Како Сталин ги забрани елките и Новата година?

Kira Lisitskaya (Photo: Public domain; Unsplash)
Од 1929 до 1935 година жителите на СССР беа принудени да ја слават Новата година во тајност. Во земјата беше на сила забрана за прослава на овој празник, па дури и за продажба на новогодишни елки.

Новогодишните елки за прв пат беа забранети во царска Русија. Имено, кога започна Првата светска војна, беше одлучено да се раскине со сето она што дошло од Германија, вклучително и обичајот за китење на елки за Божик и Нова година. Кога во 1917 година дојдоа на власт, болшевиците повторно дозволија прослава на Нова година, па дури и организираа приредби за деца, но во 1929 година беше издадена нова забрана, овој пат од Сталин.

Илегален Божик

Советската власт првично немаше ништо против враќањето на новогодишните елки и прослави по царските забрани, што се доживуваше како симбол на еднаквост (имено, пред револуцијата, елката беше привилегија на богатите семејства). Властите дури ги поттикнуваа луѓето да го слават овој празник. Ленин лично учествуваше во детските новогодишни прослави. Во 1919 година тој го посети детскиот санаториум во московскиот реон Соколники, каде што беше организирана првата детска новогодишна прослава.

Неговиот секретар Владимир Бонч-Бруевич подоцна се присети на средбата на децата со водачот на пролетаријатот: „Го одделија од возрасните. Го одвлекоа со себе да пие чај, да се послужи, му ставија слатко... А тој им делеше ореви, сипуваше чај и внимателно ги следеше, како да му се семејство... Со децата ништо не можеше да се направи. Тие целосно го освоија Владимир Илич“.

Меѓутоа, благонаклонетиот однос не траеше долго. Веќе по смртта на Ленин 1924 година започнаа обидите од Божик да се направи комсомолски празник. На тој ден се читаа раскринкувачки извештаи за економската позадина на „буржоаските“, „попските“ прослави на Божик и Нова година, се изведуваа претстави и политички скечови. Подоцна и комсомолската верзија на Божик стана предмет на критика поради неефикасната борба против религијата, а во 1927 година Сталин одржа говор во кој ги наведе недостатоците во работата на Комунистичката партија: „Имаме уште еден минус, а тоа е слабеење на антирелигиската борба“. Затоа борбата се интензивираше. Во 1929 година владата издаде декрет според кој Нова година и Божик станаа работни денови и повеќе не се сметаа за празници. Истовремено, беше забранета сеча и продажба на новогодишни елки. Почитувањето на оваа наредба го контролираа доброволци кои ги обиколуваа становите и проверуваа дали луѓето тајно китат елка.

И покрај сите забрани, семејствата кои ја почитуваа традицијата продолжија да ги слават Божик и Нова Година. Советската писателка Ирина Токмакова се сеќава: „Светлиот празник на Рождеството Христово беше забранет, а на секој што ќе намислеше да го слави му се закануваше дополнителна работа, а понекогаш и лишување од слобода и престој зад решетки“.

Како божиќната елка стана новогодишна?

Шест години земјата ги славеше Новата година и Божик во тајност, плашејќи се од контролата на доброволците и пријави од соседите. Но, во 1935 година, весникот „Правда“ објави белешка на членот на партијата и пријател на Сталин Павел Постишев, во која тој повикува да се организираат новогодишни прослави за децата: „Во училиштата, домовите за деца, домовите на пионерите... - секаде треба да се организира прослава на Нова година! Не смее да има ниту еден колхоз во кој управата заедно со комсомолците во пресрет на Нова година нема да организираат прослава за своите деца!“

Сето ова се одигра со согласност на Сталин. Генералниот секретар Никита Хрушчов во своите мемоари опишува дека Постишев го покренал прашањето за враќањето на Новата година во личен разговор со Сталин. Тој пак одговорил: „Преземете иницијатива, обратете се преку печатот со предлог да им се врати прославата на децата и ние ќе го поддржиме тоа“. Зошто Сталин ја донел оваа одлука сè уште не е познато. Но, она што до неодамна беше забрането одеднаш стана задолжително: прослави за децата во училиштата и градинките беа организирани дури и во најоддалечените делови на земјата.

Иницијативата на Постишев ги замени божиќните обичаи со новогодишни. Пред револуцијата, елката беше исклучиво симбол на Божик, но борбата против религијата во СССР ги укина верските празници.

„Кремљовската новогодишна елка“ - најголемата детска прослава на Нова година во земјата - првпат беше организирана во 1937 година. На неа беа поканувани најдобрите пионери, најдобрите ученици, децата на ударниците и советското раководство. Беше голема чест да се присуствува на оваа прослава. Тука за прв пат се појави Снегурочка, внуката на Дедо Мраз, која оттогаш е нераскинлив дел од овој празник во Русија.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња