Во советско време професијата стјуард и стјуардеса се сметаше за многу престижна, особено на меѓународните летови. Авиони сè уште не користеа толку многу луѓе, а само избраните летаа во странство. Често тоа беше елитата од различни области. Покрај тоа, можноста за професионален престој во странство за граѓаните на СССР беше вистинска реткост. Постоеше само еден превозник - „Аерофлот“. Униформите што ги носеа стјуардите и стјуардесите се менуваа на неколку години, при што дизајнерите се обидуваа да бидат во тек со најновите модни трендови!
Првата стјуардеса на Советскиот Сојуз беше дваесетгодишната Елза Городецкаја. Тогаш таа првпат беше ангажирана на летот Москва-Ашхабад на 5 мај 1939 година. Самата купуваше сé што ѝ е потребно во бифето и во авионот ги носеше садовите и производите за сите патници. А со оглед на тоа дека таква професија сè уште не постоеше на списокот на работни места, првично беше вработена како послужувачка (според други извори, како магационерка). По секој лет Елза сама го чистеше просторот за патници. Два месеци таа беше единствената ангажирана на оваа должност, а потоа стјуарди и стјуардеси се појавија и на другите летови. Дури на крајот на 1939 година професијата стјуард беше официјално воведена меѓу работните места. Вистина, тие немаа специјални униформи (за разлика од пилотите), беше пропишано само дека треба да изгледаат строго.
По војната стјуардите и стјуардесите добија специјална опрема, која вклучуваше волнено одело, чевли, кратка бунда, шапка ушанка, валенки (чизми од пресирана волна), каљачи, ракавици и друго. По правило, костумите беа во темна боја, а кошулите од свила. А во случај да го немаа пропишаното одело, можеа да носат „горе бело, а долу темно“.
Московскиот аеродром Внуково. Стјуардеса на „Аерофлот“, 1961.
Георгиј Петрусов/SputnikПрвата задолжителна униформа на „Аерофлот“ се појави во 1954 година на меѓународните летови. Беше дизајнирана од уметниците на Сесојузната модна куќа во Москва врз основа на трендовите од тоа време. Жените добија темносини волнени костуми со федора шешир, мантил, чевли и ракавици. Машката униформа беше практично копија на пилотската униформа. А во 1960-тите веќе на сите летови се појавија стјуарди и стјуардеси во идентични униформи. Тоа се случи како последица на забрзаниот развој на цивилната авијација: во тоа време стотици градови во Советскиот Сојуз имаа аеродроми.
Во 1962 година, на темната униформа беше додаден летен светлосив костум. А во 1968 година со него одеше лелеаво шеширче - последниот крик на модата!
Меѓутоа, седумдесеттите ги донесоа најфасцинантните модели! Стјуардесите добија темноцрвена униформа со златни копчиња. За време на послужувањето на патниците облекува и тегет престилки со орнаменти во руски народен стил.
Потоа се појави и свечената униформа на „Аерофлот“. Имаше тегет боја, обрабена со широка бела лента. А кога во мода влегоа ролките, тие ги заменија строгите бели кошули на стјуардите.
Во тоа време „Аерофлот“ почна да лета почесто во топлите краишта на земјата и специјално за такви летови дизајнерите прават колекција униформи составена од фустани и костуми со кратки ракави. Во 1970-тите тие беа тегет и црвени, а во 1980-тите светлокафени.
А сепак, главните и препознатливи бои на униформите на „Аерофлот“ останаа црвената и тегет, иако кроевите се менуваа. Така, специјално за стјуардесите кои работеа со гостите на Олимпијадата во Москва беа сошиени тегет униформи со плисирани здолништа.
Последната советска униформа беше воведена во 1986 година. Зимската верзија вклучуваше црвено шеширче и марама, а летната верзија небесносин фустан.
Пред распадот на Советскиот Сојуз „Аерофлот“ превезуваше над 140 милиони патници годишно (вклучувајќи ги домашните и меѓународните летови). До ден-денес оваа авиокомпанија ги зачува своите препознатливи бои на униформите на стјуардите и стјуардесите.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче