Зошто обидот за убиство на Црвениот плоштад во 1942 година е толку мистериозен?

Кира Лисицкаја (Photo: Константин Кокошкин/Global Look Press; Анатолиј Гаранин/Sputnik; The Swedish Army Museum)

Кира Лисицкаја (Photo: Константин Кокошкин/Global Look Press; Анатолиј Гаранин/Sputnik; The Swedish Army Museum)

Кога на 6 ноември 1942 година автомобил на еден висок државен службеник со придружба влезе на Црвениот плоштад, еден човек во војничка униформа отвори оган, нишанејќи му на функционерот во гради. Со години овој случај беше мистерија за иследниците. Дали тоа беше нацистичка шпионска завера, контрареволуционерна завера или напад на „волк самотник“?

Мистериозниот стражар

Страница од личното досие на Савелиј Тимофеевич Дмитриева обвинет од страна на НКВД на СССР.

Тоа се случи на 6 ноември 1942 година. Советската полиција и војската ја кренаа борбената подготвеност зашто високи гости почнаа да пристигнуваат на Црвениот плоштад, на прославата за 15-годишнината од Болшевичката револуција.

Разводникот Савелиј Дмитриев напладне стапи на дежурство во гаражата на својот полк. Во еден момент го напушти стражарското место и со пушката во раце тргна кон Црвениот плоштад. Откако стаса на плоштадот, се качи по скалите на таканареченото Лобно место, тркалезен објект од бел камен на пиедестал пред Соборот на Василиј Блажени. Порано тоа служело како место од кое руските цареви му се обраќале на народот.

Црвениот плоштад, Москва, 23 јуни 1941 година

Дмитриев ја прицврсти портата со жица и се сврте на сите страни. Тоа беше идеална позиција за вооружен човек кој планира убиство.

Таинствениот стражар на толку необично место беше сомнителен за патролата на Црвениот плоштад. Милицајците му се приближија, но Дмитриев ги збуни со својот отсечен одговор.

„Воена патрола. Испратена како зајакнување на обезбедувањето на Црвениот плоштад наспроти празничната ноемвриска парада“, одговори таинствениот стражар и се врати на своето место. Потоа неколку автомобили бучно минаа покрај него, а потоа обезбедувањето на Црвениот плоштад повеќе не обрнуваше внимание на човекот со пушка.

Инцидентот во 14:55

Официјален шематски приказ на атентатот на Анастас Иванович Микојан на Црвениот плоштад кај Лобното место што го состави НКВД на СССР.

Околу 14 часот и 55 минути од насока на Василевскиот Спуск покрај храмот Василиј Блажени се појавија службени возила на владата и во неколкуте следни моменти се случи еден помал инцидент. Гледано од денешна перспектива, овој инцидент е загатка која со години ја мачеше истрагата.

Имено, однекаде се појави запрежна кола со сено и го помина патот пред автомобилот во кој се наоѓаше народниот комесар за надворешна трговија Анастас Микојан. Изгледаше дека коњот му избегал од контрола на кочијашот, па возачот на Микојан мораше да заврти надесно за да избегне судир со запрегата. Така тој всушност се приближи до Лобното место и забави.

Во тој момент Дмитриев ја крена пушката и трипати испука во насока на возилото.

Сомнителна коинциденција

Јосиф Висарионович Сталин и народниот комесар за прехранбена индустрија на СССР Анастас Иванович Микојан (лево), 1935 година.

Сфаќајќи дека тоа е напад, возачот на автомобилот даде гас, а од возилото кое го придружуваше излегоа припадници на НКВД и отворија оган.

Атентаторот одговори на огнот, но по експлозијата на граната одлучи да се предаде.

Истрагата сесрдно се зафати со работа, имајќи предвид дека жртва на атентаторот можеше да биде и Јосиф Сталин.

Сосема природна претпоставка беше дека станува збор за нацистичка завера со цел ликвидација на шефот на советската држава за време на војна, или, како алтернатива, дека станува збор за контрареволуционерна завера, исто така со цел ликвидација на Сталин. Зашто ако не е нешто од тоа, тогаш не е можно да се поврзат сите коинциденции кои доведоа до атентатот и да се формулира валидна верзија. Како се нашла колата во близина на Црвениот плоштад? Како тоа обезбедувањето не обрнало внимание на непознатиот човек кој со часови дежурал на возвишеното Лобно место? Овие прашања со години ги мачеа иследниците.

Судење под печатот на државна тајна

Голема татковинска војна 1941-1945. Радио-технички единици за ПВО го штитат небото над Москва, август 1941 година.

Дмитриев не соработуваше активно со истрагата. Призна дека планирал атентат врз Сталин, и тоа беше сѐ што од него можеше да се дознае.

Истрагата и судскиот процес не беа достапни за јавноста. По долгите и интензивни сослушувања, сепак останаа неколку клучни празнини.

На пример, не е јасно дали во склоп на истрагата бил сослушуван кочијашот.

И што е уште поважно, дали Дмитриев бил психички здрав. Специјална комисија, за волја на вистината, дојде до заклучок дека атентаторот немал никаква психичка болест, но постоеле докази кои сведочеле дека Дмитриев имал аудиохалуцинации и дека имал психички нестабилни реакции.

На крајот, беа исклучени верзиите за тајни завери и беше дојдено до едноставен заклучок дека станува збор за потфат на „волк самотник“. Сепак, истрагата траеше шест години пред случајот да биде предаден на суд. Не е јасно зошто целиот процес толку се развлече. Можеби истрагата била продолжена неофицијално, во потрага по траги за евентуална завера?

Јосиф Стаљин (во центрот), Вјачеслав Молотов (втор одлева), Анастас Микојан (одлева) и Михаил Калинин (десно) ги поздравуваат учесниците на Првомајските демонстрации од подиумот на Лениновоиот мавзолеј, 1936 година.

Дури во 1950 година судот го разгледа атентатот на Црвениот плоштад. Дмитриев беше прогласен за виновен и осуден на смрт. Стрелачкиот вод ја изврши пресудата истиот ден.

Пошироката јавност во СССР никогаш не дозна за пукањето на Црвениот плоштад, како ни за истрагата, за судскиот процес и за погубувањето.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња