Никита Карацупа - најефикасниот граничар во руската историја

Музеј на пограничната управа на ФСБ Русија во Приморскиот крај
Беше исклучително брз, силен и издржлив. Тој без страв сам стапуваше во борба со бројни лица кои нелегално се обидуваа да ја преминат државната граница и секогаш излегуваше како победник.

338 лица уапсени поради обид за преминување на државната граница, 129 ликвидирани шпиони и диверзанти – тоа се резултатите од десетгодишната работа на најефикасниот советски граничар Никита Фјодорович Карацупа.

Како успеа да стане најдобар? 

Најдобар во сé

Карацупа се најде во составот на пограничните сили во 1932 година. Роден е во југоисточна Украина, а испратен да ја чува границата на Далечниот Исток. Никита Фјодорович толку сериозно ги сфати своите должности што веднаш како способен војник беше испратен во локалното училиште за помлад команден состав во службата за обука на кучиња.

Во текот на обуката Карацупа се трудеше да биде најдобар во сé. Тој упорно ја развиваше издржливоста, па лесно можеше да помине долги растојанија заедно со своето куче, не заостанувајќи ни чекор зад него. Граничарот научи совршено да ги „чита“ трагите на луѓето и животните (како и на луѓето кои имитираа траги од животни). Од нив не само што можеше да го одреди бројот на луѓе, туку и каков товар носат, колку брзо се движат, и како отприлика изгледаат.

Освен тоа, Карацупа ја користеше секоја прилика да ги запамети сите можни мириси. Според неговото признание, тој запаметил 250 различни мириси, што во случај да нема куче со себе му помогале да го одреди типот на шверц со кој се занимава групата или дури да пронајде и скриена личност во шума.

„Додека разговарав со некого, јас го душкав“, се присетува Никита Фјодорович во своите мемоари „Записи на трагачот“: „Ако соговорникот се чувствува на катран, тоа значи дека ги подмачкувал тркалата на запрежната кола. Го прашувам: „Како тркалата, не чкрипат по подмачкувањето?“, а тој зачудено ме гледа: од каде можам да го знам тоа“.

Опасна работа

Карацупа беше граничар во тешки времиња на комплицирана територија. Во 1932 година Јапонската империја го окупираше североисточниот дел на Кина на границата со Советскиот Сојуз, каде што беше формирана марионетската држава Манџукуо.

Јапонците непрекинато ја тестираа цврстината на советските граници, испраќајќи шпиони и диверзанти на територијата на СССР. Значаен дел од нив беа белогардејци, кои по поразот во Граѓанската војна беа принудени да се населат во Манџурија.

Бидејќи беше исклучително тешко да се разликува толку добро подготвен агент од некој мештанин, граничарите обрнуваа внимание на секој детаљ. Еднаш, така, Никита Фјодорович откри група диверзанти преправени во рибари, кои имаа намера да разнесат мост. На Карацупа не му се допадна како лажните рибари ставаа црви на јадичките.

„Коњ, пес, пушка, маузер – тоа е сè што Карацупа имаше на располагање во тоа време“, напиша новинарот Евгениј Рјабчиков за овој граничар. „Ни хеликоптери, ни теренски возила, ни разгранета телекомуникациска мрежа, ни инструменти за ноќно гледање, ни локатори - ништо од најсовремените технички средства што ги има денешниот граничар“.

Верен помошник на Никита Фјодорович беше неговото куче Индус (кога граничарот стана познат во Советскиот Сојуз, се зборуваше дека кучето се вика Ингус, за да не се расипат односите со Индија). Четириножниот пријател повеќе пати му го спаси животот на својот стопан.

Вака Карацупа го опиша случајот кога со Индус морал да се судри со тројца криминалци: „Гледајќи дека неговиот господар е во неволја, се фрли во центарот на борбата: касаше, ги кинеше бандитите што ме нападнаа, а тие, бесни и здивени, не ја ни забележуваа болката. Тогаш во раката на еден од нив светна нож. „Ова е крајот!“ – си помислив. Во тој момент ножот одлета на страна, бидејќи Индус успеа да го фати бандитот за шаката, а потоа, скокнувајќи му на рамениците, му ги зари забите во вратот. Искористувајќи ја приликата, го напипав мојот маузер во тревата и запукав во еден од напаѓачите. Другите двајца тогаш избегаа во грмушките“.

Никита Карацупа всушност имаше пет кучиња по име Индус. Сите загинаа во судир со престапници. 

Легендарен граничар

Во 1944 година Никита Фјодорович најпрвин беше префрлен во Белорусија на задача за повторно воспоставување на државната граница, а потоа во штабот на Кавказ. Од 1957 до 1961 година беше во Северен Виетнам, каде што на странските колеги им го пренесуваше своето искуство.

После тоа се повлече во резерва. Притоа работеше во Централниот музеј на пограничните сили (денешен Централен пограничен музеј на ФСБ на Русија), пишуваше трудови за кинологијата, мемоари и приказни за деца. Почина 1994 година во Москва на 84-годишна возраст.

Во чест на прославениот граничар беа именувани училишта, библиотеки и речни бродови во Советскиот Сојуз, како и гранични пунктови во Виетнам и Индија (а од 1995 година и во Русија). За него се снимани филмови и пишувани книги, кои поттикнаа илјадници советски деца да се приклучат на пограничните сили.

Според една верзија, Никита Карацупа послужил како прототип за скулптурата на граничарот која 1938 година беше поставена на метро-станицата „Плоштад на Револуцијата“ во Москва. Интересно е што муцката на бронзеното куче до граничарот е толку измазнета што свети како злато. Имено, московјаните веруваат дека доколку на оваа статуа ѝ ја истриете муцката и си посакате нешто, желбата ќе ви се исполни.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња