Како Американците ја трампаа Пепси-кола за советско пенливо „Nazdorovya“ и вотка „Столичнаја“

Russia Beyond (Н. Архангелски/Sputnik; Абрау-Дјурсо)
Русите не велат „На здоровје!“ кога ќе се чукнат со чашите. Оваа „здравица“ ја промовира Холивуд, но факт е дека Американците увезуваа пенливо вино со вакво име.

Во луксузниот хотел St.Regis во центарот на Москва богатите и влијателни членови на американското општество во една пригода се собраа на презентација на руското вино од Абрау-Дјурсоа под марката Nazdorovya. На овој неочекуван настан во екот на Студената војна во 1975 година ги повика шефот на компанијата PepsiCo Доналд Кендал. Дегустацијата на советски пенливи вина имаше за цел да придонесе за „подобро взаемно разбирање“ и „намалување на затегнатоста“ во односите помеѓу САД и СССР. Секако, воедно тоа беше и прилично вносен бизнис.

Никита Хрушчов пие пепси-кола.

За време на својата посета на СССР во 1971 година Доналд Кендал постигна договор со советското раководство за испорака на производи на PepsiCo во Советскиот Сојуз. Така пепси-кола стана првата западна лимонада во официјална продажба во СССР. За возврат PepsiCo ја презеде на себе обврската во САД да ги увезува и да ги пласира вотката „Столичнаја“ и пенливото вино „Nazdorovya“.

Посетата на Доналд Кендал, шеф на американската компанија PepsiCo во СССР. Потпишување договор за отворање фабрика за полнење во 1973 во Новоросијск.

Алексеј Косигин, претседател на Советот на министри на СССР се договори за бартер газиран пијалак за вотка според формулата „литар за литар“. Навистина, тој на крајот направи вотката да се третира како готов производ, а газираниот пијалак да биде концентрат. Така на крајот формулата беше 1:17, и тоа не во корист на Американците.

На американските пристаништа во периодот од 1973 до 1981 година беа истоварени 1,9 милиони декалитри вотка „Столичнаја“ во вредност од 25 милиони американски долари. Во истиот период во СССР се продадоа 32,2 милиони декалитри пепси-кола во вредност од 303,3 милиони рубли (односно 139,3 милиони рубли повеќе, доколку се земе предвид курсот на доларот). Треба да се има предвид дека Американците не добиваа пари за „пепси-кола“, ами само добивка од реализираната продажба на советските алкохолни пијалаци во САД.

Може да се претпостави дека СССР извезуваше повеќе вотка одошто вино, но факт е дека пенливото вино Nazdorovya се продаваше во неколку продавници во Америка.

Називот на брендот Nazdorovya за пенливо вино од СССР не се појави случајно. Станува збор за изменет израз „Na zdorovie“ кој се користеше како здравица во сите американски филмови каде што се појавува „руска трага“ или руска вотка.

Во тоа време увозот на пенливо вино во Америка, секако, не беше несекојдневна појава. Америка увезуваше и од Југославија, од Јужна Африка и од Австралија.

Новинарот Френк Џ. Пријал во својата статија за The New York Times во 1975 година го опиша пенливото вино Nazdorovya Extra Brut како „суво и добро избалансирано вино“, а Nazdorovya Brut како „слично на бојата на златото, со лесен вкус кој останува во устата“.

Пиварницата „Новоросијск“. Производна линија за „Пепси-кола“ 1974 година.

Овие пенливи вина се правеа во местенцето Абрау-Дјурсо во Краснодарскиот крај од тамошното грозје. Винарите ги користеа сортите Пино ноар и Пино шардоне. Пред извозот виното три години лежеше, во согласност со класичната технологија за производство на шампањско. СССР под брендот Nazdorovya извезуваше вино и во Белгија, Бразил, Италија, Канада, Мексико и во земјите од Источна Европа.

Во Америка шише пенливо вино Extra Brut чинеше 13 долар, а брут чинеше 9,95 долари. Во тој дијапазон се движеше и шише невинтажно француско шампањско Moet & Chandon (10 долари), а во споредба со премиум пенливо вино од Калифорнија, советското вино беше поскапо.

Советско-американските односи западнаа во нова криза во 1979 година по распоредувањето на советските единици од Авганистан, така што падна и побарувачката за советски намирници. Кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век, пред распадот на СССР, Американците се преориентираа на бартер за купување советска воена техника.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња