Брест-Литовски мир: Како Русија изгуби милион квадратни километри и 56 милиони население

Gamma-Keystone/Getty Images
Овој договор за Русија значеше губење на огромни територии и десетици милиони население. А беше и еден од катализаторите на Граѓанската војна и причина за масовна интервенција на западните сили.

На 3 март 1918 година во Брест-Литовск (на југозападниот дел на денешна Белорусија) беше склучен мировен договор меѓу Советска Русија и Централните сили: Германија, Австро-Унгарија, Бугарија и Османлиското царство. Земјата скапо го плати своето излегување од Првата светска војна. Изгуби територии од околу еден милион квадратни километри со над 56 милиони население и огромен индустриски потенцијал.

Што ја наведе болшевичката власт на овој чекор?

„Мир без анексии и репарации“

Желбата на Ленин и неговите соборци да ја извлечат Русија од војната што е можно поскоро им донесе на болшевиците нови поддржувачи. Народот беше уморен од повеќегодишното војување. Покрај тоа, борбената способност на руските сили беше на многу ниско ниво. Тоа беше последица од „демократизацијата“ воведена во армијата по укинувањето на монархијата.

Првата страница на Брест-Литовскиот мировен договор

Во ноември 1917 година болшевиците ја соборија Привремената влада, која се залагаше за продолжување на воените дејствија и ја презедоа земјата во свои раце. Веднаш се обратија до западните сојузници со предлог со непријателот да се постигне „мир без анексии и репарации“, но тие, не признавајќи го легитимитетот на советската власт, просто го игнорираа нивниот апел.

Тогаш предлогот за мировни преговори беше упатен директно до Германците. Тие го пречекаа со големо внимание, бидејќи војувањето на два фронта им трошеше многу од силите. Иако до тој момент успеаја да заземат дел од руската територија (полските и литванските земји, како и западните региони на денешна Летонија и Белорусија), не можеа да очекуваат дека ќе ја освојат Русија во блиска иднина.

Откако се договорија за прекин на огнот, страните ги испратија своите делегати во Брест-Литовск, каде што на 22 декември започнаа мировните преговори. Началникот на штабот на командантот на Источниот фронт генерал Макс Хофман се сеќава: „Многу размислував дали за германската влада и врховниот командант би било подобро да ги одбијат преговорите со Болшевичката влада. Со тоа што на болшевиците им овозможивме да ја прекинат војната и на тој начин да ја задоволат желбата за мир која го зафати целиот руски народ, ние им помогнавме да останат на власт“.

Руска пешадија во Полска во август 1914.

Тие мисли им паднаа на ум на германските генерали многу години по војната. Додека во тој момент политичкото и военото раководство на Германската империја ликуваше.

Дипломатски ќорсокак

Германците формално се согласија да разговараат за „мир без анексии и контрибуции“. Меѓутоа, со барањето за признавање на „независноста“ на марионетските режими што ги воспоставија на окупираните територии, тие фактички бараа признавање на преминувањето на тие територии под власта на Берлин. Меѓутоа, болшевиците сметаа дека таму нема да има војска од ниедна страна, додека на локалното население ќе му се овозможи право на самоопределување. Бидејќи марионетските национални комитети кои Германците ги формираа таму не ги задоволуваа Русите, барањето беше одбиено, а преговорите се одолговлечија.

Во текот на целиот процес Ленин беше упорен за тоа да се направат отстапки за Германците. „За револуционерна војна е потребна војска, а ние немаме војска... Без сомнение, мирот што треба да го склучиме сега е срамен, но ако почне војна, нашата влада ќе биде соборена, а мирот ќе биде склучен со друга влада“, тврдеше „водачот на светскиот пролетаријат“.

Германците во Киев, март 1918.

Ситуацијата стана значително посложена на 9 февруари, кога Централните сили во Брест потпишаа мир со Украинската Народна Република - центарот на власта во Украина, кој постоеше одвоено од болшевиците и со оружје се бореше против нив. Во замена за дипломатско признавање и воена помош, Украинците ветија на Германците и Австријците дека ќе им испорачуваат храна и суровини.

Следниот ден германската страна ѝ постави ултиматум на Русија итно да ги прифати нејзините барања. Како одговор на тоа народниот комесар за надворешни работи Лав Троцки, кој се приклучи на преговорите, ја изнесе формулацијата „ни мир, ниту војна“: „Војната ја прекинуваме, војската ја демобилизираме, но мир не потпишуваме“.

Додуша, Ленин набрзо ја повлече одлуката за демобилизација. Болшевиците продолжија да ги отежнуваат преговорите, надевајќи се на револуција во Германија и отворено повикувајќи ги германските работници да се кренат. Меѓутоа, она што го дочекаа беше напад од германската армија.

Германски притисок    

Преговорите во Брест-Литовск, приближно 7 февруари 1918.

На 18 февруари, како дел од операцијата „Фаустшлаг“, германските и австроунгарските сили започнаа масовна офанзива од Балтикот до Црното море. Морално веќе речиси целосно дотепаната руска војска практично не им пружаше никаков отпор, додека одредите на Црвената гарда кои жестоко се бореле беа премногу малубројни и раштркани.

„Најкомичната војна што сум ја видел“, запиша генералот Хофман. „Мала група пешадиски војници со митралез и топ на предниот вагон оди од станица до станица, заробува уште една група болшевици и продолжува понатаму“.

Потпишување на договорот на 9 февруари 1918.

На 21 февруари беше заземен Минск, на 2 март Киев, каде што се врати владата на Украинската Народна Република, избркана од советската власт. Под непријателска контрола се најде целата територија на денешна Украина, Латвија, Естонија и Белорусија. До престолнината на Советска Русија Петроград (Санкт Петербург) на германската армија ѝ остануваа уште само 170 километри.

„Срамен“ мир

Мислењата на болшевичкото раководство за понатамошните потези во услови на криза беа поделени. На крајот преовлада гледиштето на Ленин. Тој се залагаше за итно прифаќање на барањата на непријателот за да се спаси политичкиот режим.

Страните повторно седнаа на преговарачката маса. Само што овојпат германските услови беа многу поизискувачки. Според Брест-Литовскиот мировен договор потпишан на 3 март 1918 година (како и дополнителниот договор од 27 март истата година), Русија ги изгуби целиот Балтик, Полска, дел од Белорусија, требаше да ја повлече својата војска од територијата на Финска и Украина, чија независност сега мораше да ја признае. Дел од територијата на Кавказот му припадна на Османлиското царство.

Австроунгарски трупи во украински Каменец-Подолски

Покрај тоа, Русија мораше целосно да ги демобилизира својата армија и морнарицата, да исплати репарации, да им овозможи на Германците привилегирана позиција во трговијата сé до 1925 година, да дозволи бесцарински извоз на руда и други суровини во Германија, како и да престане со агитација и пропаганда против Централните сили.

Тешки последици

Царот Вилхелм II го нарече Брест-Литовскиот мир „еден од најголемите триумфи во светската историја, чие значење во целост допрва ќе го разберат нашите внуци“. Во Русија тој имаше ефект на бомба која експлодираше и придонесе за избувнување на Граѓанската војна.

„Ова предавство не можеа да го поднесат дури ни болшевиците во морнарицата, довчерашните убијци на офицери“, запиша инженерот Николај Врангел. „Почнаа да го креваат гласот за потребата да се заштити Крим од Германците, трчаа низ градот (Севастопол) барајќи ги офицерите, молејќи ги повторно да ја преземат командата со бродовите. Наместо црвено, на бродовите беше подигнато Андреевското знамеј“.

Шокирани од можноста на Западниот фронт да се префрлат неколку десетици сега расположиви германски дивизии, Французите и Американците организираа масовна интервенција во Русија со цел да ја вратат земјата во војна и да го спречат непријателот да дојде до воениот товар насобран во пристаништата, со кој тие претходно ја снабдуваа руската војска.

- Што ќе јадеме денес? – Руска мечка!

Болшевиците, од друга страна, го сметаа Брест-Литовскиот мир за привремена мерка. На 13 ноември 1918 година, на првиот ден од револуцијата во Германија, тој беше поништен со одлука на Серускиот централен извршен комитет.

Набргу германската војска почна да се повлекува од окупираните територии на поранешната Руска империја. Веднаш по нив тргна Црвената армија, решена да си го врати она што го сметаше за свое.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња