Павел Миљуков и идната Југославија: Патопис на најистакнатиот руски либерал од почетокот на XX век

Павел Миљуков

Павел Миљуков

Public domain (Color by Klimbim)
Павел Миљуков е личност од руската историја која има стекнато прилична популарност уште додека бил жив. Историчар, талентиран говорник, лидер на Уставотворно-демократската партија, пратеник во Државната дума во два состави, министер за надворешни работи во 1917 година и, на крајот, емигрант кој животот го завршил во 1943 година во Франција. Сиве овие различни одредници се однесуваат на оваа впечатлива личност. А, балканските земји биле еден од постојаните предмети на интерес на Миљуков.

Павел Миљуков потекнува од старо благородничко семејство. Роден е во 1859 година во Москва во семејство на архитекти. Уште пред да заврши гимназија 18-годишниот Миљуков ги следи настаните на Балканот, каде во седумдесеттите години од 19 век избиле побуни против Турците. Овие настани толку силно влијаеле на младиот Миљуков што по завршувањето на гимназијата се пријавува во доброволничкиот санитарен одред кој требало да замине во Бугарија. Но, во таа пригода на Миљуков не му било судено да стаса на Балканот. Одредот бил испратен на друго поприште на воени дејствија, на Јужен Кавказ.

По враќањето од војната Миљуков се запишува на историско-филолошкиот факултет на Московскиот универзитет. Од 1886 година Миљуков е приват-доцент на универзитетот што го завршил, држи предавања во различни образовни установи и во различни градови. На едно такво предавање во Нижни Новгород предавачот критички ја оценил автократската власт, што предизвикало негово отстранување од предавачката позиција. По краткото прогонство во Рјазањ тој за првпат директно се запознава со Балканот. Иако не стасал во Бугарија за време на руско-турската војна, тој таму доаѓа во 1897 година на повик на министерот за народна просвета во оваа земја Константин Величков – со цел да одржи курс предавања на Софиската висока школа. Но само една година подоцна, на инсистирање на руските дипломати, во Бугарија му е ускратена предавачката дејност.

Повторно балканската (овој пат југословенска) тема во животот на Миљуков се појавува сосема неочекувано. Во 1903 година тој со успех во САД држи предавања за Русија, а Американците бараат ист ваков курс да одржи за Јужните Словени. Со цел да ги дополни своите знаења за словенските народи од југот на Европа, Миљуков летото 1904 година за првпат заминува на Западен Балкан.

На почетокот на ова патување одлучил, како што се вели, да ги поврзе убавото и корисното, и заедно со семејството заминува во Опатија, која кај Русите била популарно место за одмор на море. По шетањето низ паркот и по брегот двојката Миљукови разговараат таму со „интелигентни старци“ од Русија кои биле нивни соседи во хотелот.

Во Истра и во Далмација, кои тогаш биле дел од Австро-Унгарија, вниманието на Миљуков не го привлекуваат само локалните знаменитости – како, на пример, пулскиот амфитеатар кој го воодушевил – ами и порастот на националното словенско движење во овие земји во кои сѐ уште било силно италијанското културно влијание.

„Словените тука, во Истра, собираа оскудни средства за издржување на библиотеките во кои можеа да читаат локални национални весници и тајно да разговараат со сигурни луѓе за политиката“, се сеќавал подоцна Миљуков.

Потоа тргнал во Јадранското море по должината на далматинскиот брег, посетувајќи ги по пат градовите како што се Задар, Шибеник, Трогир, кои врз него оставиле ист впечаток на „италијански фасади“ под кои се крие словенското мнозинствово овие градови.

Впечаток на него оставил и Сплит со својот дворец на римскиот император Диоклецијан и, секако „задолжителниот центар за собирање на туристите од сите нации“ – како што го опишал Миљуков Дубровник. Опишувајќи ги неговите архитектонски и природни убавини, тој не заборавил да спомене дека своевремено овој град бил не само центар на ренесанса на културата и на уметноста, ами и самостојна република, која можела себеси да се заштити од Млечаните под чија власт во тоа време се наоѓале другите градови на Далмација.

По уживањето во „убавините на Которскиот залив“ Миљуков, на крајот, го завршува својот приморски пат и го продолжува патувањето по југословенските земји во североисточна насока, наминувајќи и во пределите на независното Црногорско Кнежевство. Поминувајќи го „пустото царство на западна Црна Гора“, вклучително и прочуената планина Ловќен, патникот се нашол на „најшироката улица на малото село со звучен назив – Цетиње“. Во својот опис на Црна Гора Миљуков во целост е немилосрден. Кнежевскиот двор на Цетиње, кој на почетокот не го забележал, го споредил со обична спаиска куќа, министерствата со тезги, и отворено го исмева називот на главниот хотел на црногорската престолнина – Хотел „Гранд“. Миљуков не се изразил со пофалби за политичкиот систем на Црна Гора, ниту за кнезот Никола Втори Петровиќ Његош, кој, според него, во целосна сопственост го држел не само хотелот „Гранд“, ами и цела Црна Гора.

Потоа отишол во Босна и Херцеговина која долго се наоѓала под османска власт, но од 1878 година била под окупација на Австро-Унгарија. Во своите сеќавања Миљуков особено истакнувал дека австриските окупациски власти многу построго го казнувале изразувањето на националните чувства на Србите кои живееле во овие краишта, одошто тоа своевремено го правеле Османлиите. За време на патувањето по Босна мошне го интересирало српското национално движење кое тогаш било во пораст, со чии поедини претставници Миљуков имал можност лично да разговара, како и со претставниците на австриските власти кои со задоволство го снабдувале со материјали за управувањето во овие делови од земјата.

Откако блиско се запознал со сите страни на животот во Босна и Херцеговина, Миљуков заминал во Загреб, идната престолнина на независна Хрватска, а во тоа време главен град на Кралството Хрватска и Славонија во состав на Австро-Унгарија. Во текот на патувањето со воз од Сараево до Загреб имал интересен разговор со сопатниците по кој Миљуков непосредно можел да ја доживее длабочината на меѓуетничките судири во регионот.

„Ја прашав на српски: 'Дали сте Србинка?' На нејзиното лице за мене неочекувано се одрази крајно негодување. 'Каква Србинка? Јас сум Хрватка!' 'Но, тоа е едно исто' – одговорив јас - 'и вашиот јазик е речиси ист'. 'Воопшто не е така: ние сме два различни народи!' Веќе сфатив за што станува збор, но продолжував да прашувам: 'Како различни? Во што се огледаат разликите?' Мојата соговорничка малку се збуни, но брзо го најде саканиот одговор: 'Ние сме високи и со руси коси, а тие се ниски и црномурести'“.

Опишувајќи ја оваа епизода во своите сеќавања многу години подоцна, Миљуков овој аргумент ќе го нарече „хитлеровски“. Но, и тогаш и приговорил на сопатничката, укажувајќи на тоа дека Хрватите и Србите се „еден југословенски народ“ и дека раздорот меѓу нив го внесува исклучиво католичкото свештенство. „Колку зло има направенo и продолжува да прави оваа патем спомената, но не случајна тема!“, заклучува тој.

Самиот Загреб, крајната дестинација на југословенското патување на Миљуков оставил на него исклучително пријатен впечаток. Тој се воодушевува на политичкиот систем на тогашна Хрватска со нејзините бројни партии и развиениот јавен живот. Во тоа време Миљуков се стекнал со впечаток дека токму на ова место на национална и политичка противречност можат да се решат „на цивилизиран начин“ (што, за жал, не се потврдило). Миљуков ги признава и вредностите на културниот живот на Загреб и на Хрватска, истакнувајќи ја „духовната префинетост“ на хрватската култура, „на која на Дунав уште долго мораат да се учат“. По посетата на Загреб Миљуков преку Виена се враќа во Русија, благодарение на предреволуционерното расположение...

Истата 1904 година Миљуков повторно заминува во Чикаго, каде држи предавања за Јужните Словени засновани на опишаното патување. Но, првата руска револуција која започнала во јануари 1905 година го принудила да го прекине курсот предавања и да се врати во Русија. Потоа Павел Миљуков станува лидер на Уставотоворно-демократската партија и пратеник во Државната дума, една од централните фигури на политичкиот живот на Русија на почетокот на минатиот век.

Морал да мине низ бројни тешки животни фази, но балканските земји биле еден од постојаните предмети на интересирање на Миљуков во значаен дел од неговиот живот. Во сеќавањата што ги има напишано на почетокот на четириесеттите години од минатиот век тој толку детално и со толкав жар го опишува своето балканско патување, што не постои сомнение дека впечатоците од овој регион оставиле длабока трага во животот на рускиот политички деец од втората половина на 19 век.

Статијата е преземена од сајтот Balkanist.ru.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња