Дали знаете дека Гебелс во младоста се воодушевувал од Русија?!

Јозеф Гебелс на говорница, 1933.

Јозеф Гебелс на говорница, 1933.

W. Fleischer/Getty Images
Јозеф Гебелс, министер за пропаганда во нацистичка Германија и пламен приврзаник на Адолф Хитлер, во младоста бил восхитен од Русија и за тоа пишувал во својот дневник.

„Читање. Првпат Достоевски. Фасцинантно. „Злосторство и казна“. Читам со ноќи“ – така на почетокот на 1919 година пишува во својот дневник Јозеф Гебелс . И така почнува неговиот интерес за Русија.

Делата на Достоевски беа обилно издавани во Германија на почетокот на ХХ век. Во периодот од 1920 до 1922 година беа продадени околу 400 илјади негови книги во превод на германски јазик.  

Јозеф Гебелс

Зимата 1919-1920 младиот Гебелс го чита романот на Толстој „Војна и мир“ и забележува: „Усрдно читам. Толстој, Достоевски, револуција во мене“.

Идниот министер на Третиот Рајх и самиот сака да стане книжевник. Пишува стихови и драми, а 1929 година го издава романот „Михаел. Дневник на германската судбина“ кој е делумно автобиографски. Делото станува популарно и доживува 17 изданија. Во книгата го има и овој цитат: „Духот на Достоевски лебди над молчаливата, сонлива земја во која е на прагот нова иднина. Кога Русија ќе се разбуди светот ќе доживее национално чудо“.

Гебелс е уверен дека Европа е „еден голем духовен проблем“, а во неа се наоѓа „старата света Русија“, земјата спрема која тој чувствува најдлабока почит и покрај тоа што не ја познава.

Во јули 1924 година Гебелс во дневникот запишува дека тој „верува во Русија“ и дека тоа е „света земја“. Во исто време првпат покажува интерес за делувањето на Адолф Хитлер.

Оберсалцберг. Адолф Хитлер со семејството на Гебелс, 1938.

Судејќи според сé, во тој момент личноста на идниот канцелар на Рајхот не го привлекува Гебелс до таа мера за тој да престане со величење на Русија и да ја отфрли идејата според која во неа „се крие клучот на европското прашање“. Тој не сфаќа „како некој може да се надева во Англија и Америка“.

Гебелс, слично на Пушкин, чека кога „Русија ќе се разбуди“. „Русијо, ти си надежта на светот што умира. Кога ќе дојде тој ден?“ – повикува тој на страниците од својот дневник на 15 јули 1924.

Пролетта 1925 година Гебелс се приклучува на Националсоцијалистичката германска работничка партија (НСДАП). Темата Русија привремено исчезнува од неговиот дневник. Во белешката од 21 октомври 1925 тој пишува: „Би сакал еднаш да одам во Русија на неколку недели заради обука“. Но, не пишува за каква конкретна обука станува збор.

Веќе од 1925 година во дневникот јасно се забележува величењето на идниот фирер. На 23 март, Гебелс пишува: „Хитлер е вистински човек “.

Во 1926 година Хитлер го именува Гебелс за гаулајтер на Берлин, а во 1933 година 36-годишниот Гебелс станува министер за народна просвета и пропаганда на германскиот Трет Рајх.

Како што се приближува Втората светска војна, во дневниците на Гебелс сé повеќе фигурира идејата  дека Русија е пекол на земјата. Од некогашното воодушевување ентузијазам нема ни трага.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња