Како најбогатиот човек во Руската Империја ги финансирал болшевиците

Russia Beyond (Public Domain)
Сава Морозов бил трговец со умерено либерални ставови сѐ додека не сретнал фатална жена-револуционерка. Својата страст ја платил со животот.

Семејството Морозови било познато како едно од најбогатите во Руската Империја. Сава Тимофеевич Морозов, кој на крајот на 19 и на почетокот на 20 век се наоѓал на чело на семејниот текстилен бизнис, бил исто така и голем мецена. Од неговите пари се издржувал Московскиот уметнички театар и изградена е посебна зграда за овој театар. Меѓутоа, трговецот не издвојувал само за уметноста, но и за револуцијата.

Научник, реформатор и мецена

Сава Морозов

Морозов стекнал одлично образование. Студирал хемија на Кембриџ, каде што планирал да одбрани дисертација. Но, семејните околности го принудиле да се врати во татковината. Имено, здравјето на човекот кој се грижел за татковите работи нагло се влошило. Сава бил принуден да се посвети на водењето на семејниот бизнис и да заборави на научната кариера.

Морозов кон задачата пристапил на сосема поинаков начин и во текстилното производство набргу вовел новини. Сава нарачал најнова техника од странство, градел фабрики според последниот збор на науката и техниката, од сопствени пари изградил бараки од тули за работниците кои биле прилично удобни за тогашни критериуми. Исто така ја поддржувал нивната желба за учење. Најдобрите ученици на курсевите за унапредување на квалификацијата ги испраќал на практика во Англија и Германија. А, и платите во Никољската мануфактура биле повисоки одошто во другите слични претпријатија.

Никољска мануфактура на семејството Морозови

Меѓутоа, Морозов не бил заинтересиран само за производство. Тој големи суми пари давал за хуманитарни намени и бил водечки покровител на уметноста. Токму нему своето постоење му го должи подоцна прочуениот МХТ – Московски уметнички театар. Од младоста Морозов бил страстен љубител на театарот, поддржувал цела низа такви установи во Москва и Петербург и дури основал театар за своите работници.

Освен тоа, на Морозов му се допаднала идејата на основачот на МХТ Константин Станиславски и Владимир Немирович-Данечнко за пристапноста на семејството на сите и за поставување драми во кои би се прикажувала вистината за современиот живот и изразувале „благородни современи идеи“. Морозов за почетокот на работата на театарот издвоил 10 илјади рубли, што за тоа време било огромна сума, која со текот на времето само се зголемувала, зашто МХТ станал животно дело на Морозов.

МХТ на Камергерската улица 1902-1909 и МХАТ денес

Пополнување на партиската каса

Набргу откако се приклучил на покровителите на МХТ, Морозов добил дополнителна, огромна ставка трошоци: помош на револуционерите. Тоа се случило откако ја запознал глумицата Марија Андреева. Според сеќавањата на современиците, Андреева била мошне убава и талентирана глумица, и малкумина можеле да насетат дека од 1887 година била загреана за револуционерните идеи, додека за време на првата премиера во театарот МХТ веќе била убедена марксистка.

Марија Андреева

Во времето кога ја запознал Андреева, односите на Морозов со сопругата веќе биле заладени, па тој и глумицата емотивно се зближиле. Иако Андреев секогаш истакнувала дека со Морозов ја врзува блиско пријателство, еден од другарите на трговецот Дмитриј Олсуфјев запишал во мемоарите: „Во Москва се знаеше дека на целата таа посветеност на Уметничкиот театар постоеше женско влијание на една од учесничките на трупата“.

Станиславски во лично писмо ја прекорил Андреева зашто ја злоупотребува довербата на Морозов: „Односите на Сава Тимофеевич кон Вас се исклучителни. Тоа се односи поради кои луѓето си го уништуваат животот, се принесуваат како жртва, и Вие тоа го знаете и однесувајте се кон него грижливо и со почитување. Но, знаете ли до какво светогрдие Вие доаѓате во моментите кога во Вас ќе превладее глумицата? [...] Вие се фалите пред речиси непознати луѓе со тоа што Зинаида Григорјевна, која е мачно љубоморна на Вас, бара од Вас да влијаете врз нејзиниот сопруг...“

Сава Морозов на градилиштето на МХТ, 1901 година.

Преку Андреева Морозов и ги запознал марксистите на кои на нејзина молба почнал да им дава огромна помош. Имено, трговецот плаќал кауција за уапсените револуционери, за оние протераните на Сибир плаќал за облека и храна – трошејќи на сето тоа десетици илјади рубли. Според сеќавањата на советскиот писател Максим Горки, идниот сопруг на Андреева, Морозов исто така издвојувал 24 илјади рубли годишно за болшевичкото списание „Искра“. Сергеј Вите, претседател на советот на министри, во своите сеќавања тврди дека индустријалецот на револуционерите им дал вкупно неколку милиони рубли. За споредба наведуваме дека зградата на МХТ на Камергерската улица во Москва, која исто така ја изградил Морозов, чинела околу 300 илјади рубли. Трговецот под влијание на Андреева бил сѐ до својата смрт во 1905 година. Во тоа време глумицата веќе две години живеела со Максим Горки.

Максим Горки и Марија Андреева му позираат на сликарот Иљја Репин

Таинствена смрт

Наклоноста кон болшевиците кај Сава Морозов пресушила откако тие и покрај напредниот однос кон работниците во фабриките на Морозов и неговата парична помош на револуцијата, организирале штрајк во неговата фабрика во Орехово-Зуево. Сава никогаш не успеал до крај да закрепне од овој удар.

Во 1905 година во Москва започнале да се шират гласови дека Морозов полудел. Олсуфјев запишал дека по штрајкот го нашол својот пријател во состојба на целосна потиштеност и изместеност. Во април истата година, на инсистирање на неговата сопруга и на мајка му, повикан е конзилиум лекари, кои заклучиле дека кај Сава се гледа „тешко општо нервно растројство, кое се прикажува со од една страна прекумерно возбудување, вознемиреност и несоница, а од друга страна со настапи на тага и слично“.

Семеен портрет со мајката Марија Фјодоровна и децата, 1897 - 1898

Но, не би можело да се каже дека бил тешко болен. Продолжил да ја извршува должноста директор на мануфактурата и успешно да ги извршувал своите обврски. Поради овие недоследности се појавила верзија според која Морозов со помош на наводната болест се обидел да се отараси од болшевиците, кои продолжиле од него да изнудуваат пари и да му се закануваат. Оваа верзија не е без основа, зашто Горки му напишал на другар од партијата: „Ако има какви било вести за Леонид, таткото и воопшто за московјаните, пренесете ги усно или писмено, а инаку мошне се грижам... Стравувам за таткото – во наше време на размирици многу ли е потребно на човека да му се скрши главата?“ Болшевиците го нарекувале Морозов „татко“. Неколку дена по лекарскиот конзилиум, трговецот со жена си заминал во странство, според официјалното објаснување за поправање на здравјето.

Морозов во странство поминал помалку од еден месец. На 13 мај си пукал во главата во соба во хотел во Кан. Според сведоштвото на блиските, тој ден трговецот бил одлично расположен, ѝ предложил на својата сопруга следниот ден да заминат во Монте Карло, за ручек барал јагоди со шлаг, се занимавал со планови за иднината и, според сѐ, не размислувал за скора смрт. Околу четири попладне сопругата на Морозов слушнала пукање и, влетувајќи во собата, според нејзиното сведоштво, видела маж кој избегал низ прозорецот. Останала само порака „Ве молам, никого не обвинувајте за мојата смрт“ без датум и потпис. Истрагата неговата смрт ја прогласила за самоубиство. Роднините и пријателите на трговецот не се сложувале со истрагата, сметајќи дека Морозов бил жртва на болшевиците.

Зинаида Морозова по смртта на сопругот

Имено, во 1904 година тој го осигурил својот живот на 100 илјади рубли и полисата ја ставил на име на Марија Андреева. Сто илјади рубли за болшевиците била мошне значителна сума.

Марија Андреева ги добила парите од осигурувањето, од кои 60 илјади дала на партијата на болшевиците. На погребот на Сава не се појавиле ниту таа, ниту Горки.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња