Пред Втората светска војна, на местото на минираната црква „Христос Спасител“ (1883 – 1931) се наоѓаше голема јама со бетонски темел, првично наменета за Палатата на Советите. Меѓутоа, војната ја замрзна изградбата, а некои објекти и материјали беа пренаменети за потребите на линијата на фронтот. И покрај тоа, темелот остана недопрен и со години ја собираше дождовницата. Во средината на педесеттите години на минатиот век беше донесена одлука на тоа место да се изгради отворен базен.
Базенот „Москва“ беше огромен, со пречник 130 метри, со површина од над 13.000 квадратни метри и 25.000 кубни метри вода. Дното на базенот во центарот, во таканаречениот спортски сектор, достигнуваше длабочина од 6 метри. Базенот беше со тркалезна форма со цел да се зачуваат и искористат темелите на Палатата на Советите.
Базенот беше отворен во текот на целата година. Температурата на водата се одржуваше во опсег од 18-22 C°, во зависност од сезоната. Базенот имаше кула за нуркање со штици со различна висина, сместена во посебниот влезен простор. Таму имаше и сауни.
За да купат билети за пливање во московскиот базен, посетителите можеа да отидат во билетарницата што се наоѓаше во близина на излезот од метро-станицата „Кропоткинскаја“. За пливање во базенот не беше потребно лекарско уверение, а имаше опции за изнајмување на костими за капење, гаќи за капење, влечки, капи, пераи, маски и дишалки. Без разлика на тоа, квалитетот на водата во базенот внимателно се следеше, со секојдневно испитување и хлорирање за да се обезбедат санитарните услови.
Повремено растот на алгите во водата бараше базенот да се затвори за чистење. Меѓутоа, примарниот проблем со отворениот базен сместен во центарот на Москва беше пареата. Ова беше особено видливо во текот на зимските месеци, кога огромен облак на пареа се издигаше од загреаната вода во студениот воздух.
Пливањето во такви услови многумина го сметаа за опасно, бидејќи лошата видливост над водата им отежнуваше на спасувачите да го забележат потенцијалниот давеник. Тоа создаваше одреден ризик за посетителите и ја кочеше работата на спасувачите.
Во Москва по отворањето на базенот почнаа да никнуваат урбани легенди, што ја наруши неговата репутација. Имаше гласини дека луѓето често се дават во базенот, особено зиме. Имаше дури и тврдења дека „секта на давеници“ барала одмазда за изградбата на базенот на местото на црквата.
Се проширија и гласини дека базенот предизвикува корозија во соседните згради и ги загрозува експонатите во блискиот Пушкински музеј.
По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, цените на водата и електричната енергија пораснаа, поради што одржувањето на базенот стана неисплатливо. Понатаму, се појави јавно движење кое бараше реставрација на црквата уништена во 1931 година.
Базенот остана напуштен неколку години откако беше исушен и беше официјално затворен во 1994 година. На негово место беше одлучено да се обнови православниот храм што го разнесоа Советите.
На 7 јануари 1995 година, на местото на базенот „Москва“, беше поставен темелот на новиот храм „Христос Спасител“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче