Сѐ што треба да знаете за Граѓанската војна во Русија

Карл Була
Тоа беше еден од најбруталните и најкрвави воено-политички судири во историјата на човештвото. Во директните борби, како последица на репресии и терор, глад и епидемија настрадаа помеѓу десет и седумнаесет милиони луѓе.

Во март 1917 година во Русија е свргната монархијата и е воспоставен републички облик на владеење. Ова, меѓутоа, ги заостри акумулираните социјални, политички и економски проблеми во земјата која беше сериозно ослабена по учеството во Првата светска војна.

Во ноември 1917 година во Русија се случи втора револуција и на власт дојдоа болшевиците. Меѓутоа, голем дел од населението не ги делеше ставовите на фанатичните поборници на социјализмот. Затоа почетокот на Граѓанската војна во оваа земја се поврзува токму за 7 ноември 1917 година, денот кога се случи болшевичкиот преврат во тогашната престолнина на руската држава Петроград (Санкт Петербург).

Настојувајќи што поскоро да ја изведе Русија од Првата светска војна Лениновата влада на 3 март 1918 година склопи мир со Германците во Брест. Врз основа на неговите сурови услови земјата ја изгуби цела Полска, Украина и Прибалтикот. Таканаречениот „Срамен мир“ беше шокантен за руското општество и значително го зголеми бројот на лутите противници на советската власт кои не беа подготвени да дадат ниту педа од таа земја.

Така од летото 1918 година Граѓанската војна почна молскавично да пламнува на целата огромна територија на Русија. Освен болшевиците и нивните непосредни политички противници, во граѓанскиот судир беа вовлечени и бројни анархистички елементи, побунети војски, „независни“ држави кои се појавија на граничните области на урнатата империја, како и западните земји кои одлучија да извлечат максимална корист од рускиот метеж.

До кулминација во конфликтот дојде во 1919 година кога беа водени најважните битки на приодите на Москва и Петроград. Крајот на крвавиот судир се поврзува со воспоставувањето на советската власт на Далечниот Исток во 1922 година.

Во Русија на крајот сигурна победа однесе социјализмот, што имаше колосално влијание врз целокупната историја на дваесеттиот век

Во нашата рубрика можете да дознаете кој сѐ се борел и за кои цели во Граѓанската војна, кои биле „црвените“, кои „белите“, а кои „зелените“, каква улога одиграле интервенционистите и зошто болшевиците на крајот излегоа како победници од овој страшен судир.

Кои се „црвените“?

Приврзаниците на Владимир Ленин и на партијата на болшевиците му припаѓаа на блокот на таканаречените „црвени“. Бојата на крвта стана симбол на револуционерната борба на левото движење, на социјализмот и на комунизмот.

На почетокот вооружена потпора на новата власт беа доброволните одреди на Црвената гарда. Кон крајот на јануари 1918 година востановена е Работничко-селанската црвена армија. Без оглед на називот војската воопшто не беше составена само од работници и селани, но и од претставници на различни сегменти на руското општество кои ги делеа револуционерните идеали.

Всушност, голем број царски офицери стапија во служба во Црвената армија во која беа нарекувани „воени стручњаци“. Прв врховен командант на Вооружените сили на Советска Русија стана поранешниот полковник на императорската армија Јоаким Вацетис.

Голема потпора на болшевиците во војната беа бројните партизански одреди кои дејствуваа во непријателскиот тил. Ги основаа локалните партиски органи, но се создаваа и стихијно, на иницијатива на населението.

Кои се „белите“?

Наспроти „црвените“ во Граѓанската војна се наоѓаа таканаречените „бели“ (во времето на Француската револуција оваа војна се поврзуваше за нејзините противници). Се бореа, како што тврдеа болшевиците, за „власт на царот, спаиите и капиталистите“.

Меѓутоа, во „белото“ движење не сите се колнеа во монархистичките идеи. Неприфаќањето на болшевистичките идеи ги обедини приврзаниците на сосема различни политички партии и правци.

Имајќи го предвид специфичниот карактер на оваа Граѓанска војна, за прецизна линија на фронтот е тешко да се зборува. Сепак, постоеја определени региони во земјата што ги држеа определени спротивставени страни во текот на речиси целиот судир.

Под силна контрола на советските власти се наоѓаа западните региони со Москва и со Петроград, додека, пак, „белите“ се зацврстија на југ на Дон, на исток во Сибир и на север во Архангељск и во Мурманск.

Кои се „зелените“?

Третата важна сила во Граѓанската војна беа таканаречените „зелени“. Тука припаѓаа селаните и козаците, како и најразлични анархисти на кои не им се допаѓаа ниту „белите“, нити „црвените“.

„Зелените избегнуваа мобилизација во војските на непријателските страни и бегаа во шумите, па оттука и нивното име. Често успеваа да организираат крупни воени формации и да воспостават своја власт на големи територии.

Во Тамбовската губернија, јужно од Москва, во 1920 година изби големо востание против болшевиците под водство на Александар Антонов. Неговата Обединета партизанска армија броеше повеќе од педесет стрелци. Советските единици ги уништија сите со голема мака.

„Зелените“ најчесто се бореа како против „белите“, така и против „црвените“, но понекогаш се договараа со една од непријателските страни. Командантот на Револуционерната бунтовничка армија на Украина анархистот Нестор Махно неколку пати склопуваше сојуз со болшевиците, но на крајот повторно влегуваше во судири, беше поразен и избега од земјата.

Кој учествуваше во интервенцијата?

Како последица на Брестскиот мировен договор германските единици ги окупираа цела Украина и Балтичкиот регион (Полска веќе беше под нивна контрола). Дури по Ноемвриската револуција од 1918 година и свргнувањето на царот започнаа да ја напуштаат територијата на поранешната Руска Империја.

Брестскиот мировен договор доведе и до интервенции од големи размери од силите на Антантата во Русија. Сојузниците планираа да ја вратат руската војска на бојното поле и ги поддржаа „белите“ (меѓу другото и со оружје) кои ветија дека по освојувањето на власта ќе војуваат против Германците до конечна победа. Определени воени контингенти на Британци, Французи, Американци, Италијанци, Канаѓани, Австралијци и Грци се истоварија на пристаништата на југот, на северот и на истокот од земјата.

Антантата ниту по Првата светска војна не брзаше да ги евакуира своите единици, продолжувајќи во рускиот хаос да трага по свои политички и економски придобивки.

Интервенционистите беа подалеку од регионот на интензивни борбени дејствија, водејќи борби главно против партизаните. Земјата започнаа да ја напуштаат во втората половина од 1919 година, кога веќе беше јасно дека Белото движење е осудено на пропаст.

Во Русија најодлучно се обидуваа да се задржат Јапонците. Тие планираа да покорат огромни територии на Далечниот Исток и на Сибир до Бајкалското Езеро, директно, или по пат на создавање марионетски држави.

Без можност да стапат во вооружен судир со јапонските интервенционисти, болшевиците ги потиснуваа од своите територии со дипломатски методи и со снабдување на партизанското движење во непријателската заднина. Притоа окупираниот северен Сахалин успеаја да го вратат дури во 1925 година.

Колку беше морничав „црвениот“ и „белиот“ терор?

Граѓанските војни, по правило, се одликуваат со исклучителна суровост, па ниту судирот во Русија не беше исклучок. Насилството кон класните непријатели и контрареволуционерните елементи во Советска Русија беше востановено на државно ниво, со декрет „За црвениот терор“ донесен на 5 септември 1918 година.

Вкупно два милиони луѓе беа жртви на „црвениот“ терор што го одобри власта. Од таканаречениот „бел“ терор животот го изгубија повеќе од половина милион луѓе. Помал број жртви немаа врска со хуманоста на болшевичките противници, но со фактот што под нивна контрола се наоѓаа помали населени региони.

Во суровоста на противниците не заостануваа ниту едните, ниту другите. Репресивната политика на лидерот на „белите“ на истокот од земјата, адмиралот Александар Колчак, доведе до големо востание во тилот на неговите војски, што е и една од причините за падот на режимот на самопрогласениот Врховен владетел на Русија.

Во теророт учествуваа и силите на интервенционистите. Тие на душа носат повеќе од 111 илјади убиени Руси.

Зошто победија болшевиците?

Една од главните причини за поразот на „белите“ во Граѓанската војна беше неусогласеноста на нивните сили. Наоѓајќи се на големи растојанија генералите не можеа успешно да ги координираат меѓусебните дејствија. Освен тоа, различните антисоветски воени формации повремено се бореа една против друга.

Кај „белите“ немаше политичко единство, ниту некаква јасно формулирана идеологија (освен антиболшевизмот и сувереноста на државата) која би можела да допре до свеста на населението.

Болшевиците сепак имаа разработени политички, социјални и економски програми и знаеја да водат ефикасна пропаганда. Во рацете на „црвените“ се најдоа густонаселени индустриски региони на земјата, во кои тие понекогаш со брутални методи успеваа да изградат структура на граѓанска и воена управа. Исто така, мошне често успеваа да воспостават систем на обука на командниот состав и на техничките стручњаци, и покрај тоа привлекоа во своите редови околу седумдесет отсто од офицерите на поранешната царска војска.

Во Граѓанската војна единствено на болшевиците им тргна од рака да останат монолитна сила. Реагираа ефикасно на заканите од сите насоки и во момент ги префрлаа своите сили за нивно отстранување. Откако го разби Колчак на Урал пролетта 1919 година, Црвената армија есента успеа да ја одбие офанзивата на Вооружените сили на Југот на Русија на Антон Денкин на Москва и на Северозападната армија на Николај Јуденич на Петроград. По низа тешки порази Белото движење беше практично осудено на пропаст.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња