
Христос им рекол на своите ученици: „Напуштете сѐ и тргнете по мене“. Од 11 век многумина Руси буквално се одѕвале на овој повик. Тие заминувале во Светата земја за да се поклонат на најголемите светињи и да се научат на благочестивост. А, дома носеле палмина гранка, наједонставен знак за тоа дека биле во Ерусалим. Од зборот „палма“ потекнува и рускиот збор „паломник“ (аџија). Аџиите до светите места биле првите руски талкачи.
Луѓето не странствувале само од религиски причини. Во Русија од дамнина владеела голема подвижност на народот. А, кога царот започнал да воведува кметство и воена обврска, се појавиле многу луѓе кои како одговор на ова „воведување ред“ напуштиле сѐ и заминувале каде што ги водат очите и ги носат нозете.
Историчарот Сергеј Пушкарјов има напишано: „Во Московската држава имаше уште многу слободни луѓе кои шетаат, кои не беа во поседничка зависност и не беа запишани во царските општини“. Како што објаснува Пушкарјов, тоа биле деца на духовни лица кои не заминале во свештеници, деца на државни службеници кои не стапиле во служба, деца на селани кои немале своја земја, наемни работници, скомрахи, просјаци и бездомници.

Василиј Перов - „Талкач“
Третјаковска галеријаУбогите аџии во Русија ги почитувале како народни светители. Подвигот на „талкање“ или странствување бил близок на подвигот на јуродство („лудост во име на Христа“).
Во речникот на Брокхауз и Ефрон се истакнува постоењето „посебен тип просјаци кои мошне се разликуваат од западноевропските просјаци. Западниот просјак во најголем број случаи е интелектуално, морално и материјално сиромашен; кај нас просјакот, особено во старите времиња, понекогаш бил искусен човек, персона грата во секоја куќа во којашто влегувал, занимлив и интересен раскажувач кој умее да зборува за сѐ што видел“. „Талкачки просјак-проповедник, кој Христовото учење не го поткрепува со богословски цитати, ами со својата груба облека. Ваквиот лик му бил близок и разбирлив на обичниот народ“, пишува филозофот Данил Дорофеев којшто го истражувал подвигот на странствувањето.
Притоа од древните времиња талкачите извршувале улога на извесен вид весници што зборуваат, „жив Интернет“. Токму аџиите и богомолците можеле на неписменото население што не чита книги да му пренесе вести за новите црковни реформи, за одржаните собори и поставувањето на архиереј. Освен тоа, од талкачите често се барало да се помолат за некој на светите места што ги посетуваат, да запалат свеќа, да нарачаат молитва за помен на душа, или едноставно да однесат писмо во далечни краишта што човек самиот никогаш нема да ги посети.

Василиј Перов - „Талкач“, 1859.
Саратовски ликовен музеј „А.Н. Радишчев“Преку талкачите многу луѓе (од уважени монаси и црковни архиереи до обични селани) се допишувале, често користејќи шифри. Не морале да се грижат дека ваквата порака по пат ќе им биде одземена, зашто во сивата маса идентични талкачи, во нивните искинати торби никој не би можел да најде скриено писмо. А, тоа често било напишано со тајно писмо, кое се нарекувало „тарабарска грамота“ и било мошне популарно кај руското свештенство. Преку талкачите со своите тајни почитувачи се допишувал и таинствениот сибирски „старец“ Фјодор Кузмич, така што тајната полиција нема пресретнато ниту едно негово писмо.
Какви биле различните руски просјаци и талкачи?
Вака на почетокот во Русија се нарекувале талкачите. Зборот „калика“ потекнува од старорускиот јазик, може да биде како од машки, така и од женски род. Владимир Даљ објаснува: „Калика во песните и во преданијата е аџија, талкач; патувачки, талкачки просјак кој е богатир во смирението, убогоста и во богоугодните дела“. Да додадеме дека просјакот тука се сфаќа како богатир или јунак, но дека, секако, секој просјак не бил богатир. Во 19 век „каликите“ биле сиромаси кои пееле духовни стихови, песни и псалми. Сличноста со рускиот збор „калека“ во значење бездомник се објаснува со тоа што двата збора веројатно потекнуваат од туркискиот kalak со значење „осакатен“.

Иларион Прјанишников - „Калики“
Третјаковска галеријаКаликите патувале во групи. Имале своја организација. Во речникот на Брокхауз опишана е една таква „дружина“ од Минската губернија. На нејзино чело бил атаман кој бил слеп. За некој да може да се нарече вистински просјак требало 6 години да мине како ученик, плаќајќи годишно 60 копејки (за сиротинска свеќа) и потоа да положи испит за познавање молитви, стихови и песни, како и специфичен просјачки јазик.
Дружината дури имала и благајник, како и „стотиници“ и „десетиници“ (што се називи за стари руски воени чинови). Одлуката во држината ја носеле сите на заеднички состаноци, каде што се бирале сите старешини и се казнувале оние што ги прекршиле правилата.
Меѓу „каликите“ се издвојувале осамените слепци-раскажувачи кои често оделе придружени од еден водич. Тие собирале прилози пеејќи духовни химни, декламирајќи псалми, понекогаш се придружувале себеси со некој музички инструмент како што е „лира со тркало“, руска гусла (сродна на цитрата) или домра (жичен инструмент сличен на балалајка). Слепите старци-раскажувачи понекогаш живееле и во царските одаи. Во Александовата тврдина ваквите старци му раскажувале приказни пред спиење на Иван Грозни. Талкачите, женски и машки, кои знаеле многу приказни и разни новости секогаш биле пожелни гости во женската половина на царските дворови во 17 век, каде што за нив на приземјето биле поставени посебни трпези и места за спиење.

Михаил Нестеров - „Патници“, 1922.
Приватна колекцијаРаскажувачите биле мошне слични на скомрахите, патувачки забавувачи и музичари, со тоа што активноста на скомрахите власта ги забранувала, а нив ги прогонувала, па кон крајот на 17 век тие речиси исчезнале во Русија. Но сѐ дотогаш без патувачките музичари не можела да се замисли ниту една свадба, ниту погреб, а Иван Грозни во младоста, според некои извори, исто така уживал во танци со скомрахите. Групите скомрахи биле организирани речиси исто како групите професионални просјаци.
„Дајте, православци, за црква Божја, за камено здание!“, ваквиот повик стотици години се слушал на руските улици и плоштади. Тоа бил „прошак“, собирал на милостина за потребите на црквата. Важно е да се истакне дека тој просел токму за потребите на црквата, а не за свои сопствени потреби.

Иљја Репин - „Литија во Курската губернија“
Третјаковска галеријаЕве како историчарот на странствувањето Сергеј Максимов опишува „прошак“: „модар или црн капут со градски крој, цврсто и високо подврзан на свечен начин, претендирајќи на углед и достоинство. Прошакот речиси секогаш бил постар човек, задолжително со книга замотана во црна крпа од тафт со натшиена украсна лента во облик на крст. На книгата лежат бакарни парички. Книгата е поврзана со врвца. Врвцата е запечатена со државен црвен печат и на последната страница од книгата се наоѓа потврда на некоја црковна управа“.
„На местата каде што се собираат имашните, во трговските градови и во соборните цркви, можат да се видат десетици вакви луѓе кои стојат во вторите редови“, пишува Максимов. Меѓу нив имало многу монахињи придружувани од две искушенички, како и монаси кои секогаш оделе сами.
„Ги спознав своите гревови, се покајав, се исповедав, ги ослободив сите кметови кои ми служеа и се заколнав дека сиот живот ќе се мачам со разни работи и дека ќе се скријам под ликот на просјак... И еве, веќе 15 години талкам по Сибир. Понекогаш работев кај селани работи што можев да ги правам, понекогаш просев во име на Христа за да се прехранам. Ах! И покрај сите одрекувања какво блаженство, каква среќа и каков мир почувствував“.

Иван Крамској - „Набљудувач“, 1876.
Музеј на руската уметност во КиевОва се зборови на благородниот кнез кој станал талкач. Нив ги наведува безимениот автор на книгата „Отворени раскажувања на скитникот на неговиот духовен отец“, мошне популарни во Русија во 19 век. Токму ваквите талкачи уживале најголема почит во Русија, луѓето кои свесно го напуштале претходниот живот за да се посветат на талкањето. Сликарот Василиј Перов го опишал Христофор Барски, еден од таквите талкачи. „Висок раст, но веќе подгрбавен, како највисока гранка на висока смрека кога среде благата зима ќе ја покрие пердувест снег. Брадата не му беше толку бела како на кнез, ами попрво сива, потсетувајќи на боја на старо сребро, но исто така потшишана; очите тажни како покриени со црн вел или со време на долго страдање... Наместо наметка на него висеше широк закрпен селански кафтан со боја на ‘ржан леб, опашан со тесен појас со бакарно копче... И покрај таквата неугледна облека, на целата фигура на старецот, особено на неговото лице, имаше нешто што отскокнуваше од неговата облека и положба“.
Антон Чехов за ваквите луѓе има запишано: „Ако ја замислиш целата руска земја, колку многу такви скитници, кои бараат нешто подобро, сега одат по главните и по селските патишта или очекувајќи ја зората дремат во свратилишта, гостилници, во крчми, на трева под небо.“
Народот со задоволство ги пречекувал ваквите талкачи зашто им се восхитувал на нивната слобода, на познавањето на светот и на луѓето. Во нив, освен определени личности, гледале архетипски лик на светител; тие биле слободни од власта – религиска и државна – биле блиски до народот зашто не се одвојувале од него, постојано му биле пред очи... Секој во принцип себеси си оставал можност да се приклучи на тие идеали и дури и самиот да стане скитник“, пишува Дорофеев.

Иљја Репин - „Жени талкачи“, 1878.
Третјаковска галерија„... Купишта народ тргна кон него [кон свештеникот], барајќи благослов и прашувајќи го за совет и за помош. Тука беа и жени талкачи, секогаш на пат од едно свето место до друго, од еден старец до друг, полни со стравопочит пред секоја светиња и пред секој старец. Тука беа и мажите талкачи, најголем број од редовите на поранешни војници кои се одвикнале од живот на едно место, сиромашни и голем број пијани старци, кои се влечеа од еден до друг манастир за да се прехранат“.
Вака типичните талкачи ги опишува Лав Толстој во расказот „Отец Сергиј“. Не сите талкачи биле вистински верници, нити сите воделе богоугоден живот. Судбината понекогаш на пат истерувала и сосема обични луѓе, за кои просјачењето било единствен начин да се прехранат. Токму тие ја составувале огромната сива маса талкачи кои ги имало стотици и илјадници на сите свети места.
До почетокот на 20 век, кога во Русија заживеала железницата и се појавиле претходно незамисливите можности за движење на населението, талкачите кои пешачеле по земјата почнале да исчезнуваат. Царот Николај Втори и неговото семејство со задоволство се среќавале со талкачите како што биле Василиј Босоног и Параскева Саратовска, но овие луѓе, широко познати и со куп почитувачи, веќе биле далеку од идеалот на странствувањето, за кој пред сѐ била карактеристична анонимноста на талкачот. Освен тоа, интересирањето на царската двојка за нив престанала веднаш по раѓањето на долгоочекуваниот наследник.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче