Како се пишувале пријавите во СССР?

Archive photo
На почетокот на советската епоха дури и децата пишувале дојави против своите родители. Многумина искрено верувале дека прават добро дело и дека таквата мерка е неопходна.

„Партијата поседува многубројна армија доброволни информанти. Имам целосна претстава за сите и за секого“, тврдеше раководителот на СССР Константин Черненко. Пријавувањето навистина беше една од важните карактеристики на советското општество од основањето до нејзиното распаѓање.

Власта самата ги поттикнувала жителите внимателно да набљудуваат за некој „народен непријател“ да не се инфилтрирал меѓу чесниот народ и да пишуваат пријави кога нешто ќе им стане сомнително. Така во Кривичниот законик од 1926 година предвидена е затворска казна за „непријавување ако со сигурност е познато дека се подготвува или се врши контрареволуционерно злосторство“. Од друга страна, за лажно обвинение била исто така предвидена затворска казна.

Во советската државна реторика пријавите се нарекувале „сигнали“. Секој граѓанин имал обврска да „отвори четири очи“ и веднаш да им „испрати сигнал“ на правосудните органи штом забележат некое „сомнително лице“ во околината.

Многу советски граѓани имале искрена желба со пријавувањето да ѝ помогнат на државата во борбата против „непријателот на револуцијата“. Други, пак, го користеле овој систем за сопствени потреби.

Правдата да биде задоволена

„Во Михајловскиот реон (Запорошка област) тужителот Острокоњ е криминалец, ги пустоши семејствата на црвеноармејците, краде намирници кои му припаѓаат на колхозот, упропастувајќи ја економијата на колхозот, груб е кон подносителите на жалбите. Подносителите на жалби лошо се опслужуваат... Крајно време е ова лице да се подвргне на проверка“, има напишано црвеноармеецот Соколов во својата пријава до органите на Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД).

„Несебичните“ автори на пријавите често биле анонимни, потпишувајќи се само како „партизан“ или „член на партијата“. Понекогаш овие „анонимуси“ навистина биле поттикнати од несебични чувства и од желбата правдата да биде задоволена. Сметале дека е подобро да се напише жалба директно во НКВД или „лично на Сталин“, одошто со мака да се пробиваат низ огромната и тромава армија чиновници и бирократи.

На некои волонтери ова им станало слатко, па по првата и втората пријава повеќе не можеле да запрат. Познат е случај кога еден ваков борец против злоупотребата во Московската област на сите можни инстанции им испратил над 300 „сигнали“. Неговите обвиненија во најголем број не биле потврдени.

За кариера и за привилегија

Често авторот на пријавите не се раководел од добри намери. Мотивите за упатување жалби до „највисокото раководство“ можеле да бидат професионална завист или желба да му се напакости на некој колега.

Така во 1937 година била напишана пријава против младиот службеник на Народниот комесаријат (министерство) за земјоделство Иван Бенедиктов. На некои луѓе не им се допаднало тоа што момчето е толку вредно, што професионално си ја извршува својата работа и што брзо напредува во кариерата.

За среќа на Бенедиктов, на Сталин му биле потребни квалитетни кадри, па на младиот службеник наместо судење му била доверена функцијата народен комесар за земјоделство на СССР. Иван Александрович длабоко се потресол кога го видел текстот на пријавата: „Тука се имаат потпишано луѓе за кои сметав дека ми се најдобри пријатели и во кои имав апсолутна доверба“.

Покрај спорадичните клеветници, во работните колективи можеле да постојат и луѓе на кои тоа им било „работа“. Нина Маљцева тогаш работела во советските средства за јавно информирање и еве што вели: „Секоја установа си имаше свој 'цинкарош', доушник на НКВД, чија задача беше да ги пронаоѓа 'народните непријатели' и да ги пријавува. А, потоа остануваше на НКВД кога и каде тој човек ќе биде уапсен. Во нашата редакција сите нѐ отчукуваше Мојсеевич, тупац, дрзок и лукав човек. Тој уживаше во својата власт. 'Цинкарошот' се меткаше насекаде, во сѐ го ставаше својот нос и на сите им се закануваше. Тој инаку беше економ. Неговото работно место само по себе не беше ништо особено, но овој човек на душа ги носеше животите на многумина несреќници. И совеста не го мачеше. Тој немаше совест“.

Семејни односи

Пријави не пишуваа само колегите на работа. Со тоа се занимаваа и соседите, па дури и домашните. Да кажеме, доколку некој во колхозот се однесуваше како диверзант и придонесуваше до опаѓање, а не до напредување на колективното земјоделско стопанство, доволно беше само да се пријави на властите дека неговиот сосед на ѕидот има портрет на Троцки, и „проникливиот граѓанин“ за тој подвиг ќе беше дарежливо награден на работното место.

Репродукција на сликата „Павлик Морозов“ на уметникот Никита Чебаков, 1952.

Среде толку моќната и сеопфатна пропагандна кампања се случуваше дури и деца да пишуваат пријави против своите родители, Најпознат е случајот на Павлик Морозов. Тринаесетгодишниот Павел на властите им го предаде татка си кој го поткрадувал социјалистичкиот имот, поради што потоа роднините на таткото за одмазда го убија момчето. Павлик посмртно беше третиран како херој – се креваа споменици за него, се пишуваа книги и поеми.

Ученикот Митја Гордиенко од Ростовската област ги „отчукуваше“ жителите од своето село зашто на колхозното поле собираа паднато класје (според „законот за три класа“ од 1932 година смртна казна се пропишуваше за кражба и на неколку зрна пченица). Благодарение на трудот на момчето беше уапсена една жена која доби десет години строг затвор, а нејзиниот сопруг беше стрелан. За својот „подвиг“ Митја беше награден – доби рачен часовник со изгравирано име, пионерска униформа и годишна претплата на локалниот весник „Ленинские внучата“ („Ленинови внучиња“).

Пионерката Оља Баликина испрати 16 лица на обвинителна клупа зашто го „поткраднувале и го поткрадуваат имотот на колхозот“. Проња Колибин ја пријави мајка си и за возврат доби летување во пионерскиот камп Артек.

Вјачеслав Молотов, Јосиф Сталин и Климент Ворошилов на централниот аеродром, 25 јуни 1937 година.

Трендот на пишување пријави го постигна својот врв во времето на Сталин, односно во триесеттите и во четириесеттите години од минатиот век. По смртта на „таткото на народот“ започна да се намалува, но и понатаму остана дел од советското општество сѐ до распадот на СССР. Еден дел од архивата на органите за државна безбедност сѐ уште се наоѓа под печатот на државна тајна, така што ниту денес не се знае колку пријави вкупно се напишани во советскиот период.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња