Како пруската принцеза Шарлота го воведе обичајот на китење божиќна елка во Русија

Russia Beyond (Photo: Александар Молинари; Legion Media; Public domain)
Летото 1817 година во Русија допатува Шарлота Пруска, ќерката на кралот Фридрих Вилхелм III. Тука таа ја примила православната вера, го добила новото име Александра Фјодоровна и се омажила за великиот кнез Николај Павлович кој осум години подоцна ќе стане руски император. По потекло Германка, Александра Фјодоровна од Прусија ги донела и тамошните обичаи, на пример китењето елка за Божиќ.


Уште Петар Велики се обидувал во Русија да го популаризира обичајот за китење елка. За време на своите патувања низ Европа, тој забележал дека таму по повод зимските празници се кити смрека. Други извори велат дека рускиот монарх го видел тоа кај Германците кои живееле во Русија, каде во Москва имале посебна населба која се нарекувала Германска Слобода. Како и да е, императорот секако имал намера да ја востанови прославата на Новата година во Русија, па ја искористил таа пригода своите поданици да ги запознае со нов обичај, наредувајќи им: „Во својот дом, на големите и на истакнатите улици кадешто поминуваат кочии, и пред куќите на истакнатите луѓе со духовен или со световен чин, пред портите да се постават определени украси од дрвја и гранки од бор, смрека и клека, <...> а посиромашните да стават по некое дрвце или гранка на портата или над својата куќа“.

Меѓутоа, обичајот не заживеал, така што по смртта на Петар китењето елка останало само во крчмите. Таму елките се поставувале пред влезот или на покривот, за да се обележат угостителските објекти и на тој начин да ги забележат и неписмените. Можеби Русија би останала без овој убав обичај и неполни сто години подоцна доколку на сопругата на идниот император Николај Први не го направила она што не му успеало на енергичниот цар и реформатор.

Божиќ за пруската принцеза Шарлота

Портрет на пруската принцеза Шарлота (идната императорка Александра Фјодоровна).

Кога стасала во земјата која ќе стане нејзина нова татковина, германската принцеза Шарлота била мошне тажна и многу плачела од возбуда пред средбата со семејството на нејзиниот иден сопруг, што и го напишала во своите мемоари. Романови ја примиле топло, а и бракот со Николај Павлович, тогаш велики кнез, не бил склопен само од корист, ами постоеле и заемни симпатии. Сепак, Александра Фјодоровна (како што се викала Шарлота кога го примила православието) и понатаму мечтаела за својата татковина и за блиските луѓе.

Николај I во генералска униформа, 1843 годима.

Можеби токму оваа носталгија по родната грутка ја поттикнала Александра Фјодоровна да го замоли сопругот во нејзините одаи за 24 декември 1817 година да се постави елка украсена по пруски обичај. Следната година елка се појавила во Аничковиот дворец во Санкт Петербург, а во 1828 година Александра Фјодоровна, која тогаш веќе била императорка, ја приредила првата „детска елка“ за своите малечки.

Ваквите празници станале редови, така што овој обичај постепено го прифатила и престолничката елита. Кон крајот на четириесеттите години од 19 век елките станале вистински хит, но никој не можел себеси да си го дозволи тоа задоволство зашто украсите за елка биле мошне скапи, како и готовите украсени елки. Но, затоа имашните Петербуржани се натпреварувале чија елка ќе биде пораскошна и поукрасена. Особена реткост било вештачкото дрво.

Се појавиле и „јавни“ елки за сите граѓани. Првата таква елка украсена со парчиња разнобојна хартија била поставена во 1852 година на Екатерингофската станица во Санкт Петербург. Потоа елките се појавиле и на благородничките, на офицерските и на трговските собири, а исто така и во театрите и во клубовите.

Прослава на Божиќ во домот на Романови

Царицата секоја година лично го организирала китењето на празничната елка и во тоа покрај нејзините деца и роднините, учествувале и дворјаните. Славењето започнувало на Бадник по бдеењето, и нетрпеливо се чекало до рано утро. „Секогаш нѐ собираа најпрво во внатрешните одаи на нејзиното височество. Тамо се туркаа и се тискаа пред затворените врати на концертната сала и ротондата во Зимскиот дворец каде обично се китеше елката. Се туркаа сите деца, па и царските, зашто беше важно кој прв ќе влезе во салата“, вака празничниот ден во дворецот го има опишано дворската дама Марија Фредерикс.

Кога на крајот ќе се слушнеше ѕвончето „од нетрпение почнавме да се тресеме“, го опишува тој момент великиот кнез Константин Николаевич во својот дневник кога имал 12 години. Не е ни чудо, ѕвончето било сигнал сите деца да се пуштат во собата осветлена со „илјадници свеќи“. Таму императорката еден по еден ги носела децата до определени масички со елки украсени со бонбони и овошје и им делела подароци.

„Може да се замисли колку тие моменти беа исполнети со радост, со задоволство и со благодарност. Толку ми беше мило сѐ, едноставно, блиску до срцето, и покрај тоа што сето тоа се случуваше во присуство на владетелот и на императорката. Но, тие како никој друг умееја со својата добрина и со својата нежност да ја отстранат сета напнатост на бонтонот“, пишува Марија Фредерикс, додавајќи дека секој по празникот си ја носел елката дома и уште долго уживал во неа и се сладел со слатките со кои таа била накитена.

Како што растеле децата, така се менувале и подароците, па така наместо играчки се појавиле книги, фустани и скапоцености. Еднаш ќерката на царот, кнегинката Александра, под елката нашла неверојатен подарок – својот иден сопруг, принцот Фридрих Вилхелм од Хесен-Касел кој претходно тајно допатувал во Санкт Петербург. И самите царски деца приредувале изненадувања едно на друго и на своите родители, а најмногу сакале да прават нешто со свои раце, односно сликале, везеле или вајале. На пример, великите кнезови на часовите по столарски занает правеле минијатурен мебел за куќичка на кукла и им го подарувале на сестрите. Откако ќе се поделеле подароците, учесниците на прославата заминувале во друга сала со голема маса која била украсена со префинети дреболии од порцелан и од кристал. Тука се организирала лотарија со картички, така што императорот ја објавувал картичката што победувала и среќникот кај кој се наоѓала таа картичка ѝ приоѓал на императорката за од неа да ја добие наградата.

Пожар во Зимскиот дворец.

И самиот император имал своја маса со „божиќно дрво“, иако тој „отсекогаш бил против елките“, како што во мемоарите има запишано великата кнегиња Ољга Николаевна. Царот стравувал од пожар и кога навистина избил пожар во Зимскиот дворец на 17 декември 1837 година неговите сомнежи паднале на елката. Таа вечер, имено, децата ја кителе „малата елка“ која била поставена отприлика една недела пред големата божиќна елка за да се поделат „ситни подарочиња“ во потесен круг. Николај Први претпоставил дека дрвото украсено со свеќи е бутнато и дека тоа го предизвикало пожарот. Но, излегло дека тоа не била причината, така што во императорското семејство бил зачуван обичајот на китење елка.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња