„Императорите на тајгата“: Златната треска ја зафати Русија пред Америка

Миење злато.

Миење злато.

МАММ/МДФ
Сибирската златна треска заврши со масакр што го потресе целото Руско царство.

Убиство во Сибир

Андреј и Фјодор Попови, двајца богати руски трговци од Урал, дознале дека некаде во Сибир еден селанец и староверец по име Егор Лесној пронашол злато некаде во близината на реката Сухој Берикул во Томската губернија во Сибир.

Злато од Колима, Сибир.

Трговците испратиле свој пратеник да се сретне со Лесној, но пратеникот не успеал да извлече податоци за конкретната локација на златната жила. Тогаш Попови одлучиле на човекот од Сибир лично да му соопштат „понуда што тој не би можел да ја одбие“. Меѓутоа малку задоцниле. Излегло дека Лесној бил задавен непосредно пред нивното доаѓање.

Трговците не се откажале. Ја прогонувале паштерката на Лесној, сѐ дури таа не им го покажала местото кадешто нејзиниот покоен очув копал земја. Проучувајќи ја неговата работа, браќата Попови сфатиле дека во Сибир има злато.

Така во русија започнала добата на потрага по злато.

Златната треска

Вадење златоносен песок на реката Берјозовки. Фотограф Прокудин-Горски. Урал, округ на градот Берјозовски, почеток на 20 век.

Во тоа време руската влада веќе им одобрила на приватниците да вадат злато во сите региони на огромната империја. Со указ на Сенатот од 1812 година им било дадено право на сите руски поданици да бараат и да копаат злато и сребро доколку плаќаат данок на државата. Во зависност од регионот и од деценијата, данокот изнесувал од 5 до 40 процени од вкупното производство.

Вадење златоносен песок на реката Берјозовки. Фотограф Прокудин-Горски. Урал, округ на градот Берјозовски, почеток на 20 век.

Неколку месеци по откритието на Андреј и Фјодор Попови трговците ја истражувале земјата во близина на притоката и таму финансирале голем број рудници. Во првата година од работата ископале приближно еден пуд злато (пуд е стара руска мерка за тежина во износ од околу 16,38 килограми), потоа следната година четири пуда, па следната шеснаесет итн. Производството се зголемувало со геометриска прогресија, а гласините за богатото сибирско тло се рашириле низ целата Руска Империја.

Во Сибир поитале големите руски индустријалци и трговци, како и безброј сиромашни храбри луѓе кои имале големи соништа. Така започнала сибирската златна треска.

Гнили богаташи

Сибирската златна треска траела од почетокот на триесеттите до педесеттите години од деветнаесеттиот век. Во нејзините најплодни децении главните актери се збогатиле копајќи злато во Сибир.

Миење златоносен песок, Сахалин.

Стекнувајќи многу пари набрзина, определени трговци почувствувале дека им се дава уникатна шанса за остварување на своите најлуди соништа. И тогаш настанал пеколот.

За Николај Мјасников, еден од успешните рудари, се зборувалo дека направил визит-карти од чисто злато, додека поранешниот кмет Тит Зотов, збогатувајќи се со копање злато, направил свадба за својот син која траела една година. Толку многу шампањско имало, што луѓето го користеле за миење на коњите и со него ги полнеле кадите за девојките да се капат.

Друг рудар по име Гаврила Машаров нарачал да му се излие медал од чисто злато тежок над осум килограми, а потоа себеси си доделил титула „император на целата тајга“. Но, ниту тоа не му било доволно, па наложил неговата свилена долна облека да се испрати на перење во париските пералници за облека, иако самиот никогаш не бил во Франција.

Машаров во 1836 година изградил раскошна вила во тајгата, со застаклени галерии и со стаклена градина во која растеле ананаси, и тука го минувал своето време. Меѓутоа, Машаров во определен момент повеќе не бил во состојба да ги исплати своите бројни доверители, па банкротирал, така што неговиот ексцентричен начин на живот завршил исто толку нагло, како што започнал.

Пекол на земјата

Обичните работници од овие рудници, собрани од сите краишта на Руската Империја, живееле во нечовечки услови.

Миење злато од рударски отпад.

Рударските компании ангажирале огромен број луѓе, нудејќи им далеку поголема заработувачка од платата на просечен фабрички работник во Москва. Згора на тоа, секој човек што одлучувал да замине во Сибир и да работи во рудник за злато добивал 135 рубли како аванс, а толку еден работник во Москва заработувал за половина година.

Поради тоа луѓето поитале во рудниците. Меѓутоа, мнозинството се соочиле со мрачната реалност. Работеле по 12 часа на ден, а останатото време го минувале во студените и преполни бараки. Назима работеле во вода до колена зашто се палеле огнови за да се стопи замрзнатото тло. По смената до своите бараки морале да одат пеш по неколку километри во мокра облека на ниски температури, што многу често предизвикувало болести и смрт.

Во февруари 1912 година избувнал масовен штрајк кога група на група работници за ручек им било сервирано расипано месо. Во март веќе имало 6.000 штрајкувачи. Работниците, меѓу другото, барале да им се подобрат условите за живот, да добиваат подобра храна и поголема плата, работниот ден да им биде покус и да се отпуштат 25 административни работници во рудниците.

Жртви погубени на реката Лена.

Протестите завршиле со трагедија што ја потресла цела Руска Империја. На 17 април 1912 година војската отворила оган на штрајкувачите. Според различни извори, биле убиени меѓу 150 и 250 лица. Фотографија од овој масакр дошла до печатот и стасала во Санкт Петербург, по што власта започнала истрага, а ширум земјата избиле масовни протести.

По Руската револуција и Граѓанската војна новата советска власт во текот на триесеттите години од минатиот век го монополизирала копањето злато и со тоа засекогаш е ставена точка на периодот на руската златна треска.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња