Тој беше член на Нацистичката партија и имаше раководна позиција во структурата на Гестапо, државната тајна полиција на Третиот Рајх. Повеќе пати хауптштурмфирерот на СС Вили Леман добиваше високи признанија од раководството за неговата беспрекорна служба (вклучувајќи го и портретот на фирерот со негова посвета).
Колегите го опишуваа Леман како „добродушен чичко“, несвесни дека станува збор за еден од најефикасните советски агенти во Германија, кој во Москва беше познат под оперативниот псевдоним „Брајтенбах“.
Соработката на Вили Леман со СССР започна во 1929 година, кога служеше во полициската управа на Берлин. По доаѓањето на нацистите на власт, таа продолжи со удвоен интензитет.
„И денес сум потполно убеден дека „Брајтенбах“ работеше исклучиво на идејна основа“, смета агентот Борис Журављов. „Иако беше професионален полицаец, тој беше антинацист. Можеби токму поради тоа. Особено што, откако се најде во Гестапо, одвнатре согледа колку е злосторнички режимот на Хитлер, каква несреќа му носи на германскиот народ“.
Како шеф на групата задолжена за борба против комунистичката шпионажа, Леман ја предупредуваше Москва за апсењата на советските агенти, што овозможи многу од нив да бидат спасени. Со текот на времето, сферата на одговорност на „Брејтенбах“ се прошири и тој можеше да му предава материјали на СССР не само за структурата и принципите на работа на тајната полиција, туку и информации за германската воена индустрија, па дури и за супертајната програма за изградба на ракети.
Во декември 1942 година Вили Леман беше разоткриен и уапсен. По сослушувањето, кое го водеше лично шефот на Гестапо Хајнрих Милер, „Брајтенбах“ беше стрелан. Никој не сакаше да слушне за срамот на Гестапо, па во јавноста беше објавено дека го дал животот за „фирерот и Рајхот“.
Харо Шулце-Бојзен ги имаше сите можности да изгради успешна кариера во нацистичка Германија. Беше во роднинска врска со познатиот адмирал Алфред фон Тирпиц, а неговата сопруга се дружеше со командантот на германското Воздухопловство „Луфтвафе“ и еден од раководителите на Третиот Рајх Херман Геринг.
Токму Геринг во 1936 година му помогна на Шулце-Бојзен да се вработи во Министерството за авијација без вообичаената проверка на политичката подобност од страна на специјалните служби. Имено, Харо имаше големи проблеми со тоа, со оглед на тоа што уште како студент отворено се изјаснувал против Хитлер.
Кога почна да работи за нацистите, Шулце-Бојзен не ги промени ставовите, туку почна да дејствува тајно. Успеа да собере група истомисленици, меѓу кои и неговата сопруга и луѓе од различни слоеви на германското општество. Меѓу нив беа и неговите колеги на високи позиции во „Луфтвафе“, како што е полковникот Ервин Герц.
Покрај водењето антинацистичка пропаганда, Харо Шулце-Бојзен работеше и за советската служба, со која воспостави врска во средината на 1930-тите. За време на Граѓанската војна во Шпанија, агентот „Старшина“ ѝ ги предаваше на Москва плановите на германските воени операции, а подоцна го информираше СССР за состојбата на воздухопловните сили на Третиот рајх. „Тој фанатик беше движечката сила на целата шпионска организација во Германија“, истакнува во своите мемоари шефот на германската надворешна разузнавачка служба Валтер Шеленберг,
Во текот на летото и есента 1942 година Гестапо ја растури групата на Шулце-Бојзен. На 22 декември, Харо беше обесен во берлинскиот затвор Плецензе. Еден час подоцна неговата сопруга Либертас беше погубена на гилотина.
Син на професор по историја, Арвид Харнак беше разноврсна личност. По студирањето на универзитетите во Германија, Англија и САД, се стекна со звањето доктор по право и филозофија.
Застапувајќи ги комунистичките идеали, во 1935 година Харнак започна интензивна соработка со советската разузнавачка служба под оперативниот псевдоним „Корзиканец“. Блескавата кариера во Министерството за економија на Третиот Рајх му овозможи редовно да ја информира Москва за трговските односи на Германија со земјите во Европа и Азија, како и за финансирањето на мрежата на нацистички агенти во странство.
Покрај тоа, Харнак на своите контакти им пренесуваше информации за подготовката на Германците за војна против СССР, за нивните планови за експлоатација на пространите советски територии. Во тоа интензивно му помагаа членовите на групата што ја собра, меѓу кои имаше и вработени од најголемите германски компании и економски управи на Вооружените сили на Германија.
Групите на Харнак и Шулце-Бојзен тесно соработуваа и се запаметени во историјата под заедничкото име „Црвена капсула“. Така Гестапо ги нарекуваше сите организации на Отпорот во Европа кои во својата борба се потпираа на Советскиот Сојуз.
„Парите не играа важна улога за нив“, истакнува Шеленберг. „Тие не се бореа само против националсоцијализмот, во нивниот поглед на светот тие толку се оддалечија од идеологијата на Западот, која ја сметаа за безнадежно болна, што спасот на човештвото го гледаа само на Исток“.
„Корзиканецот“ ја доживеа истата горчлива судбина како и „Старшина“. Неговата група исто така беше откриена и на 22 декември 1942 година тој беше обесен во затворот Плечензе. Сопругата на Харнак, Милдред, беше обезглавена на 16 февруари следната година. Хитлер лично ѝ ја замени шестгодишната затворска казна со смртна казна.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче