Какво пиво сакал Ленин, каде го пиел и дали Хитлер бил таму

Russia Beyond (Борис Вигилев/Sputnik; Getty Images)
Ленин обожавал пиво! Но, никогаш не го виделе пијан.

Кога Ленин и Крупскаја го посетиле Минхен во 1913 година, Илич веднаш отишол во пивница. „Сакавме да свратиме во Минхен на ден-два“ ​​- се сеќава Крупскаја - „да видиме колку се променил од времето кога живеевме таму во 1902 година, но бидејќи бевме во брзање, поминавме само неколку часа во Минхен. < ...> во ресторанот „Хофброј“. На ѕидовите, на криглите насекаде стоеја буквите „Н.В.“ – „Народна волја“, се смеев јас. Цела вечер ја поминавме во таа „Народна волја“... Илич го пофали минхенското пиво, како вистински познавач и љубител“.

Владимир Илич Ленин го сакал минхенското пиво. За време на првата емиграција (1900-1905), триесетгодишниот Ленин илегално живеел во Минхен, на улица „Кајзерштрасе“ 46. Станот му го обезбедил локален социјалдемократ кој бил и сопственик на пивница во истата зграда - Георг Ритмајер, „предебел Германец“, како што го опиша Надежда Крупскаја во сеќавањата.

Додека живеел во Минхен, Ленин се претставувал како „господин Маер од Сибир“, одржувал илегални состаноци на социјалдемократите и го издавал весникот „Искра“. А во слободното време идниот лидер сакал народни забави. „Генерално, посетите на разни народни забави и веселби ми беа помили отколку одењето во музеи, театар, пасажи со продавници итн.“, признава тој во 1895 година во писмо до неговата мајка. И сакал да пие пиво во познатата минхенска пивница „Хофбројхаус“. „Посебно со задоволство се сеќаваме на „Хофбројхаус“, каде одличното пиво ги брише сите класни разлики“, напиша Крупскаја подоцна во својот дневник.

Во 1913 година, кога Ленин и Крупскаја навратиле во Минхен, таму живеел младиот Адолф Хитлер. Познато е дека и тој ја посетувал истата пивница, па дури и ја прикажал во своите акварели. Во 1920 година Хитлер ќе ја објави својата програма „25 точки“, која наскоро ќе стане официјална програма на Националсоцијалистичката германска работничка партија.

Не се сочувани сведоштва дека некој го видел Ленин пијан, но и тој не сакал да се откаже од пиењето. Во тој поглед бил умерен. Во 1910 година финскиот комунист Јурје Сирола ручал со Ленин во ресторан. „Кога шишето вотка стигна до нас, го прашав Ленин: „Дали си дозволувате чашка пред ручек? „Мојата партија тоа не го забранува“, беше неговиот одговор.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња