Зошто потомок на Џингис-кан беше погубен во СССР?

Russia Beyond (Photo: Public domain; Jeвгениj Халдеj/ТАСС)
Султан Клич-Гиреј беше џингисид, директен потомок на Џингис-кан. Како и неговиот предок, тој беше третиран во Русија како еден од најлутите непријатели.

Султан Клич-Гиреј имаше потекло од Северен Кавказ. Тој беше потомок на Џучи, постариот син на големиот освојувач, и припаѓаше на династијата на кримските ханови Гиреи. Кога на урнатините на Руската империја избувна граѓанска војна, потомокот на Џингис-кан немаше дилема на која страна ќе застане.

Против советската власт

Султан Клич-Гиреј

Султан веќе беше искусен коњанички офицер кога започна крвавиот конфликт меѓу болшевиците и нивните противници. Во Првата светска војна се бореше во редовите на планинската Кавкаска староседелска коњаничка дивизија. Полковникот Клич-Гиреј неколку пати беше наградуван „за примерна служба и одлична обученост на војниците“.

Султан се бореше против омразените „Црвени“ во граѓанската војна на југот на Русија во редовите на „белата“ Доброволечка армија. По конечната победа на советската власт, тој беше принуден да ја напушти земјата.

Во емиграција не седеше со скрстени раце. Активно учествуваше во различни „национални комитети“ и организации на Кавкасците чија цел беше одвојување на Кавказот од „социјалистичката држава на работниците и селаните“.

Кога во 1941 година Германците влегоа во Советскиот Сојуз, Клич-Гиреј веќе беше во седмата деценија од животот и помисли дека неговите соништа наскоро би можеле да се остварат.

За Хитлер

Султан Клич на суд во Москва, 1947.

Според задачата добиена од Берлин, Султан работеше на формирање колаборационистички единици во Вермахтот, составени од заробени Кавкасци или оние кои преминале на страната на Третиот Рајх. Покрај тоа, тој самиот командуваше со кавкаските единици ангажирани во антипартизанската борба на територијата на Југославија.

Летото 1942 година германските трупи продреа кон Северен Кавказ. Султан Клич-Гиреј им се придружи по тој пробив. Во зоната на негова одговорност беа териториите на кои живеат Адигејците, неговите сонародници. Тој агитираше меѓу локалното население и го повика народот да се крене во „ослободителна борба“ против болшевиците.

Германски заробеници по Сталинградската битка.

Набргу по триумфот на Црвената армија кај Сталинград, германските трупи почнаа да се повлекуваат од Кавказ. Агитацијата и пропагандата повеќе немаа смисла, така што Султан стана поотворен во приватните разговори со мештаните.

„Мојот случај е решен и потпишан. Јас го врзав својот живот за овие луѓе и ќе загинам со нив. Но, вие немате причина да гинете со нив. Затоа, викајте „ура, ура“, но имајте на ум дека нивната власт овде нема долго да трае. Болшевиците се посилни. Болшевиците ќе ги истиснат од овде и ако како будали тргнете по нив, ќе ве уништат и вас“, зборуваше тој.

Судење (15-16 јануари 1947). Прв ред: П. Н. Краснов, А. Г. Шкуро, С. Клич-Гиреј. Втор ред: Г. фон Панвиц, С. Н. Краснов, Т. Н. Доманов.

Британците на почетокот на јуни 1945 година во Австрија ѝ предадоа на советската страна десетици илјади Козаци кои се бореа на страната на Хитлер, па го положија оружјето. Меѓу нив беше и Султан Клич-Гиреј. На 16 јануари 1947 година потомокот на Џингис-кан беше прогласен за виновен за предавство на татковината, како и за контрареволуционерно-белагардејска и диверзантско-терористичка дејност против СССР, по што беше обесен во Москва.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња