Како живееле осамените жени во Русија?

„Селанката што спие“, 1917, З.Ј. Серебрјакова

„Селанката што спие“, 1917, З.Ј. Серебрјакова

Приватна колекција
На жената ѝ билo тешко сама во руското село, без разлика дали била стара мома или вдовица која по смртта на сопругот не може лесно да најде нов животен сопатник. Каков бил односот на општеството кон осамените жени во царска Русија? Каков бил нивниот живот?

Постоело суеверие дека не е убаво да се носи еден чевел или една обетка, една плетенка... Сѐ треба да биде во пар, а жената што ова правило не го почитува може да остане сама (ако е сѐ уште девојка) или да стане вдовица (ако е мажена).

Осаменичкиот живот на селската жена бил крајно тежок зашто за одржување на селското домаќинство биле потребни најмалку двајца. А, осамени жени имало многу. Како тие преживувале во руското село во текот на „класичниот период“, односно од крајот на 16 до крајот на 19 век?

Вдовици

„Вдовечкиот живот е жива смрт“, се велело на село. Во селската средина лицето станувало полнолетно дури кога ќе склопи брак. Возрасна жена што ќе го изгуби својот сопруг во војна или во некоја несреќа веднаш добивала нов статус во правна, економска, социјална и ритуална смисла.

Портрет на А. И. Сичкова, мајка на сликарот, 1898, Сичков Ф. В.

По смртта на мажот вдовицата морала да носи „црнина“ една година, односно подолго од сите останати. Тоа всушност не била црнина, ами „кукавичко“ одело со бела боја со краеви извезени со црвена лента. Жените тогаш имале неколку комплети „кукавички“ одела – за дома, за излегување во село и за одење во црква.

Каде живеела вдовицата? Ако живеела со својот сопруг помалку од една година и немале деца или само имала женски деца, се враќала кај родителите. Вдовицата со момчињата останувала во семејството на својот свекор, кадешто најчесто ѝ било укажувано посебно почитување. Но, неа никој не ја принудувал да остане тука, па имало случаи вдовицата да ја напушти куќата, а грижата за децата му се препуштала на семејството на покојниот сопруг.

Ако жената била постара од 40 години и без деца останала вдовица, живеела одвоено од останатите. Селската заедница на нејзе, како и на сите вдовици, им давала материјална помош. Се сметало дека „вдовицата е исто што и сираче“, така што народот и на вдовицата и на сирачињата им помагал на различни начини, односно не само парично. Соседите и пријателите можеле да ѝ исцепат дрва за зима, да донесат вода, да ожнеат и да сомелат жито, особено ако живее сосема сама или со мали деца. А, доколку некој ја навредува или ја угнетува вдовицата, па згора на тоа ако таа има деца, тогаш во селото тоа се сметало како страшен грев. Сторителот бил сурово казнуван.

Дури и ако вдовицата останала сама, нејзе според руските закони задолжително ѝ припаѓал дел од стекнатиот имот. Кој дел конкретно таа ќе го наследи зависело од тоа колку долго живеела во заедница со својот сопруг. Постара вдовица го добивала имотот на мажот и избата (па, дури и поголема куќа со имот, доколку семејството било поимашно). Според тестаментот на сопругот или според обичајното право, доколку сопругот немал браќа, вдовицата често можела да ја наследи и недвижноста и комерцијално претпријатие (што селаните можеле да го поседуваат), и понатаму самата да управува со имотот. Поради тоа во царска Русија имало многу такви вдовици-претприемачи.

Погорелци, 1871, Прјанишников И. М.

Вдовицата што живеела со децата и самата го водела домаќинството се нарекувала „бољшуха“ (од придавката „большой“ што значи „голем“) и била почитувана како самохрана мајка. Таа на селските собири одела како сопственичка на имот и имала право на глас. Ваквата жена можела да најде некој самец, кој не задолжително бил вдовец, да го доведе дома како нов сопруг, и тоа не се третирало како нешто негативно. А, можела и да живее одвоено и синовите да ја издржуваат. На село многу се ценело кога е некој вреден и се знаело дека не е лесно да се води домаќинството и затоа семејството морало да биде поцврсто.

По истекувањето на една година вдовицата можела да се премажи, особено доколку е млада и нема деца. За тоа се размислувало веднаш по смртта на сопругот. На пример, се верувало дека не треба да се закопчува јаката на кошулата на покојникот, ниту да му се врзува појасот, за вдовицата што поскоро да склопи нов брак. Вдовиците можеле да се премажуваат и на 40 или 50 години. За волја на вистината, за време на премажувањето не се организирала „моминска вечер“, а невестата на венчавката не ставала вел преку лицето. Во таков брак немало мираз, ниту свадбена поворка и големи гозби. На венчавката доаѓале само најблиските роднини.

„Вековухи“

Секако, имало и девојки кои немале среќа кога станува збор за брачниот живот. На пример, родителите сметале дека не е убаво младата ќерка да се мажи пред постарата, и таа немала статус на „девојка за мажење“, додека постарата бара „ерген“ и оди на вечерните седенки. А, имало и девојки кои не можеле да си ја најдат својата втора половина. Селската заедница немала разбирање за ваквите случаи. Што денес изгледа чудно и неприфатливо.

Стара селанка со стап, 1830-ти, Венецијанов А. Г.

Старите моми често се нарекувале со разни погрдни прекари: вековуха, еднокика, седокоса или презреана. Ваквите девојки дури и родителите можеле да ги возат на санка низ селото и да викаат: „Надолба (камен пред куќата на кој обично се врзувал коњот), еве ви надолба! Кому му треба надолба?“ Доколку некое семејство покажело интерес, можеле веднаш да се „спогодат“ и веќе следниот ден да се склопи бракот.

На село се сметало дека е голем срам да се биде стара мома или „вековуха“, зашто таквата девојка не го реализирала својот репродуктивен потенцијал, Дури ни тоа што некоја девојка е куца, што пелтечи или е грбава не се третирало како пречка за склопување брак.

Немажена девојка постара од 25 години повеќе не се викала на седенки и ѝ се забранувало да се облекува девојчешки и да носи девојчешки украси. Морала да се облекува во потемна облека, како вдовиците и стариците. „Вековухата“ обично живеела одвоено од семејството, во посебен објект, кадешто самата водела свое домаќинство.

Од друга страна, вдовиците и старите моми и покрај извесната угнетеност во селото се третирале како телесно и духовно чисти личности. И како такви вршеле голем број важни обредни функции, пред сѐ поврзани за заминувањето на оној свет. Како симбол на празнината и немарноста, вдовиците и старите моми не оделе на свадби, на повојници и на крштевки, но затоа учествувале во капењето на покојникот и во неговата подготовка за погреб, бдееле покрај телото до погребот и инаку биле задолжени за исполнување на погребните обичаи.

Орање, 1876, Мјасоедов Г. Г.

Нивна важна „работа“ била и „преорување“ на ораниците. Тие го држеле плугот како непорочни жени, а трудниците биле „впрегнувани“ да го влечат плугот. Овој важен ритуал морале да го извршуваат само симболично „бесплодните“ жени, и тоа ноќе, за земјата преку ден да биде поплодна.

Многу „вековухи“ и вдовици на стари години почнувале да се занимаваат со лекување и зацелување рани. Покрај овие, во руските села постоеле уште еден вид осамени жени. Тоа се оние кои уште во детството донеле одлука да живеат осамен живот.

„Чернички“

Овие девојки наместо семејниот се решавале за монашки начин на живот и на служење на Бога. Зборот „черничка“ е феминатив од зборот „чернец“, односно црноризец, монах, послушник, човек кој му припаѓа на „црниот“ (безбрачен) духовен сталеж. За да стане „черничка“ девојката морала на сите да им објави дека не сака да се омажи, и тоа веднаш штом ќе влезе во брачната возраст, односно кога селската младина ќе почне да ја вика на вечерните седенки. Причината можела да биде посебната побожност на девојката или заветот што го имале дадено нејзините родители.

Христова невеста, 1913, Нестеров М.В.

По оваа објава морала да ги подели сите свои девојчешки украси и да носи темна облека, исто како старите моми и вдовиците. Симболично ја отсекувала и плетенката со зборовите: „Како што оваа коса нема да срасне, така и јас нема да се вратам на моминскиот живот“

Семејството на ваква девојка за неа правело посебна просторија (нешто како монашка ќелија) кадешто таа живеела, го водела своето домаќинство и јадела само посна храна. Главната улога на „черничката“ во селото била да учествува во обредите поврзани за погреб. „Черничките“ се повикувале покрај ковчегот со покојникот да го читаат Псалтирот, да ги капат покојниците и да ги подготвуваат за погреб. За разлика од старите моми и од вдовиците, „черничките“ биле посебно почитувани во селото, зашто таква девојка во извесна смисла ја принесувала својата плодност и своите животни функции како жртва на Господа и го посветувала својот живот на служење.

Исцелителка, Журављов Ф.С.

„Черничката“ живеела од малиот приход што ѝ го давале членовите на семејството на покојникот. Тие ѝ подарувале и намирници, парчиња ткаенина и други работи. Но, најважно било тоа што „черничките“ им помагале на свештениците и на ѓаконите во храмот. Тие добро го познавале редоследот на службата и текстовите на молитвите. Можеле и да ги учат селските деца да читаат и да пишуваат. Во зрела возраст можеле и да се замонашат. Во стара Русија се сметало дека прави монахињи се само непорочните жени, оние што уште од раното детство му се посветиле на Господа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња