрика за лепило, кои се наоѓале во тогашните предградија – зад денешниот Трети сообраќаен прстен.
Од поголемиот дел дворови ѓубрето го носеле собирачи на отпад. Тие оделе по градот со колички и собирале стара облека, старо железо, отпадоци од производство на обувки и на облека и друг отпад. Според процената на Андреевски, за еден ден можеле да соберат 8-10 пуда отпад (еден пуд изнесува околу 16 килограми).
Собирачи на отпад
Слободни извориСобирачите на отпад своите вреќи ги носеле во складиште, каде што ги продавале по цена од 13 до 23 копејки за пуд. Во складиштето ѓубрето се сортирало: крпите оделе во фабрика за производство на хартија, коските во фабрика за производство на лепило, стаклото во фабрика за стакло, а целите шишиња и тегли можеле да се продадат во продавниците за садови.
Складиште за стари крпи во село Кондрово, 1908 година.
Слободни извориНо, во цела Москва имало можеби 1.000-2.000 собирачи на отпад, што било премногу малку за голем град. Затоа надвор од градот сепак се појавиле диви депонии. Весникот „Московски ведомости“ има напишано: „Зад Дорогомиловскиот кладенец на земја жителите на селото Фили ѓубрето го фрлаат во дол. Овие денови на двајца ѓубреџии коишто преспале во тој дол им паднало ѓубре од кое се задушиле. Заедно со нив во ископаните јами ноќевале и други ѓубреџии, коишто успеале да се извлечат на површина. Тие ги известиле локалните селани дека паднало ѓубрето, а тие им помогнале да извлечат тела на двајца несреќни бездомници“.
Село Фили
Слободни извориКон крајот на 19 и почетокот на 20 век Москва ја зафатила криза на отпад. Нечистотијата и депониите го затрупале градот. Со овие проблеми се соочила советската власт.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче