Дали свирепите Скити навистина биле предци на денешните Руси?

Виктор Васнецов / Руски музеј / Public Domain; Скитски воин, втора половина на 7 и почеток на 6 век пред новата ера / GNU Free
Овие неустрашиви номади живееле неколку векови пред новата ера и им втерувале страв во коските на многу древни народи. Голем дел од нивната огромна држава се наоѓал на територијата на современа Русија.

„И не само во Европа, ами дури и во Азија не постои народ кој самостојно би можел да се одбрани од Скитите, доколку тие беа единствени“, има напишано старогрчкиот историчар Тукидид за номадите кои од 8 до 3 век пред новата ера живееле на огромната територија од Алтајските планини до Дунав. Во своите воени походи Скитите стасувале до Египет и го победувале прочуениот персискиот цар Дариј, како и војсководецот Александар Велики.

Поголемиот дел од пространството на кое живееле Скитите ја зафаќа територијата на денешна Русија. Тука сѐ уште се откриваат нивните многубројни хумки. Со оглед на тоа, не е ни чудно што во Русија отсекогаш бил мошне популарен свирепиот воин кој на бојното поле бил храбар, а на трпеза пиел вино без да го разреди (што суптилните Грци го доживувале како дивјаштво). Тука долг период била доминантна идејата дека рускиот народ има потекло од овие древни воини. Во која мера е точно ова тврдење?

Големи номади

Претставник на скитскиот народ // Скитски воин, втора половина на 7 и почеток на 6 век пред новата ера

„Да, ние сме Скити! Да, ние сме Азијати, со коси и крупни очи!“, има напишано во 1918 година познатиот руски поет Александар Блок. За волја на вистината, ова не е сосема точно. Скитите биле типични европеиди и немале ништо заедничко со монголоидите. Тие во 7 век пред нашата ера се движеле од Азија на запад и стасале на северниот брег од Црното море, потиснувајќи ги оттаму Кимеријците, исто така номадски народ.

Бркајќи ги Кимеријците, Скитите ги преминале Кавкаските плани и продреле на Блискиот Исток. Таму извесно време биле една од најмоќните военополитички сили. Војувале против Асирија (а, потоа стапиле во сојуз со неа), ја победиле Медеја и оделе во воени походи на царството Урарту (Ерменија) и Египет. Фараонот Псамтик Први им платил на Скитите за да не влезат во неговата земја.

Јунаштво на Скитите, 1809 година, Јозеф Франсоа Дак

Скитите извојувале победи благодарение на тешката коњица. Научниците проценуваат дека Скитија имала помеѓу 300.000 и 700.000 жители, што значи дека нивната војска можела да брои помеѓу 60.000 и 150.000 добровооружени коњаници, кои од детството учеле да јаваат.

„Во текот на дваесет и осум години Скитите владееле со Азија. Полни со дрскост и презир, тие за тоа време опустошиле сѐ“, пишува „таткото на историјата“ Херодот: „Зашто, покрај тоа што од секој земаа данок, кој им беше наметнуван на сите, тие уште и минувајќи низ земјата на секој му го одземаа она што го поседува“. Овие номадски воини во 625 година пред нашата ера биле потиснати од регионот и конечно се вратиле на северниот брег на Црното море, кое во тоа време Грците веќе го имале колонизирано.

Крајно се оскудни податоците за политичкото, за економското и за социјалното устројство на скитската држава. Скитите немале сопствено писмо, така што главните извори на податоци за нив доаѓаат од трудовите на старогрчките автори, како и од многубројните гробници во облик на хумки кои се раштркани по јужните степи на Русија и на Украина.

Огромната Скитија веројатно била сојуз на многу племиња. На нејзино чело имало цареви со неограничена деспотска власт. „Скитите не основаат ниту градови, ниту тврдини. Сите тие се коњаници и стрелци, и своите домови ги носат со себе, не хранејќи се со помош на плуг, ами со одгледување стока“, пишува Херодот.

По повлекувањето од Блиски Исток овие номади однеле уште неколку големи воени победи кои останале забележани во историјата. На пример, во 512 година пред нашата ера го победиле персискиот цар Дариј Први кога тој тргнал во поход на северниот брег на Црно море, и тоа така што најпрво ја пуштиле неговата војска да влезе длабоко на скитската територија. Потоа во 331 година пред нашата ера во борба против Скитите паднал и војсководецот на Александар Македонски Зопирион со 30.000 војници.

Скитската држава паднала некаде помеѓу 280 и 260 година пред нашата ера под притисок на Сарматите, исто така номади. Скитите тогаш изгубиле голема територија. Го задржале само долниот дел од текот на Днепар и дел од Крим, и тука станале „сесилни“, односно се откажале од номадскиот начин на живот и се врзале за земјата (оние што преживеале). Скитите биле збришани од политичката карта на светот во текот на Големата преселба на народите во 4 век од нашата ера.

Имаат ли Русите скитско потекло?

Некогаш моќниот номадски народ исчезнал, но називот „Скити“ останал. Така во Византиската Империја се нарекувале сите северни „варвари“, пред сѐ Словените, кои повремено вршеле воени походи на Константинопол.

Во Русија идејата за „скитско наследство“ била популарна почнувајќи од 17 век. За тоа непосредно има пишувано историчарот Андреј Лизлов во 1692 година во својата „Скитска историја“. Оваа тема во своите „Белешки за руската историја“ ја има споменато и императорката Екатерина Втора.

Во руската култура од почетокот на 20 век „скитската тема“ почнала да станува популарна. На пример, во стиховите на поетот Валериј Брјусов од 1916 година пишува: „Ние сме оние на кои во старите времиња им се шепотело со неволен пристап во митовите елински: Народ кој ја засака необузданоста и војната: Скитите, синовите на Херакле и Ехидна“.

Битка на Скитите со Словените, Виктор Васнецов.

Во која мера остатоците од некогашната моќна скитска цивилизација (таканаречените сесилни скити-орачи) зеле учество во етногенезата на источните словенски племиња? Ова прашање во современата наука не е решено. Хипотезата дека Скитите се директни предци на Словените засега не е потврдена ниту со археолошки, ниту со антрополошки, ниту со генетски, ниту со лингвистички податоци.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња