Спиење во траење од 22 години: Како Иван Качалкин заспа за време на царството, а се разбуди во СССР

Kira Lisitskaya (Photo: Daily Herald Archive/NMeM/Global Look Press; Public domain)
Алтајскиот селанец страдаше од ретка болест – летаргија. Падна во длабок сон, речиси и не дишеше, а пулсот му беше само неколку удари во минута. Како дојде до тоа и што се случи со Качалкин откако се разбуди?

Обичниот селанец Иван Качалкин имаше среќа. Кога заспа во најдолгиот летаргичен сон во историјата, не го лекуваа врачеви со народни средства распространети во Русија пред револуцијата (баење, молитви, полевање со света вода или со палење кадела на градите). Неговото спиење течеше под надзор на лекар.

По две револуции и понатаму спие

Качалкин имаше 38 години кога заспа во толку длабок сон што сите обиди да го разбудат беа залудни. Тоа беше во 1896 година. На почетокот даваше одредени знаци на живот: можеше малку да ги отвори очите или да ги движи рацете. Тоа го спаси од опасноста да биде жив закопан. Имено, луѓето кои запаѓаа во летаргичен сон често беа прогласувани за мртви и закопувани. Реткиот медицински феномен го привлече вниманието на лекарите. Пациентот е префрлен во психијатриската клиника во главниот град. За него беше организирано дежурство, а тој беше хранет со желудочна сонда.

Меѓутоа, две години подоцна, целата физичка активност на пациентот запре. Неговата летаргија доби најтешка форма: тој целосно престана да се движи, кожата му беше бледа и студена, зениците повеќе не реагираа на светлина, дишењето едвај му се забележуваше, а пулсот му беше само две или три отчукувања во минута. Во таква состојба тој помина уште 20 години.

„Жив труп“

Качалкин беше единствен пациент, но кога ненадејно се разбуди во 1918 година, стана вистинска сензација. Научници од Германија, Велика Британија, Холандија и Австро-Унгарија доаѓаа да го видат тоа „чудо“.

Во Русија беше под личен надзор на добитникот на Нобеловата награда Иван Павлов. Еве што напиша познатиот физиолог за Качалкин во своите белешки:

„...Сега станува од креветот“. Зборува многу и целосно разбирливо. За својата измината состојба вели дека разбирал сé што се случува околу него, но дека во мускулите чувствувал страшна, несовладлива тежина, така што му било тешко да дише. Тоа беше причината поради која не се движеше, јадеше ниту зборуваше“.

Меѓутоа, селанецот не поживеа долго откако се разбуди. Почина истата таа 1918 година од срцев удар. Во текот на годините на лежење, неговите органи атрофираа и по будењето не можеа да го издржат зголеменото оптоварување. Никогаш не се врати во нормален живот. Едвај можеше да стане без помош и одеше бавно со патерици, хранејќи се само со течна храна.

Што го предизвикало спиењето?

Научниците детално го проучија случајот на Качалкин. Академик Павлов со својата теорија на спиење имаше свое објаснување. Тој сметаше дека целата активност на човечкиот нервен систем се состои од менување на два процеса - замирање и активирање. Но, постојат и исклучоци. Понекогаш стресот што го доживува човек може да биде толку силен што мозокот активира заштитна реакција со цел да спречи нервна исцрпеност: сите животни процеси се забавуваат и личноста тоне во длабок сон. Психијатрите таквите случаи ги третираат како кататоничен ступор, својствен на цела низа психолошки нарушувања.

Според мислењето на Павлов, Качалкин паднал во летаргија поради силен емотивен потрес. Селанецот бил страстен монархист, тешко го поднел убиството на царот Александар II, нестабилната ситуација во земјата, а потоа и смртта на Александар III. Сето тоа го приковало за постела од која не сакал да стане и во која потоа спиел 22 години. Меѓутоа, во 1918 година, кога слушнал како лекарите разговараат за стрелањето на Романови, доживеал уште посилен шок, кој предизвикал негово будење.  

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња