Талци: Зачувување на народната архитектура во областа на Бајкалското езеро (ФОТО)

В. Брумфилд
Историчарот на архитектура и фотограф Вилијам Брамфилд ги набљудува деталите на реконструираното сибирско село Талци, уникатен архитектонско-етнографски музеј на традиционалната дрвена архитектура на отворено.

На почетокот на 20 век рускиот хемичар и фотограф Сергеј Прокудин-Горски развил една сложена постапка за добивање живописни, детални фотографии во боја (погледнете го врамениот текст подолу). Поттикнат да ја искористи оваа нова технологија за да ја овековечи разноликоста на Руската Империја, фотографирал бројни историски локации во текот на последната деценија пред абдикцијата на императорот Николај Втори во 1917 година.

Раната примена на оваа техника се случила помеѓу 1903 и 1905 година, кога Прокудин-Горски направил фотографски „етиди“ во областа околу Санкт Петербург. Еден прекрасен лирски примерок на ваква фотографија е сончевиот, со снег прекриен зимски пејзаж кој го има снимено во селото Турово во Лужскиот округ (наречен според реката Луга која тече јужно од Санкт Петербург).

„Линеарно“ преку Русија

Иако оригиналното стакло со негативот на оваа фотографија не е зачувано, контактниот отисок од магнетната експозиција покажува типична линија на селски куќи по должината на главниот пат. Овој линеарен распоред се покажа типичен ширум Русија, вклучувајќи го и далечниот Бајкалски Регион.

Навистина, сличен промер може да се најде во Музејот на дрвената архитектура на отворено во селото Талци, кое се наоѓа во живописен, шумски крај над реката Ангара, на половина пат помеѓу сибирскиот град Иркутск и селото Листвјанка, на југозападниот брег на езерото Бајкал. Талци дури има изненадувачки врски со Руска Америка.

Иако потеклото на музејот во Талци датира од раните шеесетти години на минатиот веј, руската населба на ова место, која се наоѓа во близина на устието на реката Талцинка во реката Ангара, може да датира многу порано. Во 1758 година, на пример, постојат пишани докази за постоење манастир на ова подрачје.

Баранов & Лаксман

Во текот на осумдесеттите години од 18 век ова оддалечено место ги обединило двете главни личности во проучувањето и во развојот на Сибир: Александар Баранов (1746-1819) и Ерик (Кирил) Лаксман (1737-1796), од кои секој стекнал слава како светски патник. Баранов, бизнисмен и истражувач од северниот град Каргопољ, го преселил својот бизнис во Иркутск во 1780 година. Десет години подоцна станал главен администратор на Североисточната компанија, која во 1799 година била реорганизирана во Руско-американската компанија – претпријатие кое управувало со Алјаска и со Руска Америка.

Ерик Лаксман е роден во Финска (во тоа време дел од Шведска), на 24 години се преселил во Санкт Петербург, каде што предавал во градската Лутеранска школа. Во 1764 година е поставен за пастор во лутеранската парохија во оддалечениот Барнаул, големо рударско населено место на реката Об во близина на планината Алтај.

Некои во ова можат да видат облик на прогонство, но Лаксман бил фасциниран од разноликоста и од богатствата на Сибир. Поттикнат од безграничната љубопитност и од интелигенцијата, станал главен авторитет на регионот во неколку научни дисциплини. Кога се вратил во Санкт Петербург во 1769 година како признат научник, Лаксман следната деценија ја минал во експедиции ширум европскиот дел на Руската Империја, пред да се врати во Сибир во 1781 година.

Наследството на Лаксман

Кога во раните осумдесеттите години од 18 век се нашол во културниот и административен центар на Иркутск, Лаксман ја истражил околината и открил наслаги од песок богат со силициум на локалитетот Талци. Откако дознал за ова откритие, Баранов ги пренел своите претприемачки вештини на Лаксман и заедно основале фабрика за стакло во Талци, којашто ја задоволувала акутната потреба за стаклени контејнери ширум Далечниот Исток и Алјаска.

Потоа никнале и други претпријатија во ова село кои функционирале како фабричка населба, со мала црква, во текот на целиот 19 век. Иако неговото значење опаднало на почетокот на 20 век, населбата и фабриката за стакло постоеле до доцните педесетти години од минатиот век, кога подрачјето во близината на реката Ангарра било потопено со создавање на Иркутската хидроелектрана. Употребните делови на фабриката за стакло биле преместени во градот Тулун.

Поради стрмните карпи над Ангара, дел од локалитетот Талци останал над новиот резервоар за вода. Во исто време, исградбата на Уст-Илимската хидроелектрана на друго место на реката Ангара го загрозила еден од најважните историски споменици во Сибир, тврдината Илим од 17 век и нејзината импресива кула на Спасителската порта (1667), делови од ѕидините на тврдината, како и малата црква на иконата на казањската Богородица (1679), сите изградени од борови трупци.

Во 1966 година Регионалната управа ги одобрила мерките за спас на споменикот Илим со создавање музејски парк во близина на Иркутск. Локалитетот Талци го препорачала Галина Оранскаја (1913-1986), московска архитектка и реставраторка, која станала авторитет во зачувувањето на историските богатства во Иркутск. Работата на изградбата на музејот започнала во 1970 година, со години поминати во пронаоѓање и во реконструкција на традиционалните градби од трупци на огромната територија на областа на Иркутск. Музејот е отворен во 1980 година.

Формата на селото Талци

Талци се состои од четири сектори. Најголем е секторот Ангара-Илим, чиј средишен дел е составен од куќи од трупци од 17 век од подрачјето на Илим. Илимската тврдина настанала летото 1630 година, кога 28 козаци предводени од атаманот Галкин тргнале покрај Ангара до плодните подрачја на устието на реката Илим. Нивниот зимски логор следната година бил заменет со тврдина од трупци.

Делови од раната тврдина им подлегнале на пожарите што ги зафаќале руските дрвени села, но делови од третата тврдина, изградена во 1667 година, издржале во следните три века. Илимската тврдина била составена од правоаголен ѕид со ограда од вертикално поставени трупци со зашилени врвови. Ѕидот бил утврден со помош на осум кули од борови трупци, вклучувајќи четири на аглите на тврдината. Три кули имале порти, над кои имало мали истурени набљудувачници. Од 1667 година зачувана е само Спасителската кула, обновена во 1984 година, но делот од западниот ѕид (со аголната купола) е реконструиран.

Малата црква на иконата на Казањската Богородица за која генерално се претпоставува дека е подигната во 1679 година, се наоѓа во близината на Спасителската порта и служела и како храм и како дополнителна одбранбена градба. Нејзината мала структура често била модифицирана во текот на вековите, но јадрото останало зачувано и обновено е во обид да се повтори првобитниот изглед, иако верноста на оригиналот и понатаму е под знак прашање.

Останатиот дел од територијата во близина на објектите од 17 век го зазема имитација на слични села на оние кои никнале околу раните утврдувања, а потоа служеле како административни центри во околниот округ (волост). Поседува парохиско училиште на еден кат (1885) од селото Кеул во Илимскиот крај, како и зграда на општинската управа, патно преноќиште и комунално складиште за жито.

Особено се интересни градбите – ре-креации – на селски имоти од крајот на 18, од 19 и од преминот кон 20 век. Поголемиот број селани од територијата на Иркутск била од средниот економски сталеж и можеле себеси да се дозволат стока, низа земјоделски орудија и стока од пазар.

Еден од раните примери на имот од музејот потекнува од селото Антонов (Братска област), а го има изградено на преминот од 19 век извесен Московски. Познато е дека служел како „градски козак“ кој извршувал полициска и административна должност, за разлика од „линиските козачки“ единици кои ги чувале пограничните подрачја.

Приказот на овие населби опфаќа тип имоти распоредени околу затворени дворови со еден ѕид на куќата свртен кон улицата, со порта, штали и шупи распоредени околу два или три одвоени дворови, вклучувајќи и еден во кој се чувала стоката. Ваквите имоти постоеле во целиот крај во времето на формирањето на музејот и сѐ уште постојат во некои села.

Поврзан систем

Некои од живеалиштата се познати како „поврзани“ куќи. Семејството ќе започнело со една куќа од трупци, а потоа, како што тоа се зголемувале, ќе изграделе двојна, „близначка“ структура споена со заеднички премин.

Другиот голем сектор во Талци прикажува традиционални структури на автохтониот народ Бурјати, чиј еден дел од популацијата живее на територијата на Иркутск, западно од Бајкалското езеро. Пред доаѓањето на Русите во 17 век, Бурјатите биле номади-сточари, кои често се селеле во потрага по големи пасишта.

Во 18 и во 19 век Бурјатите повеќе го прифатиле седечкиот начин на живот, но продолжиле да градат дрвени јурти, често покриени со покриви од трева. Музејот има поставка на јурти донесени од логорот Алагуи во близина на селото Бугилдејка. Внатрешноста на јуртата е составена од една соба со столбови кои го држат покривот накривен нагоре за да може да оди чадот од огништето во центарот на живеалиштето. Во музејскиот приказ исто така се наоѓаат шупи за дебла и трупци, типични за тогашните летни логори. Во дното на паркот, покрај реката Ангара, се наоѓа и рибарски камп.

Најмалиот сектор, убаво сместен во една шумичка, е посветен на автохтоните народи Евенки и Тофи, првенствено на ловците и на сточарите со ирваси. Со оглед на тоа што се сметаат за најстара популација што ја населувала оваа област, Евенките воделе номадски начин на живот, чии елементи доживеале до почетокот на 20 век. Нивните кампови, обично населени со сродни семејства, се менувале во зависност од годишното време.

Секторот на Евенките вклучува вигвам типичен за пролетните и за есенските кампови. Рамката е направена од цепени трупци покриени со простирка од кора на ариш. Останатите објекти се дрвени греди за складирање дивеч и залихи, како и штандови за обработка на животинска кожа. На стрмната падина зад овој сектор има каскада од три поврзани воденици кои ги движи еден тек.

Врската со Јапонија

Другата значајна музејска поставка ја вклучува црквата Света Троица, изградена во 1914 година во оддалеченото село Дјадино и преселена во музејскиот парк во 1990 година за да послужи како заднина за заедничкиот руско-јапонски филм „Сништа за Русија“ („Сни о России“). Излезен во 1992 година, филмот е заснован на јапонскиот историски роман на Јасуши Иноу за група од 17 бродоломци Јапонци, кои Русите ги спасиле на Алеутските острови и кои минале девет години патувајќи низ Русија во текот на осумдесеттите и на деведесеттите години од 19 век, пред да добијат дозвола да се вратат во затворената земја Јапонија.

Клучна фигура во оваа драма е никој друг, но Ерик Лаксман, кој ги запознал Јапонците во Иркутск, ги испратил преживеаните до Санкт Петербург и на крајот договорил аудиенција за јапонскиот капетан со Екатерина Велика. Иако само тројца Јапонци се вратиле во својата татковина во 1792 година, приказната ја илустрира улогата што на почетокот на руско-јапонските односи ја одиграл Лаксман – русифициран Швеѓанец со врска со Талци. Денес музејот во Талци игра нова улога во комуникацијата меѓу народите.

На почетокот на 20 век рускиот фотограф Сергеј Прокудин-Горски развил сложен процес за фотографија во боја. Помеѓу 1903 и 1916 година патувал низ Руската Империја и направил над 2.000 фотографии во текот на процесот, кој вклучувал три експозиции на стаклена плоча. Во август 1918 година ја напуштил Русија и на крајот се преселил во Франција каде што повторно добил голем дел од својата колекција стаклени негативи, како и 13 албуми контактни отисоци. По неговата смрт во Париз во 1944 година, неговите наследници ја продале збирката на Библиотеката на Конгресот. На почетокот на 21 век Библиотеката ја дигитализираше збирката на Прокудин-Горски и ја направи слободно достапна за целата јавност. Неколку руски веб-локации сега имаат верзии на колекцијата. Во 1986 година историчарот на архитектурата и фотограф Вилијам Брамфилд ја организираше првата изложба на фотографии на Прокудин-Горски во Конгресната библиотека. Во текот на периодот на работа во Русија, започнувајќи од 1970 година, Брумфилд фотографирал поголем дел од локациите што ги посетил Прокудин-Горски. Оваа серија статии ги спротивставува погледите на Прокудин-Горски на архитектонските споменици со фотографиите што Брумфилд ги направил децении подоцна.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња