Како Русија во текот на историјата ги третирала странците?

Kira Lisitskaya (Photo: Public domain)
Сѐ до Петар Велики во руското законодавство немало одредби кои би пропишувале кој е поданик на рускиот владетел, а кој странец. Но, странците биле лесно препознатливи по поинаквиот стил на облекување. Така што дури ни оние што добро зборувале руски никогаш не можеле да поминат како „домашни“.

Од крајот на 15 век кога Московското Кнежевство започнало да се формира како суверена држава, во него имало сѐ повеќе странци и тие требало некако да бидат евидентирани и, што уште поважно, заштитени. Со оглед на тоа што не само што не знаеле руски јазик, но не ги познавале ниту локалните обичаи, странците можеле да станат лесен плен на разбојниците. Тие во Русија доаѓале главно за трговија, па со себе носеле пари и стока. А, во 17 и во 18 век во руската внатрешност можеле лесно да бидат убиени поради добрите панталони или чизми. Така државата била директно заинтересирана странците во земјата да бидат безбедни. Инаку ќе престанат да доаѓаат, што значи дека трговијата и деловните трансакции ќе стивнат.

Англиски трговец, 16 век

Освен тоа, евиденцијата на странците за државата била исплатлива. Даноците што државата ги собирала од европските трговци биле три до четири пати повисоки од оние за „домашните“ трговци. Освен тоа, Русите генерално биле мошне заинтересирани за трговија, за размена на научни знаења, за запознавање на западноевропската култура и уметност.

Во Московија (како што Русија ја нарекувале странците) во 16 и во 17 век и покрај војните и политичките кризи, од Европа доаѓале воени стручњаци, лекари, занаетчии и стручњаци за производство на оружје. Од 16 век странците што доаѓале во Русија добивале патни документи со царски црвен печат. Ги добивале во управата за работа со странство (Посољски приказ) и дури потоа им била дозволена трговија или давање услуги.

Од 1649 година руската држава започнала да го следи и движењето на своите поданици. Во тогашниот законик (Соборное Уложение) има цела глава посветена на темата на „патни документи за други држави“. Тогаш секој што патува „за трговски и друга своја работа во странска земја“ мора за тоа да ги извести војводите во помалите градови, а во Москва самиот цар (односно неговата канцеларија), и да добие патни документи.

Патни документи, 17 век

Патување во странство без соодветни документи се сметало како прекршок кој подлежи на истрага за тоа дали личноста планирала предавство. Во случај да се открие предавство, на престапникот му следувала смртна казна. А, доколку се утврдело дека немало никаква завера, човекот бил камшикуван. Тоа била тешка казна по кој можел да остане доживотен инвалид.

Крштевање како натурализација

Патните документи се појавиле дури во 16 век. Но, и претходно било лесно да се разликуваат домашните од странските државјани. Пред сѐ по јазикот, но и по религијата. Било вообичаено сите православни, без разлика дали се Грци или жители на Балканот, да се сметаат за „домашни“ врз основа на религијата.

Поголемиот број странци – католици, лутерани и други – дури и кога живееле во Русија сакале да ги задржат својата вера и обичаите. Затоа се населувале во посебни населби, таканаречени „слободи“. Во Москва постоеле Стара и Нова германска слобода, во која живееле „Немци“, но не само Германци, но и сите што зборувале странски (главно европски) јазици.

Баронот Сигизмунд фон Герберштајн, претставник на Ватикан во Русија, писател и историчар

Во времето пред Петар Велики не постоела формална процедура за натурализација на странци, но наместо неа постоела можност за православно крштевање. Секако, странците не морале да се покрстуваат, но заштитата од руската ксенофобија властите им ја препуштале на самите странци, на тој начин ги поттикнуваа да се покрстуваат. Според општите правила, оние што ќе ја примеле православната вера можеле да носат и руска облека и да ги напуштаат своите населби без страв дека некој ќе ги нападне. Своето некогашно име странец би можел да го замени со православно (често од слично потекло), можел да се ожени со Русинка и постепено да се асимилира со жителите на московска Русија.

Какви правила имале странците во Руската Империја?

Во 1702 година Петар Велики го олеснил влезот во Русија за странците. Наредил сите што ќе ја минат границата со цел да стапат во руска војска да им обезбедат одморени коњи со кои ќе го заменат својот или друг превоз. Посебно се наведувало: „На офицерите што доаѓаат во земјата на ниту еден начин не треба да им се предизвикуваат пречки или вознемирувања, но, напротив, треба да им се даде доброволна помош и услуга“. Гарантирана им е целосна слобода на вероисповедта. Преминот во православие не бил задолжителен услов за служба во војска.

За судење на странците основан е Таен колегиум на Воениот совет, со цел да не им се суди според руските закони. Петар гарантирал дека на странците ќе им дозволи да ја напуштат службата кога ќе посакаат и особено истакнал дека „трговците и уметниците што сакаат да влезат во Русија треба да бидат примени со целосна милост“.

Холандскиот трговец Исак Маса

Откако ја победил Шведска во Северната војна, Петар заробил голем број странци, од кои не сите биле подготвени да се вратат во својата земја. Затоа во 1721 година за првпат дозволил руското поданство да не се добива преку крштевање, но по пат на доброволно полагање заклетва.

Во 1747 година усвоен е текстот на заклетвата: „Јас долуименуваниот , поранешен поданик на (таа и таа земја), ветувам и се колнам на Семоќниот Бог дека на пресветлиот господар (името на рускиот цар) ќе му бидам верен, добар и послушен роб и вечен поданик со своето семејство и дека никогаш нема да одам во странство и да стапувам во туѓа служба“. Вака гласела заклетвата во целиот 18 век.

Полагање заклетва во царската армија

Павел Први од текстот го отстранил зборот „роб“, но истовремено вовел таен надзор над сите странци. А, од 1807 година на странците кои не станувале руски поданици им било забрането членство во трговските заедници, што значи дека не можеле да станат крупни бизнисмени. Сепак, им било дозволено да тргуваат, да работат, да даваат услуги.

А, во 1826 година Николај Први сосема го поедноставил примањето поданство. Странецот можел да положи заклетва во управата на губернијата во којашто живее, така што не морал да оди во престолнината. Но уште долго, до 1864 година, натурализираните странци немале исти права како поданиците „по раѓање“.

Јаков Брјус, еден од најважните доглавници на Петар Велики. Јаков се разбирал во математика, во астрономија, во воената доктрина, го проучувал англискиот образовен систем и законите во текот на таканаречената „Голема амбасада“ – дипломатското патување на Петар Велики во странство.

А, што се случило со примањето православие при натурализацијата? Тоа било задолжително само за жените со кралска крв кои се мажеле за руските цареви. Затоа, на пример, Софија хон Анхалт-Цербст е крстена во православна црква како Екатерина Алексеевна (идната Екатерина Велика), зашто била жена на наследникот на рускиот престол Петар Фјодорович. Идниот Петар III исто така во голема мера не бил Русин, по раѓање бил Карл-Петер Улрих, но е крстен како православен, зашто го наследил рускиот престол.

„Инородци“: наши, но не сосема

Освен странци, во Русија имало голем број жители кои се нарекувале „инородци“ поради поинаквата етничка припадност. Тоа биле Башкирци, Киргизци, Калмици, Самоједи, Бурјати, Јакути, Чукчи и други народи.

Русија се обидела да ги христијанизира овие народи, но безуспешно. Некои нивни претставници, за волја на вистината, примиле православие, но поголемиот дел ја задржал својата вера и обичаите. Затоа власта одлучила на „инородниците“ да им ја остави старата племенска управа и обичајното право. Исто така биле ослободени од некои даноци, воени обврски, определени видови кривични казни и така натаму. Сето тоа било направено со цел да се зачуваат како поданици, а притоа да не се шират религиски и етнички конфликти.

Притоа, некои „инородци“ како што се Татарите, Чувашите, Маријците, Мордовците, Удумрутите, Ижорите, Карелите и Вепсите, коишто живеат во централниот и во западниот дел на руската земја, од Петрова доба биле интегрирани во заедничкиот систем на управа, плаќале данок и биле подложни на кривичниот закон. Меѓу нив со текот на времето православието значително помасовно се проширило.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња