Скопени на селските гробишта во Јакутската област
Слободни извориСекташите самите себеси не се нарекувале „скопени“ (на руски скопцы), ами попрво избирале романтични епитети: „Јагниња Божји“, и „Бели гулаби“. „Гулабовите“ заедници во еден период цутеле меѓу неписмените селани во внатрешноста на Русија, но и во куќите на трговците во Санкт Петербург.
Ритуалната самокастрација и порано можела да се сретне кај луѓето кои себеси се сметале за христијани. Најважната догма на скопеничката вера, којашто и древниот филозоф Ориген го поттикнала самиот себеси да се кастира, бил стих од Евангелието според Матеј: „зашто има скопени, така родени од мајчината утроба; а има скопени и од луѓе, но има и такви што се скопени само заради царството небесно. Кој може да прими, нека прими“ (Мт 19, 12). Подоцна секташите потполно безбедни цитати од Светото Писмо почнале да ги толкуваат онака како што ним им одговара. На пример, тврделе дека Христос не им ги измил нозете на своите ученици, туку дека всушност ги скопел.
Кастрирање на „бел гулаб“
Слободни извориМоже да се каже дека сектата скопени била само една компонента на пошироката секташка заедница. Таа се одвоила од сектата „камшикари“ (тоа е „народска“ секта со строг аскетизам и богослужен ритуал која се состои од танц во екстаза), а тие, пак, настанале од староверците (староверците во 17 век се одвоиле од Руската православна црква зашто не сакале да прифатат враќање на определени општоправославни oбреди, како што е, да кажеме, крстењето со три прста). Скопените го задржале сфаќањето на камшикарите, но отишле понатаму во својот фанатизам. Практикувале „огнено крштевање“ во вид на кастрирање кај мажите и отсекување на градите кај жените.
Камшикари:
Камшикарите се секта која се појавила кај народот. Тоа е интересен спој на христијански, пантеистички и дури и будистички мотиви. Наместо богослужба камшикарите скокале во екстаза, а наместо цркви и свештеници живееле во комуни каде предводникот на заедницата го третирале како Христос. Избегнувале алкохол, тепачки, прослави, пцовки, а во определени заедници била дури и забранета телесна врска со сопствената жена.
Камшикари за време на молитва
Слободни извориСе смета дека сектата на скопени ја основале тројца селани од Орловската губернија, кои самите себеси се кастрирале, а покрај нив тоа го направиле уште 30 луѓе. Тие верувале дека на овој начин ќе се ослободат од гревовите на страста и дека на таков начин ќе се здобијат со вечен живот. Еден од кастрираните бил и Кондратиј Селиванов. Тој набргу потоа се прогласил себеси за Христос. Сектантите во 1772 година биле прогонети во Сибир, но тоа му одговарало на самопрогласениот маченик. Селиванов 20 години подоцна се вратил во Санкт Петербург како познат мистик и во својата вера преобратил десетици селани.
Кондратиј Селиванов
Слободни извориВо последната деценија од 18 век скопени се појавиле и меѓу трговците и војниците, а во 1802 година во сектата влегол и првиот благородник – Алексеј Еленски. Тој исто така се иснпирирал од духот на скопените додека бил во прогонство. Еленски во 1804 година му предложил на царот власта на Русија да им ја довери на скопените, поради што повторно бил испратен во прогонство.
Селиванов не се мешал во политика. Тој со своите „богослужби“ станал популарен во високото општество на престолнината, кадешто мистиката тогаш била во мода. Чиновникот Лубјановски запишал дека, наводно, пред битката кај Аустерлиц и самиот цар Александар Први го посетил Селиванов. Скопениот го преколнувал „да не се започнува војна со проклетиот Французин“ и предвидел пораз на руската војска.
Периодот во кој сектата легално постоела е завршен во 1817 година кога двајца гардисти самите себеси се кастрирале. Селиванов тогаш бил уапсен, но веќе било доцна зашто сектата се проширила низ градовите.
Танц на скопените
Слободни извориКон средината и кон крајот на 19 век скопените биле вообичаена појава во Русија. „Скопеник на тезга изнајмува стан на кат“, пишува Достоевски во „Идиот“. Сектата привлекувала различни слоеви на општеството. Трговците и благородниците тоа го доживувале како нешто модерно, како мистична егзотика. Воведувањето на скопеничките мотиви во фолклорот и „народскиот“ имиџ на сектата придонеле за нејзината популарност кај селаните. Многумина самите себеси се подвргнувале на мачење, верувајќи им на скопените дека така ќе се здобијат со вечен живот, со оглед на тоа што телесната врска е грев. Големите богатства што сектата ги стекнала ги користела за прозелитизам: ги откупувала неслободните селани, им давала засолниште на децата без родители и ги поддржувала сиромашните. Постојат различни податоци за бројноста на скопените. Според едни извори стои дека ги имало шест илјади, а според други стотици илјади, па дури и неполн милион.
Членови на сектата скопени
Слободни извори„Борбата против сектите пред Револуцијата не била ефикасна. Често на сектантите им се гледало низ прсти“, вели Сергеј Цоја, стручњак за секти. „Освен тоа, во 19 век власта слабо ги контролирала големите територии. Загрозените заедници заминувале на север или во Сибир“. Сектата е уништена дури за времето на репресиите и на апсењата на Сталин.
Денес се смета дека скопеништвото е уништено. Извесни непотврдени извори споменуваат дека постојат 400 преживеани скопени, но за тоа нема докази. Како денешна „верзија“ на скопените со малку имагинација би можеле да се третираат маргиналците во Русија кои за себе велат дека се „антисексуалци“. Во Русија има некаде околу 2.000 антисексуалци, а меѓу нив има и побожни аскети“, вели Мира, активист на движењето. „Извесен број антисексуалци го одобруваат самокастрирањето“, додава тој.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче