Како Козаците ја освојувале Африка: Приказната за Нова Москва на црниот континент


Козаци во Африка

Козаци во Африка

Јавен домен
Абисинија, како христијанска земја, ќе ги пречека со широко отворени раце руските православни доселеници, мислел еден министер на рускиот цар. Бил потребен уште само човек со цврст карактер кој би ја презел задачата за основање руска колонија, па по кратка потрага изборот паднал на авантуристот Николај Ашинов, козак од Терек.

Во трката за поделба на Африка што се одвивала во осумдесеттите години на XIX век Русија се приклучила доцна. На Берлинскиот конгрес (1884-1885) Велика Британија, Франција, Холандија, Белгија, Шпанија и Португалија го поделиле африканскиот континент, оставајќи ги Австро-Унгарија, Шведска, Данска, Италија, Турција и Руската империја без ништо. Младата држава Италија се побунила и добила неколку подрачја. САД биле заинтересирани само за Либерија, поради проектот за враќање на африканските робови во нивното место на потекло, смислен 1822 година.

Русија не добила територии на големиот континент. „Веќе е доволно голема“, помислиле европските сили, кои со недоверба гледале на рускиот џин, победен во Кримската војна (1853-1854). Но, не сите биле подготвени да се помират со таа одлука.

Русите ја преземаат иницијативата

Рускиот царски министер Константин Победоносцев во 1888 година испланирал специјална мисија на брегот на Црвеното Море со идеја за воспоставување колонијална база. Абисинија, како христијанска земја, ќе пречека група руски православни доселеници со широко отворени раце, мислел тој.

Сергеј Левицки

Потребен бил човек со силен карактер кој на Црниот континент би ја презел задачата за основање руска империјална колонија, па по кратка потрага, изборот паднал на авантуристот Николај Ашинов, козак од Терек.

Николај Иванович Ашинов (1856-1902)

На 10 декември 1888 година тој испловил од Одеса со бродот „Корнилов“, на кој имало 165 мажи, жени и деца: 30 Козаци, 12 Черкези и други жители од околината на Одеса. На бродот имало и четворица свештеници, меѓу кои и архимандрит по име Паисиј.

Ашинов на сите им раскажал дека султанот на Таџура, Мухамед Лоитах, му ја подарил земјата на која ќе живеат.

Африка, нова руска колонија

Патниците кои имале намера да ја прошират територијата на Руското царство, кое во тоа време се протегало од Полска до Алјаска, стигнале до египетското пристаниште Александрија, а потоа се качиле на рускиот брод „Лазарев“ кој ги донел до Порт Саид. Оттаму го продолжиле патувањето до ветената земја со австрискиот трговски брод „Анфитрит“.

Штом се истовариле на копно, Русите ја одржале првата верска служба. Меѓутоа, уште во текот на првите денови на африканска почва дошло до судири со локалното население. Некои Козаци украле добиток од соседното племе Данакил и пукале во селаните кои се обиделе да си го вратат добитокот. Султанот на Таџура му наредил на Ашинов да му плати на племето Данакил 60 сребрени франци поради тој инцидент. Меѓутоа, Ашинов набрзо му испратил на Мухамед Лојтах вест дека рускиот цар му нуди заштита, која стигнала и до Французите и ги вознемирила.

Русите решиле да ја сменат својата позиција и на 28 јануари 1889 година стигнале до старата египетска напуштена тврдина Сагало во близина на Аденскиот залив.

Тврдината Сагало

Абисинците срдечно ги примиле и се согласиле да ја испратат руската пошта во главниот град. Етиопскиот цар Јоханес IV го израдувала веста за доаѓањето на Русите и барал да основаат воена база, очекувајќи дека Словените ќе му помогнат во војната против Италијанците.

Французите биле против

Руската колонија била прилично скромна по изглед, но и покрај таа едноставност, Ашинов и неговите луѓе ја нарекле населбата Нова Москва и измислиле знаме за новата територија. Ги комбинирале руската тробојка и крстот на Андреевското знаме.

Знамето на колонијата Нова Москва

Немирните Козаци барале да им се даде дозвола да ги напаѓаат караванските рути кои минувале преку нивната територија, а Ашинов им платил со злато и сребро за да ги ублажи нивните воинствени инстинкти и да избегнат поголеми зла.

Французите, кои пред Русите се населиле во Обок и во 1883 година воспоставиле протекторат, вклучувајќи го и подрачјето окупирано од Русите, брзо покажале што мислат за Нова Москва.

Ашинов се обидел да ги смири, нудејќи им да го подигне знамето на колонијата до француското знаме. Меѓутоа, кога вестите за присуството на Русија на тоа подрачје стигнале до Париз, француската влада наредила доселениците веднаш да бидат разоружани и депортирани. Во исто време, Париз барал од властите на Руското царство да го објаснат присуството на Козаците на територијата под француска контрола.

Рускиот амбасадор во Париз одговорил дека Ашинов не е руски дипломатски претставник и го оставил на милост и немилост на Французите.

Капитулација на Нова Москва

Сагало или Нова Москва

На 16 февруари пред тврдината Сагало запреле четири француски воени брода. На Ашинов и неговите сопатници им било наредено да го положат оружјето и веднаш да се качат на бродовите кои ќе ги однесат во Обок, а потоа ќе бидат вратени во Русија.

Ашинов ја одбил наредбата (или, според некои извори, не ја разбрал) и Французите испукале 16 топовски ѓулиња врз руската населба. Осум лица загинале, 22 лица биле ранети. Ашинов кренал бела кошула во знак на капитулација. До средината на денот сите Руси биле на бродовите. На плажата останале околу 50 пушки кои не можеле да ја одбранат Нова Москва.

Враќање во Русија

Русите биле вратени во Обок, а подоцна депортирани во Одеса. Кога се открило што се случило во Сагал, руската влада одбила да признае каква било поврзаност со Ашинов и неговите луѓе. Царот Александар III не сакал конфликт со Франција, која преку своите банки требало да ѝ даде важен заем на руската влада. Царот им забранил на весниците да пишуваат за целата приказна и да ги интервјуираат повратниците. Сите биле принудно испратени во нивните места на живеење. Архимандритот Пајсиј во манастир во Грузија, Ашинов во оддалечен дел од Саратовската губернија без право на преселба од три години.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња