Како од Бога надарениот руски уметник без раце и нозе сликал икони и правел портрети на Романови

Государственный музей истории религии / Public Domain; Самарский епархиальный церковно-исторический музей / Public Domain
Една од иконите на Григориј Журављов денес се чува во Ермитаж! А, повеќе од сто дела на овој мајстор на иконописот, колку што се вкупно зачувани, се расфрлани ширум светот. Ова е речиси неверојатна приказна за тоа како момче родено без рацe и нозе во сиромашно селско семејство го остварило својот сон и станало сликар.

Историчарот на уметност и реставратор Здравко Кајмановиќ во 1963 година во местото Пурачиќ (општина Лукавац, Босна и Херцеговина) сосема случајнo има пронајдено една икона. Солунските браќа Кирил и Методиј со книги во рацете имале спокоен поглед, а иконата со средни димензии е направена со маслени бои.

Кирил и Методиј, икона на Григориј Журављов насликана во 1885 година

Кајмановиќ ја оценил иконата како „мајсторско дело“ и труд на академски образован иконописец. Но, потоа открил натпис на руски: „Оваа икона е насликана во Самарската губернија, во Бузлушкиот срез, Утјовска волост и во истоименото село на селанецот Григориј Журављов, без рака и без нога, во 1885 година, на втори јули“.

Тоа бил момент кога името на Григориј Журављов повторно влегло во историјата. По долгиот заборав светот се сетил на сликарот роден во селско семејство со атрофирани раце и нозе кој правел невозможни нешта.

Роден со ретка болест

Во 19 век судбината на луѓето од сиромашните селски семејства, а особено со инвалидитет, била речиси предодредена. Тоа можело да биде случај и со Григориј Журављов кој е роден во 1858 година во селото Утјовка, 1.122 километри од Москва, со тешки здравствени проблеми. Раце имал до лактите, а нозете до колена. За селското семејство во кое сите членови, вклучувајќи ги и децата, учествуваат во преживувањето, тоа било голем товар. Според сведоштвата на мештаните, мајката на Григориј сакала заедно со детето да се удави, но во таа намера ја спречил прибраниот маж.

Григориј Журављов со братот Афанасиј

Без оглед на телесните недостатоци Григориј бил ментално здрав и како што излегло бил многу талентиран. За развојот на момчето бил задолжен дедото кој го носел на училиште на раце. На училиште научил да чита и да пишува, држејќи перо во заби. Кога дедо му починал учителот доаѓал кај Григориј дома. Децата од одделението го обожавале, карактеризирајќи го како весело момче и харизматична личност.

Благодарение на своето образование, со кое ретко кој на село можел да се пофали, им помагал на мештаните кои често доаѓале да го молат да им состави некое писмо или молба. Но, тој во тоа не ја гледал својата мисија.

Иконописец по секоја цена

Како дваесетгодишник Григориј вонредно завршил гимназија. На часови го носел братот Афанасиј, кој по смртта на родителите му бил еден вид замена за рацете и за нозете. Го хранел, го бањал, го носел на настава и во црква. Григориј тогаш стекнал навика долго да седи во храм, набљудувајќи ги иконите на светците. Во дневниот весник „Самарски губерниски ведомости“ излегла вест дека Журављов има намера да стане иконописец по секоја цена и да слика со маслени бои „вистински икони“.

Иконописецот Григориј Журављов, портрет според фотографија, дело на сликарот Николај Колесник

Затоа неговиот брат го однел во блискиот град Самара, каде го замолил локалниот сликар Травкин да му даде на Григориј неколку часа. Овој период од живото на Журављов е проследен со бројни легенди. Според една од нив, тој во градот всушност се упатил за да зарабоува настапувајќи на плоштадите. Наводно мошне вешто и брзо сликал пејзажи и портрети. Според друга легенда, на враќање кон дома го киднапирале сопствениците на еден талкачки циркус, прикажувајќи го извесно време како „смешен“ експонат.

Како и да е, Григориј мошне брзо, според неколку податоци за само неколку дена, повторно се нашол во родното село, кадешто им се вратил на своите бои и четкички и на специјалната маса за работа. Започнал да слика икони и по пет години решил неколку примероци да подари на високите чиновници во Самара за што пишувал самарскиот печат од деветнаесеттиот век.

Иконите им се допаднале на чиновниците, а Губерниското земско собрание започнало редовно да ги нарачува. Добил плата од 60 рубли годишно. За споредба, во тоа време еден коњ чинел дваесет рубли, а просечната месечна плата на еден фабрички работник изнесувала 16 рубли. Григориј имал и шегрт.

Правел портрети на императорското семејство

Со својата добра репутација Журављов се одлучил на храбар чекор и преку губернаторот на Самарската губернија, кого го знаел од порано, во 1884 година му испратил на принцот Николај икона на свети Никола Чудотворецот. Подарокот бил испратен со следниве зборови: „Понизно молам Вашето Високо име да ја прими оваа икона, зашто јас немам ниту раце, ниту нозе. А, оваа икона ја имам насликано сам по вдахновение на семоќниот Бог кој ме пушти на светлоста Божја. И ми подари дар. А, потоа се отворија движењата на мојата уста со која ја управував својата вештина по заповедта Божја“.

Иконата била примена, а иконописецот бил награден со сто рубли.

Икона на Григориј Журављов насликана во 1889 година

Григориј Журављов на себе повторно го свртел вниманието на царското семејство четири години подоцна кога императорот Александар Трети со семејството по враќањето од Крим доживеал железничка несреќа. Романови не биле повредени, но поданиците од цела земја испраќале подароци во знак на утеха. Самарските чиновници му испратиле на императорот за подарок икона. Потоа Александар Трети го повикал самоукиот иконописец на дворот. На крајот тој направил портрет на царското семејство. Платното не е зачувано, но за него има останато белешка во архивата. Добил месечна плата од 24 златни рубли.

Сликал храм седум години, висејќи под куполата

Иконописецот од Утјовка не работел само икони и портрети. Во неговото родно село во 1885 година започнала изградба на камена црква што ја проектирал и ја насликал Григориј, вклучувајќи го и комплицираното сликање на куполата со пречин од десет метри.

Црквата Света Тројица во селото Утјовка

Работел како Микеланџело во Сикстинската капела, лежел на специјално направена колепка на голема височина. На секои два до три часа правел пауза поради грчењето на мускулите на лицето. Устата успевал да ја отвори дури по топлите облоги на образите.

По седум години таква работа на грбот и на вратот му се направиле рани предизвикани од притисок (декубитис), му се излижале предните заби и му се расипал видот.

Црквата станала негова клучна креација. Според завештението иконописецот бил погребан во храмот во 1916 година кога починал од туберкулоза.

Куполата ма црквата Света Тројица во Утјовка

За време на болшевиците храмот го затекнала тажна судбина, бил претворен во складиште за житарки, а иконите, меѓу кои имало и многу на Журављов, биле однесени во колхозниот (колективен) пчеларник за од нив да се направат кошници. Но, пчеларот кришум им ги поделил иконите на селаните во замена за штици.

Икона и фрески од црквата Света Тројица во селото Утјовка, дело на Григориј Журављов

Црквата повторно станала активна во 1989 година, кога мештаните започнале да ги враќаат во храмот зачуваните икони. Иако многу од нив и понатаму се расфрлени низ светот. Некои можат да се видат во Епархискиот црковно-историски кабинет на Московската духовна академија, но и во самиот Ермитаж. Кога станува збор за фреските, тие во советско време не биле уништени, ами биле скриени зад малтер. Во моментот се изведуваат работи за реставрација на фреските.

Фрески во црквата на Света Тројица во селото Утјовка, дело на Григориј Журављов

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња