Зборот „јармарка“ (панаѓур) дошол во рускиот јазик од германски (Jahr – година, markt – пазар), а тоа се случило дури во XVII век, кога Германците почнале масовно да тргуваат со Русите. Тие го донеле европскиот обичај на одржување годишни пазари на „видливи“ места како што се големите градови и крстосниците на трговските патишта. На панаѓурите се собирале професионални трговци од различни населени места и краишта на земјата.
Во руската земја, местата каде што луѓето се собирале и ги продавале своите стоки биле наречени „торг“. (Истиот назив - Торг - до XVII век го носел и Црвениот плоштад во Москва.) Но најмногу во руските градови се одржувале „торжки“ (т.е. мали торгови) и пазари. А тоа сепак не биле панаѓури!
Панаѓурот бил редовен годишен настан на кој се собирале луѓе од сите страни, додека торгот имал локален карактер и се одржувал со различна зачестеност. Меѓутоа, првите големи собири на трговци во Русија, кои во суштина веќе станале панаѓури, сè уште до XVII век се нарекувале „торг“, како, на пример, Молошкиот Торг и Макарјевскиот Торг.
На торг и пазар стоки продавале локалните трговци. Торгот се одржувал неколку пати годишно, а пазарот секоја недела.
Меѓутоа, во XIV век се појавил и Молошкиот торг или торгот во Холопско гратче - на реката Молога во атарот на селото Борисоглебское (денес потопено од Рибинското вештачко езеро). Молошкиот торг се одржувал редовно секоја година и траел во текот на четирите летни месеци (од јуни до септември или од мај до август - во зависност од временските услови и други фактори).
Тука не се тргувало со пари, туку претежно се вршела размена на добра, а во неа освен Русија учествувале и трговци од различни земји: Германци, Полјаци, Грци, Ерменци, Персијци, Италијанци, Турци. Имало толку многу бродови што ќе ја исполнеле целата ширина на Волга, протегајќи се најмалку 500-600 метри, така што со преминување од еден на друг брод човек можел да премине од едниот брег на другиот брег.
А до крајот на XVI век најголемо значење стекнал торгот кај Нижни Новгород.
Првиот најголем панаѓур во Русија бил Макарјевскиот панаѓур, односно Макарјевски торг, кој го добил името по Желтоводскиот Макарјевски манастир. Во тоа време панаѓурот се одржувал до манастирот, 90 километри од Нижни Новгород, додека на почетокот на XIX век бил префрлен во Нижни Новгород, каде за него биле изградени нови модерни павилјони.
Првично, панаѓурот се наоѓал на средината на Волшкиот пат, помеѓу сливот на реките Ока и Кама во Волга. Иван Грозни во 1552-1556 година ги освоил Казан и Астрахан, ставајќи го под своја контрола Волшкиот трговски пат. Тогаш трговците од север нагрнале на јужните земји, бидејќи царот Иван Василевич дозволил трговија со Персија.
Покрај Макарјевскиот панаѓур, се одржувале и Ирбитскиот, Пермскиот, Оренбуршкиот, Барнаулскиот и многу други помали панаѓури. Во 1864 година се одржале над 18.000 панаѓури со обрт од над една милијарда рубли (за споредба, буџетскиот приход во 1866 година бил 362 милиони 475 илјади и 811 рубли).
Секој пазар не бил само место за трговија. Тоа било пред сé јавен простор, место за забава, прикажување на личните способности и реклама. На тој начин секој панаѓур бил сличен на древните агори, како и на модерните трговски центри.
На Молошка утрина, на пример, имало преку 70 кафеани. Панаѓурот, имено, бил место каде што човекот можел да испие сé што има, вклучително и облеката. Во кафеаните луѓето се опивале, а се веселеле на настапите на патувачките забавувачи. Таму настапувале „петрушници“ (куклари) и циркузанти, кои ги прикажувале вештините на дресираните мечки, борби со петли и гусаци.
Но, една од најпопуларните панаѓурски забави бил „рајокот“, кој во старо време бил замена за кино за жителите на Русија. Рајок бил голема дрвена кутија со две лупи на предната страна. Кутијата била поставена на масичка или штанд со тркала. Во исто време двајца луѓе можеле да погледнат во неа низ отворите, секој преку едно стакло. Внатре во кутијата се наоѓал наједноставен „екран“ - лента хартија со слики што се премотувале од една на друга страна. Во некои од овие уреди зад сликата имало свеќа што ја осветлувала. Со менување на разнобојни стакла осветлувањето можело да биде сино или црвено. Овој вид на кутија бил наречен „рајок“, бидејќи првите уреди од овој тип содржеле слики на религиозни теми (најчесто Божик).
Но, справата била само половина забава. Требало да се коментира она што било прикажано на сликата, што било задача на „рајошникот“. За секоја слика рој рецитирал римувани стихови. А на сликите се ределе панорами на Париз и Москва, Бородинската и Полтавската битка и други глетки од Русија и странство. „Погледнете, погледнете, големиот град Париз, кој ќе влезе во него, задушен ќе биде, во него стои столб со Наполеон, Французите се шеткаат, носот си го чепкаат“ – вака гласела една од песничките.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче